Што побрзо отворање на преговорите со Македонија: Амбасадорите во Владата на средба со Заев
Објавено во: Македонија 19 Јануари, 2021
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ покажале посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел. Тие денеска беа во Владата на состанок со премиерот Зоран Заев а на состанокот, како што информираат од Владата било истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побргу да продолжи, да заврши со старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Информираат дека претседателот на Владата на Северна Македонија, пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ, предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир, детално го образложил континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација.
„Премиерот Заев на состанокот истакна дека, имајќи предвид дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива за нас е важно, да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.
„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме“, додл премиерот Заев.
Премиерот Заев ги споделил и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.
Претседателот на Владата Заев на состанокот со ЕУ амбасадорите изрази благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против КОВИД-19, и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.
„Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома“, рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја што денеска се одржа во Владата на Република Северна Македонија.