29 Март, 2024
0.6607

Шутка не и избега на Катица Јанева - Задоцнета акција или решителна борба со „Рекет?

Објавено во: Анализа 22 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Дали само со одлучна и сеопфатна акција и истрага може да се врати довербата во институциите и во неопходноста за градење на правна држава? Ова прашање повеќе од еден месец си го поставуваа граѓаните, сите оние кои се загрижени за иднината на ова парче земја дека конечно може да функционира колку толку нормално.

Катица Јанева некогаш беше хероина, предводник на надежна институција која требаше да ја врати правдата во Македонија, но и обвинителка која ретко бараше притвор за осомничените. Сега, таа се најде во истражниот затвор Шутка,притворена по барање на ОЈО во рок од 30 дена додека траат истражните дејствија.

Приведувањето на Јанева беше френетично следено од страна на медиумите, растрчани репортери на повеќе локации, од нејзиното спроведување во полициско возило во домот од Козле, па пред новата зграда на обвинителството во контроверзниот комплекс Скопје 2014.

По барање на гонителите на правдата се спроведе и претрес во домот на шефицата на СЈО во оставка, а се „чешлаше“ и нејзината службена канцеларија. На прес конференцијата обвинителскиот двоец Јовевски-Русковска посочи дека „специјалната“ добила мебел вреден 5000 евра од бизнисменот Орце Камчев што засега е најверојатно еден од ретките физички докази дека е извршена парична трансакција. Со добивање на овие финансиски и материјални добра Орце Камчев требало да ја плати својата слобода во предметот „Империја“. Сепак, итриот бизнисмен решил да го пријави барањето на поткуп во обвинителството по што нема да се терети за ваков вид на кривично дело.

Полицијата го товареше скапиот мебел во камион додека репортерските екипи тешко се координираа кого попрво да го вклучат во живо во дневниците на националните телевизии. И овој пат видовме една „филмска“ акција на органите на прогонот со добро снимени кадри од сите чинови во постапката.

Доцна во ноќта Кривичниот суд го одобри барањето на ОЈО, па така „милостливата“ Јанева која не се решаваше секогаш да бара притвори за лицата кои ги гонеше, да заврши зад решетките на „Шутка“, локација која пак никогаш не ја екс премиерот Груевски азилант и бегалец од правдата, еден од ретките правосилно осудени во предметите на СЈО.

Обвинителката Рускоска побара истрагата да не прерасне во медиумски спектакл иако целата ситуација беше доживеана како фрлање на коска на гладно куче, куче кое во овој случај е гладно за гледање како и луѓе од врвот може да бидат предмет на истрага.

За опозицијата ова е крајот на дејствувањето на Катица Јанева за која велат дека е човек на Зоран Заев иако нејзиниот избор го направија со консензус четирите најголеми политички партии и обвинија дека истрагата мора да ги опфати и функционерите на врвот кои може да се дел од „Рекет“.

„Приведувањето на Катица Јанева е чекор кој требаше да се случи уште првиот ден кога излезе скандалот „Рекет“. Овој временски простор кој го имаше од излегувањето на скандалот „Рекет“ до денес поминаа повеќе од 40 дена, и тоа е простор во кој Катица Јанева имаше време да брише докази, да крие докази, да влијае врз сведоци, и да работи се останато во нејзина корист. Според она што до сега беше видено, Јанева е само една алка од синџирот на организиран криминал и корупција кој што во моментов го гледаме во Република Македонија преку случајот „Рекет“. Се додека не се стигне до главните инсипиратори и нарачатели, да се дознае улогата на политичарите, на Кики, на Фрики, и на Шеки, на главата на Октподот Зоки Поки, нема да има правда во Република Македонија“, истакна портпаролот Димче Арсовски на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За владејачката партија е ова е показател дека функционира правната држава и градењето на правен систем, а одговорност мора да има за сите.

„Одговороност мора да понесат сите инволвирани, без разлика на политичка или на било каква друга припадност. Обидите да се попречи правдата или истрагата да се насочи во друга насока нема да успеат. Правосудните процеси за овој, но и за сите други случаи, мора да се спроведат до крај и правдата да биде задоволена, во интерес на граѓаните и државата. Нема правда, нема мир!“, ја заврши изјавата Костадин Костадинов портпаролот на СДСМ со оваа позната изрека од „Шарената револуција“.


Х.С.

Фото: 24.мк

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот