25 Април, 2024
0.0258

Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои

Објавено во: Колумни 16 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

„Сите сме индивидуи на пропатување низ сопствениот животен времеплов. Нема место за завист и останати негативни емоции. Тие остануваат во нас и прават да се чувствуваме лошо. Никогаш не ни стигнуваат до одредената личност до која се упатени“.

Оваа реченица, создадена од една новинарка ме подзамисли. Разговарајќи со еден мој пријател, околу политичко-општествените размисли, констатиравме дека самиот институционален  систем, гнил, поставен наопаку, не создаде нас, несреќниците кои живееме заковани во овој животен простор од 25.713 км квадратни, секој во своето дадено животно време, да бидеме завидливи, злобни, расипани, цинични, зајадливи, раздразливи, со еден збор несреќни. Барем повеќето. Или скоро сите.  Чест на исклучоците. Во овој зомбизиран полусвет, на изгубени погледи, изнудени и лицемерни насмевки, на уморени лица, постојат луѓе кои веруваат во подобро утре. Кои неуморно со сета своја енергија, елан и искреност, се вложуваат себе си и своите сили да го создадат нашиот мирко свет, подобро место за живеење. Такви, кои се уште не се предале на заветрината, тие кои се спротиставуваат на бурите, верувајќи во себе, во општеството, дека може да стане подобро. Верувајќи во луѓето. Таквите, во оваа и ваква земја, се нашиот највреден национален домашен производ. Нашето богатство, нашиот влог во иднината. Особено што таквите луѓе се реткост. Тешко веќе да виреат на ова тло. Тие кои по карактер се такви, и не може да се претопат во медиокритетството, во царството на злобата и зависта, се отселија.

Нашата генерација, за разлика од таа на партизаните, кои на плеќи ја изнесоа борбата за создавањето на македонска држава за прв пат во историјата, има сосема друга борба. Веќе не е прашањето, да си ја избориме слободата, како што тоа било во веќе далечната 1941-ва. Прашањето е што тоа ние направивме од нашата слобода, подарена од нашите предци? Што ќе оставиме како наследство на идните генерации после нас. Просташтво, примитивизам, неодговорност, безидејност. Менталитетен казамат, во кој ако сте нормален, ќе полудите. Како борба со ветерници, изгледа борбата на поединците кои сакаа од ова парче земја, да направат достоинствено место за живеење. Ги има такви. Речиси во секоја фела. Нивната борба, е нашиот АСНОМ во 2020-та. Колку само жртви дадоа докторите овие шест месеци во битката против најголемото зло, кое го зафати човештвото, а со тоа и нас, пандемијата од Ковид-19. Борба за секој човечки живот, секоја човечка судбина. Беспоштедност, пожртвуваност, непроспиени ноќи, грижа за останатите, уплашените, разболените, беспомошните. А тие? Нели се и тие, луѓе како сите нас останати, од крв и месо, со чувства и стравови? Со потреба да одморат, за средби со семејствата, за нивните блиски. И оваа битка ја изгубивме, другари. Ние нив не ги заслужуваме. Срам сме за нив, кога веќе од самите себе не се срамиме. Нашата неукост, нашето просташтво, и пред се нашата безвременска неодговорност кон целата оваа ситуација, нив ги фрли во оган. Без тронка жал, емпатија, солидарност. Што бараа тие? Само едно: да ги почитуваме мерките, да се однесуваме одговорно, да се чуваме ние, за да ги сочуваме и нив. Нашата атомска генерација, нашите партизани, нашите антиковидисти, поголеми херои, од антифашистите. Еден ден, историјата ќе ги запамети, бидејќи поднеле жртви, по добро, по правилно, ќе ги запише на правилна та страна. Ние, како и секој пат, ќе останеме на погрешната.

Животот е ништо друго, освен борба, во која, за жал, на крајот сите губиме!

Во чест на Трајче Нешковски, доктор, социјалдемократ, човек пред се!

Благојче Атанасовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД