25 Април, 2024
0.0336

Русија повикува инвеститори, а Путин ги подучува

Објавено во: Колумни 23 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Во четвртокот во Москва се одржа традиционалниот форум  „Русија повикува“ . Гости беа  околу две и пол илјади учесници, министри, инвеститори, експерти и бизнисмени, од кои над шестотини од целиот свет. „Ги нема само од Антарктида“ се пошегува домаќинот на форумот, првиот човек на Надворешно-трговската банка(Вњешторгбанк), Андреј Костин. А главен гостин на пленарната сесија насловена: „Мостови над брановите од деглобализација“, беше рускиот претседател, Владимир Путин. Подолго од час и половина тој одговараше на прашања од бизнисмените. Иако во ваква пригода би се очекувале само прашања од економијата, сепак се покажа дека бизнисот не е лесно да се одвои од политиката. Па така се случи Русија да ги повикува инвеститорите, а Путин да ги подучува. Но не само нив.

Одговорите на рускиот претседател не можат ни оддалеку да се споредат со неговата програмска реч на Минхенската конференција за безбедност, во 2007 година, но и овој пат не изостанаа искажувања кои ќе бидат длабоко анализирани во светските метрополи. Пред се во Европа и во САД. Најмногу се зборуваше за Русија, бидејќи бизнисот е заинтересиран да види во кој правец ќе оди таа на економски план. Стана збор и за Африка и Кина, Евроазија, Далечниот исток... Но сепак главното внимание го привлекоа изјавите за Западот во корелација со Русија. Впрочем и самиот Путин забележа дека основните тенденции во руската економија не можат да се разгледуваат одвоено од процесите кои се развиваат во светската економија.

Каква е тековната состојба и кои се задачите и целите на Русија, како клучни за нејзиниот развој?„Без оглед на намалувањето на темпото на глобалниот раст, Русија има позитивна динамика. Лани растот на БДП беше 2,3 проценти. Но во првите три квартали годинава тој е поскромен – 1,1 насто...До крајот се очекува мало забрзување на растот“, рече Путин. Невработеноста во првите девет месеци е намалена и изнесува 4,6 проценти од економски активното население. Најниско во современа Русија. Тековниот раст на цените на мало е 3,6 проценти.  Па оттука се очекува до година инфлацијата да биде и пониска од три проценти. Но и покрај ова развојот е многу бавен, смета Путин. А тоа е предизвик, пред се за владата и бизнис заедницата. Неопходни се кардинални напредоци во зголемување на продуктивноста на трудот врз основа на современите напредни  технологии, растот на квалификациите и новите надлежности.

Во Русија се воведуваат стандардите на „Ворлдскилс“ во системот на професионално образование. Заедно со воено-индустрискиот комплекс, неопходно е значително да се зголеми конкурентноста на другите, пред се’, на граѓанските сектори на руската економија, преработувачката индустрија, земјоделството и во сферата на услужниот сектор. Внимание се посветува на несуровинскиот извоз. За таа цел се предвидува нов инвестициски циклус  и вложувања во него. За првите девет месеци од годинава уделот на несуровинскиот извоз во вкупниот извоз на Русија е 33,7 проценти. Лани вкупниот извоз на Русија беше 449,8 милијарди долари, од кои 151 милијарда отпаѓа на несуровинскиот извоз.

Што се однесува до инвестициите, Владата предвидува догодина тие да пораснат за шест, а во 2021 година, 6,5 проценти. Но, Путин го загрижува стагнацијата на доходите со кои располагаат граѓаните и покрај реалниот и номиналниот раст на платите. На овој план Русија мора да работи многу повеќе, затоа што расте незадоволството на граѓаните. Посебно на пензионерите. Путин сака оваа работа да се промени, но прашање дали ќе успее во тоа и покрај неговите притисоци врз владата. А доколку работите не се променат тогаш во прашање ќе биде доведено и зачувувањето на власта по 2024 година, кога му истекува мандатот.

Но, не е само ова болка на рускиот претседател. Во мај година тој потпиша документ насловен: „За националните цели и стратешките задачи на развојот на Руската Федерација во периодот до 2024 година“. Во документот се ставени цели, двојно да се намали сиромаштијата во државата, да се зголемат реалните доходи на населението и да се преземат други мерки кои би и овозможиле на Русија во 2024 година да биде петта економија во светот. Но работите не се одвиваат во таа насока. Путин „моли“ за стапка на развој поголема од три проценти, но неа ја нема. Експертите потврдуваат дека такво нешто засега не е можно, иако бирократите-министрите од владата непрекинато повторуваат дека целта ќе биде остварена. Како што тргнале работите нечија глава ќе лета. Најверојатно догодина, кога ќе се видат резултатите и трендовите за наредниот период.

Русија има и национални проекти вредни илјадници милијарди рубљи, но и тие шлајфуваат. Огромни пари не можат да се искористат. Буџетот за нив се полни повеќе отколку што се троши. Дури ДДВ беше зголемен да се соберат пари за реализација на националните проекти. Во Русија едни се за тоа неискористените пари да се вложат во проектите, а други, на пример Путин, сметаат дека тоа ќе значи фрлање на парите во ветер, бидејќи требаат проекти кои ќе донесат резултат. Резултат кој ќе се гледа низ зголемените темпа на економскиот раст, во зголемувањето на продуктивноста на трудот, раст на реалните доходи...

Главниот ревизор на Русија и поранешен министер за финансии, Алексеј Кудрин, деновиве зборувајќи за потенцијалите на економскиот раст рече дека во Русија нема доволно структурни институционални реформи. Предизвиците исправени пред руската економија не се покриени доволно со чекори преземени од владата, пред се’, смета Кудрин. Оттука и потенцијалот на растот на руската економија е 1,5 проценти годишно. Што е далеку од над три проценти кои ги бара Путин. Тој не го дели оптимизмот на претседателот. Пречка за раст на БДП, според него е намалувањето на уделот на работоспособно население, релативно ниските расходи за образование, лошата состојба на инвестиционата клима. Кудрин забележува дека во Русија има резерви за зголемување на продуктивноста, имајќи ги предвид националните проекти, но чија големина не е доволна за размав на целата економија. Според него во 2020 година растот на економијата би бил околу два проценти.

Гостите на форумот веројатно ги знаеја ставовите на Кудрин, но дента го слушаа Путин. Па следеа прашања. На пример за Евроазискиот економски сојуз. Дали има затишје во разговорите околу него, особено по најавите за договори за слободна трговија со Србија, Кина, Сингапур. Според Путин, ако има затишје, тоа е во медиумите, а веќе е склучен договор за слободна трговија со Виетнам. Се водат разговори со Кина, Израел и со Египет.

Многу внимание привлекоа дискусиите околу енергетскиот премин. Во смисла на Парискиот договор и намалувањето на користењето на нафта и гас како енергенси. Инвеститорите сакаат да знаат, дали покрај вложувањето во обновливи извори на енергија, би требало да продолжат да вложуваат, во гас, на пример. Ова оттаму што Европа и некои НВО зборуваат дека во иднина нема да се користи гасот.

Путин вели дека Русија се стреми енергетскиот баланс во земјата да биде еден од „најзелените“ во светот. Со оглед на структурата на руската енергетика. Големите хидроцентрали, атомските централи и гасните генератори. Во светот ден денес јагленот се користи за загревање, пред се. Па оттука Путин смета дека е апсолутно туѓо тврдењето дека треба да се пренебрегнува гасот, кој е најчист јагленоводород. Појавувањето на ваквите идеи за гасот за Путин е настапување, не на интереси на огромниот број земји во светот, кои влегуваат во борба за екологијата, туку конкурентски интереси на оние кои излегуваат со такви идеи на светскиот енергетски пазар. Оттука за него најважно да се поаѓа од реалноста. Секако треба да се развиваат обновливи извори на енергија, но и други кои би ја зачувале природата за наредните поколенија. „Нашата цивилизација доволно активно се развива и никој не сака, во крајна линија, како резултат на тој развој сите ние да се најдеме во пештери или како резултат на еколошки колапс или како резултат на некои други околности“, рече Путин.

Во поткрепа на своите тврдења дека нема да се намалува растот на користењето на енергетските извори и покрај некои најави дека ќе забави глобалниот економски раст, Путин ги посочи Кина и Индија. Според него светски експерти прогнозираат пораст на потрошувачката на енергетици. Доколку дојде до намалување на економијата кај Кина и Индија, кои се локомотиви на растот, ќе се намали и обемот на енергетски суровини на пазарот. Но тоа е во теоријата вели Путин. Реално и да се намалат стапките на раст и во двете држави се доста високи. Светскиот БДП сеедно, расте и ќе расте, тоа е очигледно. Путин не очекува влегување на светската економија во рецесија, дури и без оглед на трговските војни меѓу САД и Кина. Напротив тој смета дека со оглед на внатре политичкиот календар во САД никој таму не е заинтересиран за заострување на трговско-економските односи со Кина. Допрва таму ќе има избори, па работите треба да се стабилизираат. Така што среднорочно ќе има темпа на раст на економијата во светот, а потребата од енергенси ќе биде очигледна.

Противречностите во економската сфера според Путин имаат долгорочен карактер. Тој жали за тоа што во САД јавно говорат дека нивна цел не е урамнотежување на меѓународните економски односи, туку главна стратешка цел е – забавување на развојот на Кина и на Русија. Тоа за Путин е елемент од недобросовесна конкуренција. Но сепак светскиот развој ќе оди напред. А темпата ќе бидат поголеми, помали, но во крајна линија ќе се најде баланс меѓу интересите.

Како ги подобрувате односите со САД, кои се допирните точки и какви се перспективите за скратување на санкциите или укинување“, го праша еден инвеститор Путин. Според Путин, за санкциите и за нивно укинување треба да се праша во американската администрација, зашто санкциите Русија не си ги воведе самата, туку американскиот Конгрес. Но, Путин вели дека Русија имаше полза од нив. Тие мерки ја натераа за воведување на политика за замена на увозот, онаму каде што се во прашање националните интереси. Почнувајќи од земјоделието, медицината, фармацијата, одбранбено-индустрискиот комплекс. На тој план се постигнати сериозни и позитивни резултати. Сите тие ограничувања биле од полза за руската економија. Секако има и минуси. Економски загуби. Но не само на руска, туку и на европска и американска страна. Постои ефект на бумеранг. Американски компании инвестирале во проекти за истражување и производство на нафта или гас, а потоа, поради мерките, биле принудени да заминат од тие проекти, се разбира со загуби.

Што се однесува до развојот на односите Путин смета дека заедничката позитивна историја од двете светски војни зборува дека двете земји имаат заеднички интереси. Може да се соработува во технолошка сфера, а и вкупно во економијата. Размената со СД за време на Обама паднала до 20 милијарди долари, а сега при Трамп е 25 милијарди и покрај санкциите. Но тоа е малку со оглед на тоа што 25 милијарди долари е размената на Русија со Турција. Путин смета дека грешка е што САД излегле од Парискиот договор. Дека Трамп можел  во рамките на тој договор да ги заштити интересите на САД. Дотолку повеќе што се работи за рамковен договор. Путин задоволен е што сега во Вашингтон веќе никој не ја обвинува Русија за вмешување во избори. „Сега ја обвинуваат Украина, но нека се разберат меѓу себе“, вели тој. Според него врз руско-американските односи  негативно влијание има внатрешно политичката борба во САД.

На ред на Форумот дојде и Европската Унија. „Европската централна банка се чини создава пари од воздухот и се обидува да ги обедини државите членки по пат на вештачки мерки, по пат на создавање воено присуство, како што беше во Советскиот Сојуз. И Брегзит напоменува на ситуацијата од 1988 година во Советскиот Сојуз со растот на национализмот во земјите од Балтикот, што во крајна линија доведе до распад на Сојузот. Какво е Вашето мислење за Советскиот Сојуз, поточно, за Европската Унија?, го прашаа Путин. Своевремено тој изјави дека распадот на СССР е најголема трагедија во 20. век. Но овој пат тој нагласи дека причините за распадот на СССР малку имаат однос кон национализмот во земјите од Балтикот. Во основата на распадот е многу неефикасната економска политика на Советскиот Сојуз, која довела до колапс во социјалната сфера и имала продолжени последици во политичката сфера. Споредувајќи ги СССР и ЕУ, Путин кажува дека количеството на задолжителни решенија за сите земји од Европскиот парламент е поголемо отколку количеството на решенијата кои ги носел Врховниот совет на СССР во однос на советските републики. Тука може да се направи споредба, смета Путин, иако станува збор за различни работи. СССР беше строго централизирана држава, а ЕУ не е тоа.

Сегашните противречности во ЕУ, според Путин се јавија од конкретни работи. На даночните обврзници во Британија не им се допаѓа да плаќаат даноци , знаејќи дека голем дел од нив одат за „поддржување на пантолоните на оние се уште не достигнале определено ниво на економски развој и тоа се мери во десетици милијарди долари. Исто така многу донесени решенија не им се допаѓаат на сите членови, а имаат влијание врз сите нив. Рускиот претседател смета дека некаде во 2028 година некои земји од Источна Европа ќе достигнат такво ниво на економски развој, при кое тие нема да добиваат определени грантови и разни видови поддршка од заедничкиот европски буџет, туку ќе треба да плаќаат, како што досега плаќа Британија. „Не сум уверен, дека таму нема да никнат такви мисли, како и во Британија денес“, вели Путин. Со други зборови тој очекува и други држави од ЕУ да тргнат по патот на Британија.

Инаку, Русија е заинтересирана за зачувување на ЕУ. Зашто сака да има работа со предвидлив и партнер со кој можеш да се разбереш. „Ние со тревога гледаме на тоа што се случува таму. Зашто значаен дел од нашите девизни и златни резерви се номинирани во евро. И покрај падот на трговска размена, пред санкциите беше 450 милијарди долари, а сега е малку под 300 милијарди и расте, ЕУ е за нас најголем трговски партнер. Па затоа сме заинтересирани се да се зачува и ефикасно да функционира. Но, секако, анализираме што се случува таму и што ќе се случува“, заклучи Путин.

На Форумот имаше и други прашања, за Сирија, за Украина...Но сепак доминираа економијата, САД и ЕУ. Путин ги искористи деведесеттината минути да гокаже своето. Инвеститорите сигурно нешто научија. И покрај оптимизмот на Путин, останува на нив да видат дали и кога ќе вложат во руската економија. А рускиот претседател знае дека за да се избегне судбината на СССР потребна е, пред се, силна економија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД