Синот на градоначалникот на Радовиш влегол во проблеми со полиција
Објавено во: Македонија 03 Јуни, 2020
Ѓорѓи Конзулов, син на градоначалникот на Радовиш, Ѓерасим Конзулов, имал проблеми со локалната полиција, соопшти СВР Струмица.
Според соопштението, синот на радовишкиот градоначалник им се спротивставил на полицајците кога тие биле во контрола на угостителски објект со цел да проверат дали се почитуваат мерките за заштита и протоколите.
Како што објави Телма, Конзулов е сопственик на кафуле во Радовиш, но според информацијата, не може да се заклучи дали станува збор за неговиот угостителски објект и дали тој ги попречувал полицајците во извршувањето на службената должност.
Поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл. 382 ст.3 од КЗ, од страна на полициски службеници преземени се службени дејствија против 3 лица Љ.Р (29), Ѓ.К (36) и Р.Т ( 25) тројцата од с. Раклиш, општина Радовиш.
„Лицата се лишени од слобода и задржани во просториите на Полициска станица од општа надлежност Радовиш. И се работи на целосно разветлување и документирање на случајот“, се вели во соопштението.
Во телефонски разговор за Телма, Ѓорѓи Конзулов изјавил дека не бил приведен, туку сам отишол во полиција, бидејќи таму бил негов пријател, при што му било речено дека ќе биде задржан за да даде изјава.