28 Март, 2024
0.0259

САД отвораат фронт против Русија и Кина во Европа

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Ако се суди според она што вчера на настан организиран од Атлантскиот совет го искажа помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, главни соперници на САД во Централна и Источна Европа се Русија и Кина. И САД ќе направат се' да го спречат нивното влијание. Тоа практично значи дека Американците отвораат фронт во Европа против Русија и Кина.

Помошникот државен секретар всушност ги назначи принципите на „новата“ политика во Централна и Источна Европа. Не дека навистина се нови, но сега барем јавно се презентира она што досега САД го правеа во Европа. По неколку годишно затишје Американците сега сакаат да станат браник на Централна и Источна Европа пред Русија и Кина. Дали е задоцнето или не ова американско пројавување на заштита, ќе покаже развојот на настаните. Но едно е јасно тие нивни потези се голем предизвик кој може да доведе и до поголеми несакани последици, како војни. Да, Американците сакаат да водат војни далеку од нивните граници, но во новиве времиња тоа може да се промени.,

Што конкретно кажа Мичел?  Во текот на долго време Запад не ја сваќаше конкуренцијата за влијание во Источна Европа, вели тој. Пред САД стои задача да се спротивстави на растечкото  влијание на соперниците. Пред се таа задача треба да се исполни на „далечни граници“, поддржувајќи ги државите кои „се обидуваат да ја одбранат својата независност“. Меѓу нив Мичел ги спомнал Украина и Грузија, кои се судриле со закана на државниот суверенитет. Според Мичел, на земјите од Централна Европа им се заканува “политички и економски пробив“ во внатрешните работи, што може да го разбие НАТО.

Стратегијата за „новата“ политика на САД во однос на деловите од Европа се темели на неколку принципи, нагласил Мичел. Прво, Вашингтон ќе сака да постигне „позитивно влијание“ во странство со посредство на својот имиџ: „Америка – моќна демократија, блескав светилник на слободата, чија светлина ги привлекува другите“. Вториот принцип – САД очекуваат дека земјите на кои Америка им помага „нема да бидат попустливи кон соперниците“. Тука Мичел им се заканува на Европјаните. „Западна Европа не може да продолжи да ја засилува својата енергетска зависност од онаа Русија од која неа ја заштитува Америка“, вели Мичел. Неприфатливо е сојузниците на САД во Централна Европа да ги поддржуваат енергетските проекти како „Северен поток-2“. Тоа го прави целиот регион зависен од Русија, смета тој.

Третиот принцип – САД ќе ги почитуваат територијалната целосност и суверенитет на сојузниците: Украина, Грузија „па дури и Белорусија“, кои се бастион кој заштитува од рускиот неоимперијализам, нагласува Мичел. Последниот принцип се состои во тоа што Вашингтон ќе очекува државите да ги почитуваат правата на своите соседи. „Ние не ја признаваме територијалната агресија на Русија против Украина и не го прифаќаме пљачкашкиот притисок на Кина преку заемите дадени на Централна и Источна Европа“, истакнал Мичел на настанот во Атлантскиот совет.

А само неколку часа претходно рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на заседание на Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“ во Сочи. Одговараше на мноштво пријатни и непријатни прашања поставени во рамките на главната тема, „Светот во кој ќе живееме: стабилност и развој во 21. век“. Според него се она за што сега се обвинува Русија за создавање напнатост во меѓународните односи не е точно. „Ние не создаваме проблеми. Нас не обвинуваат, притоа „со голем степен на веројатност“, како што велат,  дека сме направиле тоа и тоа, дека таму сме се вмешале, дека нешто некаде сме направиле. А притоа никој не смета дека треба ни даде некакви докази“, рече Путин.  „За мене е јасно, тоа веќе сум го говорел, тоа е резултат на внатре политичката борба  во западниот свет во целост. Сега има борба за условите за излез на Британија од ЕУ, во самите САД меѓу демократите и републиканците. И некому му текнало, дека многу добар инструмент за решавање на внатре политичките  проблеми е играње на руската карта. Тоа е штетно за сите“, нагласи Путин.

„Шумата сака мир, но ветерот не и дозволува“, беше воведот на едно прашање кон Путин од страна на еден кинески претставник на заседанието. „Нас не’ не оставаат раат. Прво, и Кина и Русија се етикетирани како „ревизионистички држави“. Второ, Русија и Кина заедно со Иран и Северна Кореја се објавени за главни противници на најголемата, најмирољубивата, најнавредената држава во целиот свет и на сите времиња. Трето против вас санкции, против нас трговска војна. Зборувајќи со крилатите зборови од хонконгшки криминален филм „Вујче е многу налутен, последиците ќе бидат многу сериозни“, му се обрати тој на Путин, барајќи одговор како на ова ќе реагира Русија и каков совет би и дал на Кина?

На алузиите на кинескиот претставник Путин одговори: „Мислам дека Кина не е помалку голема земја и кинескиот народ не е помалку голем од тие кои сега ги споменавте. Кинеската цивилизација е голема, древна цивилизација. Не мислам дека на Кина и требаат наши препораки“. По ова тој го кажа неговиот став. „Вие ја искажавте кинеската поговорка за шумата и ветерот. Времето се менува. Ќе дојде време и ветерот ќе се смири. Сметам дека не е потребно итно да се реагира на некои работи, кои можат да ја продлабочат ситуацијата. Но, безусловно, треба секогаш да се реагира и да се заштитат своите интереси. Така ние и работиме и Кина и Русија. А зошто јас зборувам дека времето е променливо и ветерот кога - тогај ќе помине? Работата е во тоа дека тие кои го создаваат тој ветер, тие исто така страдаат од него“, рече Путин.

И уште едно интересно искажување од Путин во поглед на заштитата на интересите со користење на оружјето за масовно уништување. Тој истакна дека Русија веќе има напреднати решенија во тој поглед. И дека никогаш нема да го користи како превентива во одбраната. „Но агресорот, сеедно, мора да знае дека осветата е неизбежна, дека ќе биде уништен. А ние – жртви на агресијата, како маченици ќе заминеме во рајот, а тие едноставно ќе цркнат, затоа што нема да успеат ниту да се покаат“, нагласи Путин.

Што да се каже по сето ова? Изречено и од Мичел и од Путин. Зарем навистина доаѓа време на судири, а можеби и големи војни водени од интереси. Дали зборовите на Вес Мичел нема да ја натераат Европа да бара поголема независност од САД и да ги забрза реализациите за своја одбрана со своја војска. Или, пак, дали нема да дојде до поделба на Европа меѓу оние кои се верни на САД „до гроб“ и другите кои сепак сакаат да водат своја политика и да ги заштитуваат сопствените интереси. Да дојде до распад на Европската унија.

Спомнувањето на Украина, Грузија, па и Белорусија само ќе ги дразни Русите. За нив е несфатливо НАТО да дојде на границата со Русија. Тие предупредуваат на тоа. Мичел, намерно или не, прави провокации. А можеби тоа е и став на САД. Но колку и да станува засега збор за вербални провокации никој не може да гарантира дека нема да дојде до голема војна во Украина и во Грузија, ако такви провокации надминат некои „црвени линии“. „Пљачкашката“ Кина сигурно нема да се откаже од инвестиции во Европа. Нејзините инвестиции дури се институционализирани во Средна и Источна Европа. Што мислат да прават САД во тој поглед? 

Како да се сфатат зборовите на Мичел на Балканот, иако тој зборува за Централна и Источна Европа. Веројатно и ние сме дел од целата таа приказна. Пред некој ден, како што пренесоа руски медиуми, BuzzFeed, повикувајќи се на свои извори, соопштил дека Мичел се застапувал за тоа Вашингтон да го поддржи планот за размена на територии меѓу Србија и Косово, иако дотогаш американските власти не сакале тоа ниту да го разгледуваат. Според BuzzFeed, Мичел смета дека со решавањето на граничниот проблем меѓу Србија и Косово, тогаш Русија не ќе може да сее разногласија меѓу двете страни. Инаку сега Русија ја користи некогашната српска покраина како адут во образлагањето на присоединувањето на Крим кон Русија. Што впрочем и вчера беше искажано од Путин на заседанието на „Валдај“.

Каде е Македонија во сето ова? Мичел напиша едно писмо пред некој ден наменето за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот беше „Пред зората е најтемно“. Некому ќе му биде темно и кога ќе се раздени. Токму писмото на Мичел вчера беше повод за остра реакција-коментар на руското министерство за надворешни работи. Македонија и во наредниот период очигледно ќе биде пинг-понг топче со кое ќе си играат и едните и другите.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?