28 Март, 2024
0.0225

Семејните вредности, совремието и семејните студии…

Објавено во: Колумни 11 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Семејството е основна клетка на секое општество-максима одамна изречена, за некои суштествена, за други застарена, за трети не толку значајна, но за мене основна, темелна и моја животна филозофија. Оние кои ја почитуваат сметаат дека семејството е клучен фактор за развој на индивидуата, а со тоа и на целокупното општество, другите кои не толку ја преферираат сметаат дека покрај семејството има и други институции значајни за општеството, а оние кои ја кфалификуваат како застарена честопати го користат терминот социјалистичка или марксистичка фраза. Го почитувам сечие мислење, но за мене и како социолог и како личност која растела и се развивала во здраво и нормално семејство и те како значи таа максима, бидејќи и теоретски и практично можам да дадам низа аргументи кои ќе ја потврдат. Семејството е суштинско Семејството, без оглед на степенот на развој на едно општество, е од суштинско и непроценливо значење за една индивидуа. Се раѓаме, се воспитуваме ги усвојуваме животните навики, моралните норми и вредности, ги социјализираме основните инстинкти и нагони, едноставно се подготвуваме за живот во општеството во нашето семејство. Првите допири со животните и егзистенцијални потреби ги имаме во семејството и таму се учиме како да се справиме со нив, првите животни радости, но и солзи што ги пролеваме ни се случуваат во семејството, првите мигови на споделување на радост и тага, првите награди-за добро стореното дело и првите казни- за некоја грешка и погрешка ги добиваме во нашите семејства. Семејството е суштинско и за развојот на личноста на детето, при што се всадуваат навики, норми и вредности, кои се општествено посакувани и правилни и со помош на кои детето во подоцнежниот свој живот ќе ги насочува своите активности и ќе ги реализира своите аспирации и кои секако ќе станат дел од неговиот морален и вредносен дискурс. Во семејството, токму преку примерот на родителите, се создаваат и градат позитивни модели на идентификација и имитација, кои и те како се неопходни за правилен развој на индивидуата, бидејќи позитивните модели на идентификација и имитација ќе и послужат на единката за следење на нивната животна идеологија и филозофија во нејзиниот живот и ќе придонесат за градење на нејзиниот севкупен интелектуален и карактерен хабитус. Семејството за мене подразбира добродетелство За мене семејството е светост, за мене родителите се морални икони и мои звезди водилки кои ми помогнале правилно да се изградам и развијам во една здрава и нормална личност. Моето семејство било  моја поткрепа во радост и тага, моја поттик во преземање на низа значајни чекори кои биле суштествени за мојата животна идеологија, филозофија и животен развој, за мене семејството било основната матрица со помош на која сум творела, создавала, работела, креирала, умствувала и осознавала. Моето семејство на себесвојствен начин, секако во склад со општествените признати, познати и правилни вредности и норми, морално ме градело и издигнувало, вредносно ме оплотувало и правилно ме воспитувало. Моето семејство ми создало позитивни модели на идентификација и благодарение на нив, секоја девијација за мене била настрана и одбегнувана. Секако дека и младешките лудории и адолесценцијата пропратена со младешки бунт била усвоена и прифатена на правилен и вистински начин. Семејството за мене подразбира добродетелство, емотивен однос, бликање и излив на љубов, блискост, почит, чесност и разбирање, едноставно семејството за мене е светост кое посебно треба да се нагува и да се стави на пиедесталот на најзначајни општествени институции. Што е со семејните вредности А што е со семејството во совремието? Дали го има и добива местото што го заслужува? Што е со семејните вредности кои се насушна потреба и неопходни и за општествен развој? Дали се разнебитува семејството и се урнисува сликата за потребата од градење на здраво семејство? Ова се вечни дилеми и прашања на социолозите на кои се дебатира и кои се изнедрени од улогата и функцијата на современото семејство. Со право може да се каже дека совремието донесе прогрес во одредени сфери во семејното поимање, се сменија улогите, се осовремени семејството, се отиде чекор напред во демократизацијата, но одредени работи и еродираа, посебно семејните вредности, како и насилството во сите сегменти, вклучувајќи го и семејното. Посебно е прашањето за намалената социјализаторска функција во современото семејство денес. За тоа, без тронка двоумење ќе ја истакнам и мојата поддршка за семејни студии, кои и те како се потребни во ова време-невреме во кое семејството денес битисува и кои покрај низата други предности ќе ја имаат и функцијата на враќање на семејните вредности кои се суштински за правилен и посакуван развој на една индивидуа, бидејќи ЗДРАВО СЕМЕЈСТВО Е ПРЕДУСЛОВ ЗА ЗДРАВО ПОТОМСТВО И РАЗВИЕНО И ПРОСПЕРИТЕТНО ОПШТЕСТВО. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?