19 Април, 2024
0.0277

Неделен Фактор: Победнички менталитет

Сите мора да се запрашаме - за што се бориме?

Објавено во: Колумни 04 Април, 2021

Добивај вести на Viber

"Некои се борат за она што било порано, други за иднината. Се бориме за љубов, се бориме за чест, се бориме за слава, се бориме за слобода. Некои се борат за своите деца, некои се борат за своите богови, но клучно е дека можеме да победиме само тогаш кога целосно ќе ги контролираме своите чувства и ќе имаме кристално јасна стратегија. Дека мора да воспоставиме поредок во нашите редови и да ги уништиме непријателските. Но, за што и да се бориме, ние ја плаќаме цената во крв. Сите мора да умреме, и виновните и невините. И сепак, ќе ни треба помош од оние горе кога нештата ќе тргнат наопаку. Вашиот несовладлив оклоп стана вашиот најголем товар. Но, најважно е да ги препознаете најголемите слабости на вашиот непријател и да вложите сè што имате точно во тоа место. А твојата најголема слабост беше твојата доверба во мене. Се прашувам за што ти се бореше? И дали вредеше? Никогаш не разбравте дека некои сакаат да љубат поинаку од вас. Да веруваат и да се чувствуваат поинаку од вас“.

Ова е замислениот говор на Арминиј или Херман, прататкото на Германија кој иако е посвоен од Рим и унапреден во врвен генерал се врти против неговиот посвоен татко Варус и на германските племиња им ја носи првата голема победа против моќната римска империја, токму во битката против Варус кој го претрпува најтешкиот пораз и го менува текот на светската историјата.

Таа Германија која денес е симбол на европската моќ, на победничкиот менталитет како спортски така и општествен, беше надиграна и победена на домашен терен од македонската репрезентација која е во подем. Често во минатите циклуси како главен виновник за неуспесите беше посочуван македонскиот или балканскиот менталитет. Тоа е она чувство на самоуништување, на поделби, на омраза, на барање вина во сите други освен во себеси.

Но, македонските херои покажаа неколку важни моменти кои може да ни послужат како силни лекции. Прво, ако се надмине комплексот на пониска вредност и се вложи целото срце и храброст на терен никој не е непобедлив. Па дури и една Германија која повеќе од две децении нема пораз на домашен терен во квалификациите. Второ што мора да научиме сите е една поширока слика. Само обединетите, здружени, без делби на етничка и верска основа можеме да бидеме победници.

Во изминатоиот период повторно се разбудија духовите на етничките поделби и недовербата. Одложениот попис беше изворот на говорот на омраза, на обвинувања дека некој сака да направи нов етнички инженеринг, па било каков и да беше исходот од пописот многумина ќе го искористеа за непризнавање и проблематизирање на резултатите.

Некои ќе се запрашаат во ваков контекст, па добро како Македонците, Албанците и сите останати да живеат заедно во слога, доверба и разбирање. Епа, доволно е да ги погледнете сликите од прегратките на Пандев и Елмас. На видеата од заедничките прослави во соблекувалната кога се пее Македонија, бисер балкански, Едно име имаме, Излези момче. Зарем на оваа глетка постои Албанец кој нема да ја чуствува Македонија за своја држава, за свој дом, за своја победа, за своја слава и чест, гледајќи ги фудбалските херои, гладијаторите на модерната ера.

Македонската држава веќе изгуби три децении во политички грабежи, уништување на институции и злоупотреба на меѓуетнички тензии за билдање на националистичките гласови на партиите. Уште повеќе што речиси никој не даде јасен патоказ како да се изгради граѓанско општество каде етничката, верската, расната и партиската припадност нема да бидат фактор на поделби и раздор, туку секој граѓанин на Македонија ќе може целосно да ги оствари своите права и да се чуствува како победник, рамноправен или прифатен.

Можеби звучи идеалистички, но навистина рецептот на фудбалската репрезентација треба да се преслика полека и во културата, уметноста, медиумите, а потоа и во институциите. Тоа е методот на зацврстување на заедништвото, на нормализација на општеството каде ќе се окупираме со албумот за сликички за Европско првенство, каде ќе следиме врвни престави, концерти, филмови, серии и комични шоуа во кои ќе ги истакнеме квалитетите на секој поединец, Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Србин, Бошњак, секој со своите особености и придонес.

Дали е ова тоа за што вреди да се бориме или ќе дозволиме националистичките слепила и етничкиот триумфализам на бројки и проценти да победи?

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок