28 Март, 2024
0.0251

Русија се заканува-Британија не плаши

Објавено во: Колумни 23 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Пренесувањето на дипломатските пораки е многу важна работа за оној што ја пренесува, но и за оној кому му е наменета. Вообичаена практика ќе рече некој. Да, вообичаена, но ако ви се случи дипломатите на две големи сили во неколку дена да ви пратат пораки, меѓусебно поврзани, тогаш тоа зборува за сериозноста на моментот кога се пренесени. Но и за пренесување на пропагандна војна на наш терен. Едниот дипломат ни се закани, а другиот не заплаши. Станува збор за заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Александар Грушко и амбасадорот на Британија во нашата земја Чарлс Гарет. 

Александар Викторович Грушко е заменик министер за надворешни работи на Руската Федерација од 22 јануари годинава. Претходно шест години, од 2012 наваму беше постојан претставник на Русија во НАТО. Многу битен факт за нашава ситуација. Грушко на 20 март го прими нашиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов. Според официјалното соопштение на руското министерство за надворешни работи, на средбата биле разгледани „актуелни прашања од обостран интерес. Била констатирана подготвеност за продолжување на соработката во сферите од заемен интерес. Одбележана важноста од обновувањето на активноста на Меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. Од руска страна биле потцртани негативните последици за регионалната безбедност и обостраните односи во врска со плановите за вовлекување на Република Македонија во НАТО“. На сајтот на македонското министерство за надворешни работи не може да се најде ништо за оваа средба.

Што имало на неа? Дипломатскиот јазик е вештина. Со малку зборови да кажеш многу. Па така и од руското соопштение можеме да претпоставиме дека била констатирана подготвеност за продолжување на економската соработка, за продолжување на програми од културата и науката, хуманитарната сфера, можеби станало збор за организирање на некаква посета...Секако битна е и работата на Меѓувладината комисија, која очигледно подолго време е неактивна. Можеби станало збор и за инцидентот во Солзбери, Британија, со двојниот руски шпион и неговата ќерка во светлина на соопштението по тој повод, што го даде македонското министерство за надворешни работи... За конечно да се дојде и до веројатно најгорливиот дел од разговорите на средбата - македонските аспирации за членство во НАТО. И секако неочекуваниот заклучок од него за „негативните последици...за обостраните односи...од вовлекувањето на Република Македонија во НАТО“.

Руската Федерација последниве неколку години гласно се спротивставувала на намерите на Македонија да влезе во НАТО. До пред тоа Русија секогаш изјавувала дека не и е мило што имаме евроатлантски амбиции, но изборот е наш. Овој пат е отидено чекор понапред. Може да се зборува за своевидна закана „од негативни последици во обостраните односи“. Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак во едно интервју (мкд.мк) смета дека ова се шпекулации и дека не станува збор за нов став на Русија во поглед на нашето членство во НАТО. И предупредува дека „зачленувањето на вашата земја во НАТО води кон тоа што тука ќе се појават нови воени бази и ќе се зголеми инфраструктурата на Алијансата“. Исто така дека „ Со оглед на цврстата блокова дисциплина во НАТО...дури независно од намерите на раководството на Македонија и расположението на граѓаните, може за жал да доведе до сериозни компликации и во нашите билатерални односи“. А само пред три години Шчербак во едно интервју(Република) вели: ...Се раз­би­ра, да се под­др­жу­ва­ат или не та­кви­те стра­те­ги­ски за­лож­би на НАТО е из­бор за кој мо­ра­ат да ре­шат са­ми­те др­жа­ви-член­ки на али­јан­са­та. Тоа ед­на­кво се од­не­су­ва и на перс­пе­кти­ви­те на про­ши­ру­ва­ње­то на НАТО. Во тој кон­текст, се­ко­ја зем­ја мо­ра да го ре­ша­ва тоа пра­ша­ње со ог­лед на сво­и­те на­ци­о­нал­ни ин­те­ре­си. Ру­си­ја не­про­мен­ли­во ги по­чи­ту­ва мис­ле­ња­та на дру­ги­те зем­ји, не­за­вис­но од тоа да­ли тоа ни се до­па­ѓа или не“.

Закана или не, шпекулации или не, пораката е јасна. Патот кон НАТО ќе ни биде отежнат. Не од тоа што Македонија има некакво големо воено или стратешко значење за Русија. Туку заради принципиелниот отпор на Русија кон ширењето на Алијансата. Но како ќе се спроведе во дело? Црногорското сценарио не доаѓа предвид. Кај нас над три четвртини од населението е за евроатланстки интеграции, што значи и во НАТО. Најверојатно за сопки ќе користи маргиналците од типот на Јанко Бачев и негови следбеници, па некои други политички авануристи за кои веќе се зборува дека трчаат по руски пари, а не се исклучени и групи од албанскиот блок, на пример оние со марксистичко-ленинистички корени. Ќе има спорадични проблеми, можеби на меѓуетничка основа, каде што е најосетливо, но државата е тука да гарантира дека тие нема да прераснат во закана за нејзината стабилност. Што, само по себе, наметнува потреба, до зачленување во Алијансата да се избегнува  каква било политичка криза, а особено некоја која би траела долго. Зашто што подлабока криза и што подолготрајна ќе биде од полза токму за погоре споменатите.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет очигледно, како и сите други британски амбасадори во светот во моментов има обврска да работи на создавање фронт против Русија. Се разбира во светлината на настанот од Солзбери. Каде што беа затруени двојниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. За британската премиерка Тереза Меј сега е најважно да обедини околу себе што повеќе земји, не само во Европа, туку и во светот. Таа уште првиот ден по настанот во Слозбери ја обвини Русија за труењето, иако до завршување на истрагата, според Сктоланд Јард, треба да помине определено време. Сето ова беше направено со ултиматум до Русија. Оваа, пак, се' негира и отфрла секаква вмешаност, а настанот официјално го прогласи за „терористички акт врз руски државјани во Британија“. 

Амбасадорот Гарет го искористи настапот на рускиот заменик министер Грушко за да не заплаши. Спроведувајќи очигледна директива на неговото министерство за надворешни работи, тој на своевиден начин антируското настроение од Британија сака да го прошири и во Македонија. Во објавен негов текст (Независен) Гарет ја шири пропагандната војна со Русија и на наша територија. Па земајќи го како оружје официјалното руско соопштение од средбата Грушко-Карајанов, нагласува дека станува збор за закана кон Македонија. За потоа да поентира со ставот дека „Настаните во Солзбери покажуваат колку далеку е подготвена да оди Русија за да ги нападне оние што имаат различни цели и мислења. Но секој пат кога руската држава ги крши меѓународните правила, тоа повеќе личи на закана. Овој инцидент се случи во мирен провинциски град во Британија, следен пат може да биде на македонска почва или во вашиот роден град“, не заплашува Гарет.  

Пропагандната војна во и околу Македонија сигурно нема да сопре набрзо. Во наредниот период сигурно ќе бидеме сведоци на про и контра ставови во нашите медиуми во зависност од каде доаѓа нарачката.

Инаку што се однесува до рускиот приод кон нашите НАТО аспирации тој е можеби и добродојден. Може само да ги забрза работите кон наше членство во Алијансата. Со или без решен проблем со Грција околу името на нашата држава. Рускиот настап може да ги натера оние кои одлучуваат во НАТО побрзо да ја отворат вратата за Македонија. Инаку приодот на Русија кон ова прашање токму зборува за нејзината не голема суштинска заинтересираност за Македонија. Ако таа беше заинтересирана за Македонија ќе градеше поинаков однос. Како оној што го има, на пример, со Словенија и Хрватска. Дотолку повеќе што знае дека Македонија политички четврт век е загубена за неа.

Во очекување на влез во НАТО, ќе треба да бидеме подготвени на влошување на билатералните односи со Русија. Пред се политичките. Русите немаат лостови со кои би ни го загорчувале животот. Впрочем и економската размена не е некоја голема во споредба со онаа што ја имаме со Западот. Би рекол дека таквиот однос на Русите би бил повеќе губитнички за нив отколку за нас. Колку и да изгледа апсурдно ова тврдење.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?