20 Април, 2024
0.0266

Русија одново на агендата на македонската политика

Објавено во: Колумни 15 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Само неколку дена беа потребни за Русија одново да се најде на агендата на македонската политика.  Најнапред претседателот Стево Пендаровски замина за Париз на Парискиот мировен форум, на покана од францускиот претседател Емануел Макрон да биде дел од триесетината учесници на него. Вчера, пак, премиерот Зоран Заев учествуваше во работата на Македонско-рускиот бизнис форум во Скопје. Епилогот од учеството на двата македонски високи политичари на овие форуми се потврдите дека Пендаровски догодина на 9 мај ќе учествува на одбележувањето на 75 годишнината од победата над фашизмот и дека Македонија во иднина со Русија ќе работи на зголемување на економската соработка.

Последните чекори на македонските политичари како да најавуваат дека државава конечно, срамежливо, посакува да води самостојна политика. Но и тоа, премиерот Заев го прави, како да се правда пред некого. Па изјавува дека  меѓувладината конференција нема никаква порака, затоа што настанот е економски. Како да се плаши некој да не го укори за заложбите за унапредување на соработката со Русија. По бриселското вето од Макрон, се доби впечаток дека тој, иако претходно укажуваше на опасноста од  руско,турско и кинеско влијание на Западен Балкан, како да го предава регионот во прегратките на овие три земји. А нашиве како да сакаат да го демантираат тоа.

За разлика од Заев, Пендаровски во Париз на средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше јасен во поглед на учеството во свеченостите посветени на 75 годишнината од победата над нацизмот во Европа. Тој таму ќе замине на покана од рускиот претседател Владимир Путин. „Вашиот амбасадор не еднаш прашуваше навистина ли ќе дојдам. Можеби ми треба време уште малку да размислам за тоа. Никако. Еден од основните принципи на нашата земја е борбата со фашизмот“, му рекол Пендаровски на Лавров на нивната средба. „Па затоа, секако ќе бидам таму“, додал тој.

Инаку на манифестацијата во Москва се поканети мноштво лидери, меѓу кои и Доналд Трамп, кој, иако позитивно се искажа за поканата, се’ уште не одлучил дали ќе патува,особено со оглед на тоа што догодина ќе се одржат претседателските избори, па не се знае како ќе одекне таквото патување во Москва. Инаку и Путин вчера во Бразилија, на средба со новинарите по Самитот на БРИКС, се искажа на таа тема. „Доколку претседателот на САД реши, може да дојде, имајќи предвид и почната предизборна кампања во земјата, јас мислам дека доаѓањето по повод завршувањето на Втората светска војна за лидер на земја која  даде значаен придонес во борбата против нацизмот, па дури и во рамките на предизборната кампања, ќе биде правилен и вистински чекор, но ние за тоа не решаваме“.

Како и да се сфатат однесувањата на Пендаровски и Заев тие, сепак, потврдуваат дека не е можно да се води политика играјќи на една карта. Во овие рамки и економска политика. Затоа не случајно Заев, поткрепувајќи се себе си, вчера изјави дека и „Германија и Франција и сите соработуваат со Русија, па затоа и ние ќе работиме на подигнување на нашиот стандард. Да се прави се што носи бенефит за нашиот народ“. Овој пат со помош на Русија. Но, со јасно уверување дека тоа не значи барање алтернатива на евроатлантските интеграции. „За мене алтернатива на ЕУ и НАТО не постои, тоа и граѓаните ни го кажуваат – повеќе од 80 отсто од нив се за интеграција во ЕУ и НАТО. Наш интерес, како и на европските земји, е да соработуваме со остатокот од светот“, рече вчера Заев.

Кога сме кај авроатлантските интеграции, Русите сигурно ја научија лекцијата од слепата поддршка на претходната власт во надеж дека ќе успеат некако да ја оттргнат Македонија од патот кон НАТО и ЕУ. Се’ уште се свежи пораките и од официјалните руски институции и од медиумте дека Македонија, која бараше повеќе демократија, во најмала рака оди по погрешен пат. Доаѓањето на новиот руски амбасадор како да внесе промени во односот на Русија кон Македонија. Неговиот претходник десетина години ги загуби без да направи чекор кон изградба на подобри односи. Го критикуваа дури експерти од Москва. Тој и некои негови претходници,  не успеаја да го продлжат патот кој го зацрта амбасадорот Агарон Асатур. Да се спроведе во живот идејата на Путин за соработка на Балканот со економија и култура. Најдобар пример за тоа е Словенија. Нема потреба да се зборува за Србија, бидејќи таа е стратешки партнер на Русите и не е мерило за развој на односи меѓу две земји. Словенија е вистинскиот репер. Ем членка на НАТО, ем членка на ЕУ, ем држава  која Путин најмногу  ја посетил, ако не се сметаат некои држави на постсоветското пространство или големи регионални сили.

Односите меѓу Македонија и Русија беа во застој неколку години. Меѓувладината мешовита комисија не заседавала од 2014 година. Од македонска страна копретседател беше министерот Зоран Ставревски. Повидлив резултат од нејзината работа беше решавањето на прашањето со клириншкиот долг на Русија кон Македонија. Денес таа комисија повторно ќе заседава. Ќе биде интересно да се видат резултатите од неа, со оглед на неколкугодишната пауза во нејзината работа.

Инаку, моменталните економски резултати во размената меѓу двете земји не се за пофалба. Вкупната размена е над 134 милиони долари.Увозот од Русија е околу 100 милиони долари, а таму извезуваме стоки во вредност од околу 34 милиони долари. Порастот во однос на истиот период лани е околу 25 проценти. Ова се резултати за првите девет месеци од годинава. Дефицитот ни е околу 65 милиони долари. Во Русија најмногу извезуваме лекови, овошје, зеленчук и тутун, а увезуваме енергенси - гас, нафта и производи од црната металургија.

Што бара сега Македонија во економската соработка со Русија? Покрај веќе традиционалните извозни производи ние сме заинтересирани за соработка во енергетиката, но секако и во туризмот и земјоделството. Од овие три гранки најреално може да се направи нешто во енергетиката. Не случајно вчера беше посочена инфраструктурата во гасификацијата. Особено инвестирањето во проектирањето и изградба на дистрибутивни системи на природен гас во државава. Русите имаат искуство и знаење во овие области и веројатно некоја компанија би нашла интерес да се вклучи во нив.

Што се однесува до туризмот шансата е пропуштена многу одамна. Руските туристи  претпочитаат да одат во Турција, Грција, Египет, на Јадранот и зимски центри на и околу Алпите.  Ние пред многу години не можевме да одговориме на барањата на руските туристи. Ни по квалитет на услугите, ниту по бројот на легла. Се сеќавам имаше групи новинари кои шетаа низ туристичките центри, се воодушевуваа на убавините, ама...На пример едни прашува дали на руските клиенти можете да им обезбедите блиндирани возила? Сега тие ја откриваат Хрватска, која своевремено не сакаше да види менија на кирилица и пцуеја се што е православно, а сега широко ги отвора рацете за руските туристи. Или Словенија и нејзините ски-центри. Уште во 2002 година предлагав нашите туристички организации да организираат тури на православни Руси кои сакаат да видат од каде им дошла писменоста. Русија денес е земја со најголем број православни верници. И не само Русија, тука е и Украина...Да дојдат да видат дека писменоста не е дојдена од Бугарија, ниту Грција, туку од Македонија. Ама треба да се работи на тоа. Коморите, дипломатијата, туристичките асоцијации.

Кога се споменува земјоделството, Русите кои што се занимаваат со него управуваат со површини големи десетици и стотици илјади хектари. А кај нас со парцели од неколку декари или неколку хектари не може да се привлече ниту еден инвеститор. Значи прво комасација, а потоа земјиштето да се нуди на продажба или долгогодишен закуп. На потенцијалните инвеститори не им се исплати да вложуваат во изградба на откупни центри. Полесно им е нашите производи да одат преку Србија, како српски, која има Договор за слободна трговија со Русија.

Што ни порачаа Русите вчера?Рускиот заменик-министер за индустриски и трговски развој, Алексеј Груздев нагласи дека македонската Влада треба да создаде благопријатни услови за интензивирање на економската соработка. „Тоа ќе зависи од вас и само така ќе можете да ја видите вашата конкурентност на пазарот. Убедени сме дека со тоа ќе се зголеми партнерството. За жал, ние имаме поинакви бројки за размената според кои таа се намалува, но ако навистина е зголемена за 25 отсто, како што велите, тоа радува“, напомена Груздев. Русија, според него, е подготвена за купување стоки и услуги од земјава, посебно од агросекторот, но сериозен потенцијал за унапредување на соработката има и во транспортот, движењето на стоки и авиосообраќајот. За Груздев во областа на енергетиката сме сигурни партнери, но освен за зголемување на увозот треба да зборуваме и за техничко-технолошкиот развој. Од сето ова се наѕира кој е интересот на Русија, а кој е нашиот. Прашање е каде и дали ќе се поклопат заеднички интереси.

Погоре беше спомената Словенија. Таа е пример за соработка со Русија за сите земји членки на НАТО и ЕУ. А да не зборуваме за Балканот. На неодамнешниот форум Италија-Словенија-Русија(пример и за нас да организираме нешто слично со соседните земји) беше соопштено дека за првите осум месеци од годинава Словенија има извезено стоки во Русија во вредност од 575.624 милиони евра. А увозот е 375.774 милиони евра. Или вкупната размена е 951.398 милиони евра. Се очекува дека до крајот на годината ќе ги надминат ланските една милијарда и 159 милиони евра. Словенија е една од ретките држави кои имаат суфицит во размената со Русија.  Во извозот со 40 проценти учествуваат лековите, 12 електрични апарати и машини, 11 проценти машинска опрема, 10 проценти органски хемиски производи, железо, челик, храна итн. 85 проценти од увозот се минерални горива и масла, нивни деривати, битумени, восоци...Пет проценти во увозот отпаѓаат на алуминиумот, два на дрва и дрвни производи и тн.

Како успева Словенија да го направи сето ова? Да имаа речиси десет пати поголема стоковна размена со Русија од нас. И да не се плаши од никого да води своја политика. И да воведува санкции кон Русија и да ја спроведува политиката на НАТО и на ЕУ кон неа. И пак Путин да сака да дојде во Словенија или да ги прима во Сочи или Москва словенечките лидери. Досега можеби имаат десетици средби. Лани нешто се обидуваше да направи хрватската претседателка Колинда Храбар Китаровиќ. Малку се раздвижија и хрватско-руските односи. Не знам колку од нашиве се сретнале со Путин официјално. Еднаш беше Борис Трајковски и еднаш Ѓорге Иванов. Претходно Киро Глигоров се сретна со Борис Елцин.

Затоа не е лошо Заев и некои негови соработници да заминат да Љубљана. Да го видат таму споменикот на руските војници загинати во Првата и Втората светска војна. Да се качат на планините и да видат мала руска капела посветена на Русите кои го граделе патот низ планините и притоа некои од нив настрадале. Путин беше и таму и таму. Важно е да се направи приказна. И кај нас, пред години, имаше обид за такво нешто, но креаторите на политиката не го разбраа или пак не сакаа да го разберат тоа.

Никогаш не е доцна за нов почеток. Сега е шанса да се продолжи онаму каде што се застана. И утре кога ќе бидеме во НАТО и кога ќе почнеме разговори со ЕУ да можеме без страв од некого да соработуваме со Русите. Се разбира, засега, без воведување санкции кон Русија, како што соопшти вчера македонскиот премиер, со очекување дека тоа Москва ќе го цени.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок