28 Март, 2024
0.0240

Се е политика околу нас!

Објавено во: Колумни 17 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Илина  Арсова, алпинистка, првата жена  Македонка која се искачи на највисоките планински врвови на сите седум континенти ( вклучително и Антартик),  и една од шеесетте такви во целиот свет во свое интервју за „ Слободен Печат“ вели : „ Во денешната состојба во која ни се наоѓа општеството, да каже некој дека не го интересира политика, значи дека нема основна свест за граѓанската одговорност и дека нема поим која е причинско- последичната врска меѓу неговиот живот за кој постојано се жали ( ниска плата, високи сметки, загадена животна средина,лоши закони, селективно (не)применување на законите, корупција, итн), и политичари платени со наши пари, кои носат одлуки во своја, не во наша корист. Се е политика, човекот по природа е политичко  суштество. Основниот колективен договор за функционирање на нашето општество  се заснова на политика/ политики. Ако „ обичниот“ човек, бега од процесите на носење одлуки, не е активно вклучен и/ или не ја контролира работата на политичарите, тој придонесува за сопствената пропаст“.

Македонската незаинтересираност за сопствените проблеми!

Овие зборови на македонската спортска гордост, за која јавноста и (пре)малку знае, веројатно треба да влезат во учебниците по политички науки на универзитетите ширум земјава, бидејќи ја погодуваат сржта на поентата што е политика. Не е политика, да бидете член на политичка партија, да  „ трчате“ за партијата за да се вработите вие, или близок член на вашето семејство,  не е политика, да се активирате политички, за да „ лапнете“ некој тендер, ако сте новопечен и благонадежен средностоечки бизнисмен по македонските стандарди, и не е политика ако пак упорно избегнувате да се вклучите во дискурсот за уредувањето на едно општествено живеење. Македонските класични зборови „ мене не ме интересира политика, ама ич, што сакаат нека прават, ја искрадоа државата“, се еден  очаен изговор на разочараните и гневни граѓани во едно девастирано општество и држава. Напротив, токму во едно вакво корумпирано и криминализирано  до немајкаде општество, граѓаните, многу повеќе треба да бидат заинтересирани да се „ занимаваат со политика“. А што е политиката всушност? Па секој став, по однос на секое општествено живеење, е политика само по себе. Преполнетите контејнери со ѓубре овој викенд низ скопските улици е политика, и тоа како битна по здравјето и урбанистичкото живеење на секој поединец во главниот град. Како може да не е „ политика“, загадувањето на воздухот, сечењето на шумите, уништувањето на животната средина, кога последиците од тоа примитивно  и нечовечко однесување ги трпиме сите ние без исклучок, без разлика на етничко/ национална, партиска, религиска, социјална,  или каква друга припадност?

Имаме репер на кој да се огледаме!

Граѓаните во  најразвиените и најдобрите држави по сите параметри за човечкото живеење, денес се и најактивни политички чинители, односно учествуваат најмногу во политичките процеси, било преку свој граѓански активизам, било преку невладини организации, здруженија, клубови, или пак политички партии. Говорам за скандинавските страни, за Нов Зеланд, Австралија, Австрија, Канада, Швајцарија. Можеби и тоа континуирано индивидуално граѓанско учество, ги направило вакви овие земји, да бидат репер за  функционалност, среденост, квалитетност на давање на услуги, богати и среќни граѓани, или со еден збор како што би „ рекол Дино Мерлин- скоро па совршеност“. Најверојатно и таа незаинтересираност за  „политика“  на граѓаните, доведува и до нахалното и корумпирано однесување на политичарите, во оваа и речиси сите балкански земји, земјите од  азискиот, африканскиот и латиноамериканскиот континент. Реченицата „ па што, и јас да сум на нивно место, и јас ќе крадам“, е изворот на сите зла, бидејќи не само што политичарите после тој менталитетен пораз на своите граѓани ќе крадат, туку и ќе знаат дека нема да бидат казнети, санкционирани со затвор, бидејќи нивните граѓани ( читај поданици), им се восхитуваат, или пак ги мразат, но не бидејќи ги соголеле до гола кожа, туку бидејќи не се на нивното место.

Секој поединец, може да ја чини големата промена!

Трансформацијата на едно општество се случува со децении, можеби и со векови. Ниеден народ, или нација не е „ генетски предодредена“ да биде богата или сиромашна, да владее ред или хаос. Нормално, тоа го чинат поединците, кои живеат во еден организиран систем, наречен општество. Зошто тогаш, во светот се учи и смета, дека првите цивилизации се појавиле околу медитеранот ( Египет, Феникија, Стара Хелада), а  денеска модерните држави кои се наоѓаат на овие територии се  доказ за корумпирани и сиромашни држави? Последната ( Грција), можеби не спаѓа во сиромашните, но во корумпираните и тоа како. И зошто, скандинавските држави  за кои се смета дека нивните предци, биле племиња, кои војувале помеѓу себе, живееле како „ дивјаци“, денес имаат најфункционални и најуредени општества. Се потекнува од нашиот мозок, а трансформацијата која треба да се случи, за да се дојде до посакуваната цел,  ќе биде бавна, болна и ќе бара жртви. Но друг пат нема. Ниту имало за горенаведените репери од  држави, ниту пак за нас, или која било друга „ faild state“. 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?