25 Април, 2024
0.0281

САД подготвуваат нови санкции-предизборен поздрав за Путин

Објавено во: Колумни 05 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Американската политика кон Русија има нова цел. Тоа е претседателот Владимир Путин. За неа се зборува со години. Во минатото имаше најави дека Америка трага по богатството на Путин, но до денес не се најде ни цент од него во некој од разните даночни раеви. Ниту пак во западна банка. Сега САД ја менуваат стратегијата. Удираат по „јатаците“ на Путин.

Во САД во тек е подготовка на нови санкции, кои треба да стапат на сила во февруари. Тие ќе бидат предизборен поздрав за Путин, кој ќе излезе на претседателските избори што ќе се одржат во март годинава на денот на присоединувањето на Крим кон Русија. Станува збор за таканаречениот „Закон за спротивставување на противниците на САД со санкции“ или погрубо речено „..за борба со непријателот на САД...“ Овој Закон беше донесен речиси едногласно во Конгресот и Сенатот на САД, а претседателот Доналд Трамп не сакајќи да си создава непријатели со коментар во негов стил, нешто како „не е добар законот“, го потпиша како попче во август лани.

Законот предвидува можност за санкции против нови сектори во руското стопанство и рускиот државен долг, блокирање на нови енергетски проекти и гасоводи за извоз, санкции за остварени битни зделки со претпријатија од рускиот воено-индустриски комплекс. Практичната реализација на мерките е во рацете на претседателовата администрација, кој би можела да биде со поинакви погледи од Конгресот и Сенатот.

Многу битно е за Русите како ќе биде подготвен таканаречениот „Кремљовски список“. Тој произлегува од Законот. Со него се бара администрацијата на Трамп да подготви список на најблиски кон Владимир Путин руски политичари и крупни бизнисмени. Американците како да согледаа дека со секторските санкции не нанесоа многу штета на руската економија, сега посегнуваат по поединци, руски олигарси и политичари. Не дека против оние најблиските на Путин олигарси нема воведено санкции, но сега се оди по име и презиме против друг дел од руската политичко-бизнис елита и членови на нивните семејства.

Во јавноста во Русија има шпекулации дека во списокот ќе бидат ставени илјадници бизнисмени и политичари, но со таков потез САД ќе потврдат дека во суштина работат против Русија, против целиот бизнис, а не само оние кои „ се збогатиле по матен пат и имаат некаков однос кон надворешно политички активности, кои се спротивни на меѓународното право“. Ова последново, според некои американски експерти е суштината на законот. Но со Американците никогаш ништо не се знае. Тие сега до стапувањето на Законот во сила ќе анализираат разни извори кој бил корумпиран, кој се збогатил на криминален начин, кој учествувал во агресија...Но, таквиот однос може само да му помогне на Путин во предизборната кампања во тврдењето дека САД всушност се против Русија воопшто, против сите Руси, против се што е руско, а не против власта во државата.

Според се' се чини дека во списокот ќе влезат оние политичари и дипломати кои посредно или непосредно влијаеле врз одлуки за интервенциите во Грузија, во Украина или на Крим, евентуално оние кои донеле одлуки за „вмешување“ во изборите во САД или во други држави, потоа луѓе кои се збогатиле по криминален пат или благодарение на блискоста со Кремљ...Се цени дека вака подготвен список би можел да содржи 40-50 имиња. Се разбира влегувањето во списокот не значи дека веднаш и ќе се воведат санкции против тие лица, но со тоа се зголемуваат шансите во „втората тура“ тоа да се случи. Згора на се ретко која компанија или банка од САД би сакала да соработува со поединци или компании од Русија кои се веќе влезени во некој „Санкционен список“.

Но мерките од Законот не се насочени само против Русија или Русите. Уште кога тој беше донесен реагираа западноевропски политичари, а беше навестено дека неговото индиректно санкционирање може да ги влоши односите меќу ЕУ и САД. Овде предничеа државите кои се вклучени со нивни компании во проектот „Северен поток 2“. Германија, Франција, Австрија и Италија. Мерките од законот носат екстериторијален карактер. И главниот акцент годинава тука ќе биде ставен токму врз гасоводот„Северен поток 2“, кој формално не е опфатен со санкциите. Имено, американската администрација не сака да чуе да се реализира тој проект и ќе направи се да не дојде до тоа. Во едно интервју за Радио Полска, заменикот државен секретар на САД Џон МакКарик има директно изјавено дека „Северен поток 2“ нема да биде изграден, едноставно, заради тоа што САД се против.

Навестувањето на санкциите ги разбранува руските бизнис кругови. Пред Нова Година Владимир Путин ги собра раководителите на Думата и Советот на Федерацијата. Портпарлот на Путин Димитриј Песков за средбата истакна дека „Претседателот не еднаш зборуваше дека западните земји во последно време не секогаш се придржуваат до принципот на светост на приватната сопственост – подвижен и неподвижен имот“. Станува збор дури и за замрзнување на активи без законска основа.  Оттука и предлогот во обата дома на парламентот да се донесе одлука за продолжување на амнестијата на капиталот. Законот за амнестија на капиталот е донесен поодамна, но ефектите од него не се големи. Па затоа сега Путин предлага „ослободување на бизнисмените, кои го затвораат својот бизнис во странство и го носат во Русија, од плаќање на данок од 13 проценти“. Путин разговараше и со бизнисмени за ова прашање. Има идеја Русија да издаде еврооблигации оваа година, кои би им послужиле на богатите Руси  како времено решение за евентуално вратените пари од странство во Русија.  Но еден од одговорите на бизнисмените е дека тие немаат готовина на странски сметки која може да им биде конфискувана или замрзната, бидејќи сите пари им се вложени во реален бизнис, кој активно работи  и оттука нема што да се носи во Русија.

Но така не мислат други бизнисмени. Деновиве во Москва беше актуелна темата дека руски милијардери се ослободуваат од своите активи во предвечерието на санкциите од САД. Дали некои од нив си ја имаат мувата на капата? Бидејќи никој не знае кој се може да биде во списокот оние кои мислат дека би можеле да им бидат замрзнати некои активи во САД или на друго место на Запад, веќе ги продаваат. Се продаваат крупни пакети акции на берзите ширум светот.

Санкциите се болка и за банките. „Алфа-банка“ соопшти дека заради санкциите воведени неодамна ќе мора да прекине да соработува со компании од воено-индустрискиот комплекс на Русија.  Првиот човек на „Збербанка“ Герман Греф во интервју за Фајнненшел тајмс рече дека во случај САД да воведат антируски санкции во оваа година, во таков случај „Студената војна ќе биде детска забава“. Според него идејата да се исклучат руските државни банки од системот за меѓународно плаќање SWIFT е ирационална. Таква идеја и во минативе години се разгледуваше на Запад. Во компанијата SWIFT досега на руските стравувања од таквиот потег одговараа дека таа се држи неутрално и нема намера да ги исклучи руските банки од системот. Секако нема доброволно, но ако и на тој систем му се заканат од страна САД, не мора директно, тогаш руските банки ќе бидат исклучени од системот.

Ќе биде интересен февруари во Русија. Во ек на предизборна кампања со нови американски санкции и список на „пајташи“ на Путин. Русите засега молчат и не зборуваат за некакви контрасанкции. И не треба се додека не ги видат резултатите од работата на администрацијата на Трамп. А и тешко би можеле да преземат нешто, бидејќи би требало да прават список на „пајташи“ на Трамп. Тоа од една страна, а од друга сакаат да соработуваат со него. Двете работи заедно не одат. Рускиот одговор, ако го има, ќе го чекаме по завршувањето на изборите.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД