20 Април, 2024
0.0281

СЕ СНИМАЛЕ ТЕЛЕФОНИ, ДОМОВИ, СЕ СЛЕДЕЛЕ ЛИЦА И МЕЈЛОВИ - еве зошто и против кого обвинителите лани ги барале ПИМ мерките

Објавено во: Македонија 23 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Со судки налог, а по барање на Јавното обвинителство, минатата година биле снимани телефони, следени мејлови, снимни биле и домови, возила, тајно биле следени лица, а се пребарувале и комјутери, се со цел да се приберат докази и да се фатат криминалците кои вршеле серија кривични дела. Обвинителите сметаат дека овие мерки дале успех, особено во ловењето на нарко дилерите, а расчистени биле и некои убиства.

Или, се на се, лани биле применети посебни истражни мерки за 103 случаи, против 338 лица и 313 предмети на кривични дела, покажува Ивештајот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за 2019 година.

„Современите облици на криминалот, а особено тешкиот и организираниот не може да се откријат и да се обезбедат докази без примена на посебни истражни мерки. Тие се определуваат само тогаш кога е веројатно дека со другите доказни средства нема да биде возможно и доволно обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка“, навел првиот државен обвинител во својот извештај, кој е доставен до Собранието и ќе го гледаат народните избраници.

Инаку, ПИМ мерките по својата природа се смислено нарушување на одредени човекови слободи и права загарантирани со Уставот, а заради остварување на повисоки цели, односно заштита на општеството и граѓаните од тешки форми на криминал и ефикасна и успешна борба против него.

Какон посебни истражни мерки се сметаат следење и снимање на телефонски и другите електронски комуникации, следење и снимање во дом или затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом, во возило, потоа тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот, таен увид и пребарување во компјутерски систем, увид во остварени телефонски и други електронски комуникации, симулиран откуп на предмети, симулирано давање и примање поткуп, користење на лица со прикриен идентитет, инфилтрирање во организирани криминални групи, и слично.

„Во основните јавни обвинителства воземјава во текот на 2019 година применети се посебни истражни мерки во вкупно 103 случаи и тоа против 338 лица со утврден идентитет, 17 лица со неутврден идентитет и 313 предмети на кривично дело. За компарација, во 2018 година во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки во вкупно 95 случаи против 317 со утврден идентитет и 551предмети на кривично дело“, се нагласува во извештајот.

Споредбата покажува дека лани е зголемен бројот на ПИМ мерките, како и бројот на лицата против кои тие биле применети, но во делот на мерките кои се применуваат спрема предмети има значително намалување и тоа од 551 предмети на кривично дело во 2018 - на 313 предмети во 2019 година.

„Најчесто во пракса не се применува посебна истражна мерка само по еден основ, односно во повеќето случаи се оди на комбинирање на повеќе видови на посебни истражни мерки“, објаснува обвинителот Љубомир Јовески во својот извештај.

Од Обвинителството даваат и детали кои мерки за колку лица ги примениле.

Па така, мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации била применета во вкупно 39 случаи, против 148 лица со утврден идентитет, и во 13 предмети во кои се применува мерката – телефонска линија која ја користи непознато лице во моментот на спроведување на мерката. Овие мерки се применувале од еден, па до девет месеци за некои лица.

„Како резултат на доказите прибавени од примената на оваа мерка, во 12 случаи  против 63 лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка, по што за две лица Наредбата е отстапена на друго основно јавно обвинителство, за три лица е запрена истражната постапка бидејќи не се обезбедени доволно докази, за три лица истражната постапка е прекината, против 50 лица се поднесени обвинителни акти, во три случаи за 8 лица се донесени пресуди врз основа на спогодба по подигнато обвинение, против 96 лица постапката е запрена поради тоа што не биле обезбедени доволно докази или поради претек на времето за кое е определена мерката и за 27 лица мерката е во тек“, ибјаснуваат од Обвинителството.

Овие мерки се спроведувале и за одредени кривични дела. Во еден случај се работело за убиство, потоа во 26 случаи за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, во 26 случаи, по еден случај за криумчарење и царинска измама, четири случаи се за злоупотреба на службената положба и овластување, по еден случај за проневера во службата, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и перење на пари и други приноси од казниво дело, злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување, терористичка организација и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, како и четири случаи за организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење.

Мерката, пак, следење и снимање во дом била применета во вкупно пет случаи, против четири лица со утврден идентитет и опфатен е еден предмет врз кој е применета мерката. Обвинителите ја барале и мерката тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, и тоа во 39 случаи против 156 лица со утврден идентитет и против 89 предмети врз кои се применувала мерката. Додека, пак, увид во остварени телефонски и други електронски комуникации се применила во 38 случаи против две лица со утврден и едно лице со неутврден идентитет, како и против 221 предмети врз кои се применувала мерката.

Обвинителството применувало и други мерки, како што е симулиран откуп на предмети, симулирано давање и примање поткуп, контролирана испорака и превоз на лица и предмети, користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески заклучува дека со примена на посебните истражни мерки зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата против организираниот криминал и корупција.

„Забележително е дека примената на посебните истражни мерки во текот на 2019 година има благ тренд на зголемување во однос на 2018, но сепак се движи во рамките на просекот на минатите години. Во однос на 2018 година примената на овие мерки била поефикасна, времетраењето на примената е намалено и  поголем број случаи завршиле со понатамошно процесирање, отварање на истрага и подигнување на обвинение“, се вели во извештајот. 

Од обвинителството тврдат дека ваквиот тренд е резултат делумно и на рестриктивната политика во примена на мерките следење и снимање на телефонските комуникациии и тајно следење и снимање на лица надвор од домот, заради заштита на основните човекови слободи и права, а особено правото на приватност.

„Мерките се применувани само во ситуации во кои не може со конвенционални методи да се прибават докази. Најголем број случаи во кои се применувале се однесуваат на кривичните дела против здравјето на луѓето, односно неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци“, велат од обвинителството.

Видот на кривичните дела кои служеле како основа за примена на ПИМ укажува на тоа дека јавното обвинителство лани се соочило со предизвикот во борбата против организираниот криминал кој е поврзан и со нелегалната трговија со наркотици и со другите кривични дела на организиран криминал.

„Потребата од овој вид на мерки за обезбедување на докази, се потврдува и со фактот што значителен број истраги во кои биле користени, завршиле со покренување обвинение и осудителни пресуди“, вели јавниот обвинител Љубомир Јовески во својот извештај за ланското работење.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите