25 Април, 2024
0.0280

Санките на суво со „уметнички дојам“

Објавено во: Колумни 12 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Ако му се верува на "непресушниот" народен гениј втемелен врз традицијата и искуството, зимата веќе си ги пакува куферите. Имено, од многу одамна пред „да се измисли временска прогноза" во сила е максимата: "Дојде Танас падна лето на нас" во слободен превод и адаптација- помина ли 31 јануари, што во православниот календар е запишан како Свети Атанас, денот значителнно е попо-раснат  и  може околу пладне да се излегува на нива и да се подработува по нешто.

До овде е о кеј, што би се рекло. Ќе дојде пролет, па лето, ќе се припојави есента и повторно ќе се прикраде зимата. Но, нека не биде како оваа, без снег, барем овде, за нас, што не "одиме по него"каде што го има по планини и зимски туристички центри, туку чекаме тој да падне кај нас на домашен терен. Поевтино е и попрактично.

Снег не ни треба само за да го покрие брегот (сметот и другите траги на нашето невнимание и неработа), за да го спречи или барем да го ублажи налетот на грипот, на кој малку некој му одолеа, туку едноставно за да ни ги приреди снежните радости што ги сакаме сите од ред, а не само децата, по природата на нивната улога во "севкупните движења..." што би се рекло на нашиот убав политичко-форумски обоен јазик.

Зима без снег му доаѓа како јајце без сол, бакнеж без мустаќи, "жена без груди" (изрека на мојот неколкупати цитиран пајташ), а тоа се му асоцирало и како куќа без балкон -не ја бидува. Не оди. Имам разбирање за климатските услови, па за влијанието на "дупките" во атмосферата што така душмански ги прошируваме, гајле си немаме, те за периодичните смени на сушни и врнежливи периоди, но да не забележиме неколку едноподруго денови со мраз во утринските часови, кој ти ги штипе рацете и образите и ја сковува почвата во своите пранги се до првите пролетни денови, е тоа не можам да сфатам.

Од кога немам видено деца на санка што ја влече патер фамилијас, а зад "запрегата" поттрчнува "мадер" со блажена насмевка на лицето.

Во студениот период на градов -ѓоамити бил Терциер, а не само пред 20-30 годинки, со санки се спуштавме од Водно, па се до рампата кај Мала Станица. И тоа санка на која седнуваа по десет и повеќе деца, сите стуткани во некакви волнени творби -ниту џемпер ниту палто, со ракавици со еден прст и волнени капи и шалови се од домашно производство. Маде ин баба или мама, замена за "монтки" и други зимски модерни потрепштини. Напред седеше најстариот и најискусниот, предводник, кој ја управуваше санката. Е ама за да се спуштиш од "школо Рацин" до негде сегашен Дал Фуфо, односно Галија требаше дозвола од надалеку прочуените по зулум "водњанци" чија појава "по град" беше како да си сретнал некого од племето на Џингис Кан или него лично (сосе ордите персонално-просто речено).

Снегот со месеци не "стануваше". Така натапкан по улиците и тротоарите беше идеална "лизгалица". Задолжителен зимски реквизит беа "сличугите" направени од ѕидарски кламфи (копач по дебармаалски) парче ортома и половина дрвена штипка (нешто како вез на скиите) дрп-ната од шпајзот. Оригинални лизгалки беа нешто невидено -мислена именка. Се лизгавме до бесвест низ целиот град, еколошки чист. Што се однесува до реките автомобили, тие се возеа по исклучива потреба или за чалам.

Специјалитет беа вештачките лизгалици. Навечер фрлавме вода во долги потоци што во текот на ноќта и утрото (кочан) смрзнуваа и беа како долги, змијулести, стаклести површини подготвени за вратоломии на мраз. Изведувавме најразлични фигури, латајќи и паѓајќи, се рзбира, по лизгалиците од домашно рачно производство. "Како први, така други" беше безмалку олимписка дисциплина -што ќе изведе првиот лизгач мораше секој друг по него. Ако не успее "жирито" го казнува со соборување "врз неа и нејзино бришење и чистење" со сопствениот задник покриен со тенкото излитено палтенце. Повредите беа секојдневни, а тој што ќе стасаше до д-р. Камчев во Млин Балкан (поликлиника -да нема некаква забуна) и ќе понесеше гипсена чизма на ногата или, пак, лонгета на рака, тој беше херој, сите му се потпишувавме на гипсот со "хемиско", патем потчукнувајќи го, за да провериме дали е вистински, за секој случај.

И воопшто не беше чудно што во раните 60-ти со појавата на телевизијата и на Милка Бабовиќ станавме "од одма" стручњаци за уметничко "клизање". Седевме со часови пред црно-белите екрани подзинати и им се восхитувавме на мајсториите на Хана Машкова, Шјуке Дакјстра, Ален Жилети. Лесно им беше ним. Цела индустрија работи за да им го произведе мразот, а ним им останува "дојмот". Тешко нам без мраз, снег и лизгалици, ама природни.

15.02. ’97

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД