15 Јуни, 2021
0.0195

Русија почна да ги брои „непријателите“

Објавено во: Колумни 17 Мај, 2021

Руската влада во петокот го објави најавуваниот список на таканаречените непријателски држави. Во него, засега, се вклучени само две држави. САД и Чешка. Најавата за барање на непријателски држави дојде во април кога претседателот Владимир Путин потпиша декрет, според кој, на „непријателските држави“ може да им се забранува ангажирање на територијата на Русија руски државјани за работа во нивните дипломатски претставништва. 

Задачата за подготовка на списокот беше дадена на владата. Се работеше за новина во законодавството. Во декретот на Путин беше напишано дека тој е направен како одговор на „непријателските активности на САД и други странски држави“. На него му претходеа мерките преземени од САД и Чешка, претходно,  со кои САД протераа руски дипломати и воведоа нови санкции кон Русија, а Чесите протераа дури 18 руски дипломати, наводно разузнавачи. Американците спроведоа веќе најавени санкции. Скандалот со Чешка изби кога Руси беа обвинети за експлозии во чешки складишта на оружје. Русите возвратија, па протераа дури 20 чешки дипломати, а Чешка одлучи бројот на дипломатите од Русија во Прага да се сведе на ист број како чешки во Москва. Рокот за ова е крајот на мај.

Сето ова доведе САД да најават дека од 12 мај нема да даваат туристички и деловни визи на руски државјани. Во другите градови давањето на такви документи беше престанато порано. Очигледно ударот беше насочен кон конзулските служби. А  таму во најголем број работат локални луѓе. Тие работат како шофери, советници, секретари...

АНТИРУСКИ ЧЕКОРИ

Што содржи владиниот документ за „непријателски држави“? Според него, на Чешка сега и е дозволено да може да ангажира во Москва 19 руски државјани, додека Американците ниту еден. Но,  американската амбасада во петокот соопшти дека руските власти ја информирале дека имаат намера да се одложи забраната за ангажирање на странски државјани. Не се знае до кога ќе биде одложувањето. Американската амбасада ги информираше своите државјани во Русија дека ќе им дава конзулски услуги до 16 јули. Ништо не се зборува и за давањето визи, туристички и деловни, на руските државјани. Веројатно станува збор за давање можност на Американците што работат во Русија да ги регулираат своите документи кои ќе им требаат за да одговорат на мерките на Русија што ги презема во поглед на странските работници. Ним им беше даден рок да си ги средат документите за да можат легално да престојуваат во Русија. Во спротивно им се заканува протерување. Ова се однесува и на стотици илјади гастарбајтери од Украина и Средна Азија.

Најавата на Путин за преземање мерки како одговор на протерувањето на руски дипломати во странство предизвика дискусија во Москва. Која е нејзината цел, кон кого ќе биде насочена..? Па почнаа претпоставките кој се’ ќе биде во списокот на „непријателите“. Едни велеа 10 држави и ги набројуваа САД, Полска, Чешка, трите балтички земји, па Велика Британија, Канада, Украина и Австралија. Се тврдеше дека не станува збор за „заострување, туку целта е да се предупреди да не се прават нови антируски чекори“. За мерката се вели дека е изнудена и времена, па оттука и надежта дека државите од списокот ќе се откажат од антируската политика, од координираниот притисок врз Русија, по што тие земји би отпаднале од списокот. Координаторот на таа политика се САД, а другите ги поддржуваат. Тука пред се’  се поранешните сојузници на СССР од Источна Европа и неговите републики од Балтикот. Додека „Стара“ Европа воопшто не се споменува.

Оттука и одлуката само САД и Чешка да бидат првите две членки во списокот. Да им се даде до знаење на другите што може да ги очекува. За разлика од Западот, кој во своите дипломатски и други претставништва ангажира доста локални работници, Русите се држат да ставот дека најдобро е да се имаат свои државјани. Оттука тие во странство ги ангажираат дипломатите, па членови на нивните  семејства, па административно-технички персонал, и бројот на руски дипломати во странство секогаш е поголем отколку на земјите каде што се лоцирани во Москва.

ПОДГОТВЕНОСТ ЗА ДИЈАЛОГ

Малиот број држави ставени во списокот изненади многумина. И во медиуми во странство дури се лицитираше која земја ќе се најде во списокот. Тие ја ставаа и Бугарија во него список. Во Украина, потсмевајќи се, пишуваа дека ќе направат се’ да се најдат во тој список. Портпаролот на Путин, Димитриј Песков, вели ограничениот број на непријателски држави „сведочи за подготвеноста на Москва за дијалог“. Американците мудро молчат. Чешкото МНР, смета дека одлуката на Русија е „чекор во натамошна ескалација на односите не само со Прага, туку и со ЕУ“. Претседателот Милош Земан, пак, вели дека :„Секога е лошо да биде непријател. А од руска страна тоа е глупост. Затоа што од некогашни пријатели да правиш непријатели е – грешка“.

Сето ова што се случува сега зборува за натамошно влошување на односите на Русија, пред се’ со САД, а потоа и со некои земји од Европската Унија. За тоа дека односите меѓу САД и Русија се на најниско ниво од крајот на студената војна  се искажуваат и американски и руски дипломати. Дали потегот на Русија може да се смета за зголемување на влогот пред средбата со Џо Бајден, која е најавена, а велат и дека се подготвува. Бајден својот влог го кажа со санкциите кои ги воведе во предвечерието на мерките од страна на Русија. А претходно и со изјавата дека Путин е убиец. На што Путин не остана должен па направи алузија на бајденовата возраст. На 20 мај ќе се одржи заседание на Арктичкиот совет во Рејкјавик. Најавена е средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со неговиот американски колега Ентони Блинкен. Тоа ќе биде можност, покрај за подготовката на средбата Бајден и Путин, да се проговори нешто и за „непријателските списоци“ и американските предизвици за такви чекори.

Барајќи непријатели Русија како да заборава дека е потребно да се бараат пријатели. Но тоа денес е тешко. Ниту САД немаат многу искрени пријатели. Се’ се пријателства од интерес. Веќе не се верува во демократските вредности и почитувањето на човековите права за кои проповедаат САД. Некогаш извезувани со сила. Тоа е во сферата на теоријата. Нема потреба да се отвораат архивите на Стејдепартментот или Белиот дом, а да не зборуваме на ЦИА, за да се потврдат овие зборови. Затоа САД пред да зборуваат за тие вредности треба да си ги средат работите дома, па да можат да попуваат на другите. Овде не мислам на Македонија или Украина, или други мали земји кои се’ уште не се нашле себе си. Тие се играчи од втора и трета сорта, научени друг да мисли за нив. Ова, попувањето, се однесува за Кина и за Русија.

СЕ’ Е ИНТЕРЕС

Но да се вратиме на „непријателите“. Рускиот император, крал на Полска и Голем војвода на Финска, Александар Трети има речено: „Русија има два сојузници – нејзината армија и флотата“. Така е и денес. Токму затоа Русија вложува многу во вооружувањето. Се разбира многу помалку од САД и Кина. Путин кој е голем почитувач на делото на Александар Трети  може да земе нешто од неговиот стил на владеење. На пример свртување кон поголем соработка со Европа. Александар Трети ги удри темелите на Антантата – сојузот на Русија со Британија и Франција. Сега не се тие времиња, но сепак може да се направи нешто конкретно на политички план. На пример со Германија и Франција. Можеби и САД ќе се обидат да го направат тоа со Русија за да се обидат да влијаат на нејзиното стратешко партнерство со Кина.

Во политиката нема пријатели или непријатели. Се’ е интерес. Еве да го земеме претседателот на Белорусија, Алекандар Лукашенко. Белорусија е дел од Организацијата од Договорот за колективна безбедност(ОДКБ) , таканаречен мал НАТО, значи сојузник со Русија и другите членки. А таму се и Ерменија и Казхастан и Таџикистан и Киргистан. Србија и Авганистан се набљудувачи во Парламентарната асамблеја на ОДКБ. Е, тој Лукашенко, сојузникот, а му дојде проблем, трча по пари кај Путин. Ако не му дадат се заканува со „бегство“ на запад. И нормално парите почнуваат да течат кон Минск. Така беше и лани при последните избори за претседател во Белорусија и немирите после нив. И сега се поставува прашањето дали таквите политичари или држави се пријателски или непријателски? ОДКБ го напуштија Узбекистан, Азербејџан и Грузија. Најдоа нови „пријатели“. Некои Турција, некои Запад. Од едноставна причина, тие се вклопуваат во нивните геполитички интереси и стратегии. 

Списоците на „непријатели“ на Русија нема многу да придонесат за нејзино поголемо почитување. Американците ги игнорираат. Затоа што имаат одговор на нив. За разлика од некои европски држави, кои се прават папи поголеми од папата. Но и покрај тоа Русија треба да најде начин за да обезбеди заеднички интерес со секоја држава. Интересот е „перпетум мобиле“. Се додека постои работите се движат. Ако го снема машината застанува. Се разбира Американците ќе стојат на патот на Русија и секогаш ќе се трудат да го наметнат својот интерес пред рускиот. Токму затоа Путин има шанса да одигра многу добро со Бајден. Влог да не му бидат„ непријателски“ списоци, туку колку што е можно повеќе преклопување на заедничките интереси со САД. Тоа е добитната варијанта. Ќе биде тешко и ќе се бара време за да се дојде до некој опиплив резултат. Но тоа е подобро отколку да се вадат списоци од џеб, како адут во играта. Особено ако зад нив немаш ништо друго.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот

Орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот

Јагода ја доби неработната недела, Мила ја засилува активноста, Венко доби пауза, бизнисот се преструктуира

Јагода ја доби неработната недела, Мила ја засилува активноста, Венко доби пауза, бизнисот се преструктуира

Калето се јави! Навистина се јави!

Калето се јави! Навистина се јави!

Колумна на Глигор Бишев: Има ли причини за загриженост од бран на глобална инфлација

Колумна на Глигор Бишев: Има ли причини за загриженост од бран на глобална инфлација

Украина реши да ги дисциплинира олигарсите

Украина реши да ги дисциплинира олигарсите