31 Мај, 2020
0.0275

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Објавено во: Колумни 03 Април, 2020

Да ви кажам право, драги мои, кога ќе го слушнам зборот „солидарност“, се ежам! Оти отсекогаш сум насетувал дека тоа е само еуфемизам за магаре. Затоа, бидете внимателни - кога некој ќе побара од вас да се солидаризирате, значи бара да ве намагарчи! Но, нејсе, криза е, вонредна состојба е, и разбирам дека оваа вонредна состојба, бара вонредни мерки, т.е. мора сите да бидеме солидарни. Или ајде да бидеме искрени – сите мора да бидеме магариња!

Но, бидете будни, драги мои! Оти, некои ќе испаднат поголеми магариња од други. Впрочем, во егоистичката логика на капиталот, тоа отсекогаш било така. Ене, вчера баш гледав на еден медиум, претставници од банкарскиот сектор, како се обидуваат од сите нас да направат магариња! Госпоѓата Штериева, претседател на Македонската Банкарска Асоцијација, вели никогаш не станувало збор за тоа банките да се откажат од каматите за време на шест-месечниот мораториум! И се обидува да го „аргументира“ тоа: „каматата е цената на кредитот, тоа е производот, како може да го продадеме производот без пари“, па уште побрилијантно финишира: „тоа е како да отидете да наполните бензин без пари!“ Мила госпоѓо Штериева, не знам дали до вас стигнале вестите дека нафтата се продава за 40 денари!? Да, губат продавачите на нафтени деривати госпоѓо! Сите губат! Сите губиме! Не знам дали тоа се гледа од вашиот кристален дворец, но надвор е војна и токму тоа се апелите на сите – во вонредна состојба, во кризна состојба, сите губат. И сите треба да го прифатат тоа и да се согласат на одредена загуба! Тоа е солидарност во криза, вака воопштено да ви дефинирам!

И вака сега, не-економски, едноставно да ве прашам – што ќе загубат банките!? Секако, јас не сум економист и тоа може во старт да биде основа за дискредитација на некои од овие ставови изнесени овде. Но, иако не сум економист, и иако и јас сум во категоријата на магариња, сепак не сум глуп. Не треба да сте доктор на економски науки за да ја направите елементарната математика. А башка, предавам логика. Еве еден силогизам, или што би рекле, дедукција на заклучок од неколку премиси:

1.  Дали се согласуваме дека е криза? – Да

2.  Дали во криза се очекува сите да загубат? – Да

3.  Дали солидарноста значи загубата рамномерно да се распореди? – Да

4.  Дали мораториумиот за шестмесечно неплаќање, значи загуба за банките? – Да

5.  Дали наплатувањето на камата во шест-месечниот период значи дека загубата ќе си ја компензирате после шест месеци и тоа „двојно“ – еднаш со условите за кредитирање на кои сум се согласил, плус шест месеци екстра камата? – Да

Заклучок: каде е тука загубата на Банката, т.е. солидарноста?

Еве, погледнато и поинаку:

1.  Дали би се согласил јас да примам минималец за доброто на сите? – Да

2.  Дали откако 3-6 месеци ќе бидам на минималец, работодавачот (во мојот случај МОН), ќе ми ја врати разликата од минималецот до полната плата, како што барате јас вам да ви ја плаќам екстра каматата? – Не!

3.  Значи, јас сум спремен да бидам солидарен, да бидам искрен – магаре, вие не? – Да!

Е, како бе така госпоѓо!? Да ви поедноставам, општиот заклучок е: криза е, сите губат! А под сите веројатно спаѓаат и банките? Но, во случајов не е така! Тие не губат апсолутно ништо! Или, на краток рок – во периодот на мораториум од шест месеци – ќе „изгубат“ (условно), но на среден рок (после овие шест месеци), тие ќе ќарат „дупло“ со додатна камата за шест месеци која првично ни самите не ја калкулирале во добивка. Дополнително, ако ѕирнете во извештаите на банките, ќе видите дека нема поподготвени правни субјекти во државава за вакви ситуации – па тие се со најмногу „заштеди“ од било кој друг. Сите до една имаат остварено добивка (значи добивка, не приход!) од 20-40 милиони евра! Значи, единствено што нив ќе ги погоди не е загуба, ами само намален ќар! Нема да бидат зијан, ами само ќе имаат помал ќар – и тоа не им чини!

Згора на тоа, како да не нè направи доволно магариња Штериева, па првиот човек на Развојната банка на (Северна) Македонија,Кире Наумов,уште бара од нас дури да им бидеме и благодарни на банките. И тоа со следнава аргументација: „ако се погледне севкупниот раст на економијата во последните години, ќе видиме дека банките непропорционално растеле во однос на тој раст на БДП-то“ (читај: сиве овие години биле во привилегирана состојба), но – внимавајте – тоа и да ти било добро: „затоа што ако не биле во така добра кондиција низ годиниве, сега нема да можеле да ја направат и оваа отстапка“ (да ни дадат грејс – период од шест месеци)! Оу, па фала им многу! Еве, во знак на благодарност нека ми ја дуплираат каматата!

И ја гледам целата таа дискусија помеѓу истомислениците Штериева и Наумов и се прашувам – дали до овие луѓе не стигнале новините дека земјава е во тотален хаос! И како што и секогаш бидува, уште еднаш, заради егоистичката логика на капиталот – стапот ќе го јадеме ние, магарињата. Идејата на државата е колку е можно тој стап да го направи помалку болен. Тоа е концептот на солидарноста, а со тоа и на државата, оти таа е инструмент на солидарноста. Но, тоа не важи за банките, секако, они не се магариња, ние сме. Дури, пазете, не сакаат да се согласат и на помала камата, евентуално преполовена...не! Ами целата, истата што ви е, ионака начукана до гркланот, при земањето на кредиот!

Солидарноста, драги мои, научивме од оваа криза, е за магарињата. Но, не и за банките, не и за лихварите, крвопиите, олигарсите! Од удобноста на нивниот кристален дворец, доволна жртва е што ќарот нема да им биде ист, или поголем од лани!Солидарноста, ах, солидарноста, драги мои, сепак е за нас магарињата. Солидарноста е:

-  за оние што дома шијат маски и бесплатно ги делат

-  за иновативните мали бизниси кои измислуваат визири

-  за ситните дуќанчиња што почнале бесплатно да делат прехрамбени продуки

-  за оние што доброволно им пазаруваат и помагаат на старите и изнемоштените

-  за бедниците што донираат за пребродување на кризата, а не за пребивање подоцна со данокот на добивка

-  за текстилните работнички кои без маски се туткаат во автобусите за да можат да ви го платат кредитот

-  за ситните претприемачи кои бараат начин како да помогнат на болниците со скромни производи во форма на донации

-  за докторите, сестрите и медицинскиот персонал кои ја бијат битката за сите нас, во мизерните болнички услови, кои вие секако не сте ги виделе, оти се лечите на друго место

-  за учителките кои во исчекување на минималецот подготвуваат он-лајн настава за дечињата да не се почуствуваат заборавено

-  за градинките кои нè крепат со виножитото „се ќе биде во ред“

-  за земјоделците кои нема каде да ги пласираат своите производи

-  за мајка ми што на 64 години оди на работа, затоа што и на таа возраст сè уште има кредити за плаќање

-  за татко ми што не знае дали ќе ја дочека пензијата следниот месец која крваво ја зараборуваше

-  за другар ми кои 20 и кусур години работи чесен бизнис, надвор од партии, тендери и мучки и сè уште нема џипови и базени

-  за сите магариња...

П.С.

Како што би рекол Жижек, социјалисти сме само у време на криза: тогаш државата дели шапом и капом...главно на капиталот/бизнисот! Кога после треба да се дели колачот - е тоа решава невидливата рака на слободниот пазар! Ајде беее! 

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Денот на младоста

Денот на младоста

Уште долго време, крајот нема да ни се наоѓа!

Уште долго време, крајот нема да ни се наоѓа!

Украина фатална за Трамп и Бајден

Украина фатална за Трамп и Бајден