24 Април, 2024
0.0272

Русија нема да разговара со НАТО, слично како со ЕУ

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Прекинувањето на односите меѓу Русија и НАТО беше меѓународна вест, што доби широк одглас, иако за познавачите тоа не беше никаква новост. Рускиот одговор на протерувањето на руски дипломати од Брисел, затворање на мисијата на НАТО во Москва не беше неочекуван. Сега Русија ќе почне да води политика со НАТО, слично како со ЕУ. Односите со ЕУ на Русија одамна се сведени на билатерала. Унијата како да не постои. Главни партнери се Германија, Франција, Италија, Австрија...Секоја поединечно. Практично најмоќните. Очигледно, Русија решила да гради односи на воен план само со САД.

НАТО на почетокот на октомври соопшти дека протерува осум членови на руската мисија во Алијансата, наведувајќи дека работеле тајно како разузнавачки агенти. „Можеме да потврдиме дека ги отповикавме акредитациите на осум членови на руската мисија во НАТО, кои беа тајни руски разузнавачи“.На тој начин бројот на дипломати за кои Русија може да акредитира своите претставници во НАТО, се намали од 20 на десет. Прецизно објаснување за одлуката, која стапува на сила на крајот на месецов не е дадено.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 7 октомври  изјави дека одлуката за протерување на осум членови на руската мисија во Алијансата е одговор на напливот на „злонамерните активности“ на Москва. Столтенберг не кажа ништо конкретно за нивната работа. „Оваа одлука не е поврзана со некој конкретен настан, но веќе некое време видовме зголемување на руската злонамерна активност и затоа треба да бидеме будни“, рече Столтенберг пред новинарите во Брисел. Тој додаде дека односите меѓу Алијансата и Москва во моментов се на „најниска точка од крајот на Студената војна ... поради руското однесување“., рече тој, наведувајќи ги „руските агресивни дејствија“ против Украина и нејзиниот „значителен воен развој и кршење на важни договори за контрола на вооружувањето“.
ВРАЌАЊЕ НА СТУДЕНАТА ВОЈНА

А само ден претходно Столтенберг, а и по средбата со рускиот министер за надорешни работи во Њујорк, зборуваше за подобрување на односите со Москва. Од Кремљ се јави портпаролот, Дмитриј Песков, кој рече дека надежите за подобри односи се речиси целосно компромитирани. Според него, постои очигледна противречност во изјавите на претставниците на НАТО за желбата за нормализирање на односите.

Реакцијата на Москва не изостана. Како што впрочем најчесто се работи во меѓународите односи кога се протеруваат дипломати. Тоа го најави и Лавров. „Неколку денови пред објавувањето на решението ние сретнавме во Њујорк со Столтенберг. Тој на секој можен начин го истакна „искрениот“ (како што рече) интерес на Северноатлантската алијанса за нормализирање на односите со Руската Федерација во интерес на деескалација на тензиите на европскиот континент“ рече Лавров. Додавајќи дека од 1 ноември, како одговор на активностите на Северноатлантската алијанса, ја суспендираат работата на Постојаната мисија на Руската Федерација во НАТО во Брисел, вклучувајќи ја и работата на главниот воен претставник. Потоа дека ги прекинуваат активностите на воената мисија за врски на НАТО во Москва. Акредитацијата на нејзините вработени се укинува од 1 ноември 2021 година.И трето, се прекинуваат активностите на информативната канцеларија на НАТО во Москва, основана во Амбасадата на Кралството Белгија. „Доколку членките на НАТО имаат итни работи, тие можат да се обратат до нашиот амбасадор во Брисел, кој ги обезбедува билатералните односи меѓу Русија и Белгија“, рече Лавров.

Сето ова за некого можеби е повод за вознемиреност. Но односите на Алијансата и Русија практично се прекинати уште пред седум години. По настаните во Украина и присоединувањето на Крим кон Русија. Бројноста на луѓето во руското претставништво во НАТО постојано се намалуваше. Контактите со руските дипломати беа ограниени. Ако сакаа да одат во штабот на НАТО, тие мораа да се јават неколку денови порано, па да добијат одобрение. А без средби и разговори нема напредок. Пред три години Брисел го напушти и првиот човек на руското претставништво Александар Грушко, кој сега е заменик на Лавров. Тој деновиве изјави дека „НАТО, поминувајќи го патот на еволуцијата одново почна да живее според шемите од студената војна“.

РАЗУЗНАВАЧКИ АКТИВНОСТИ

Но не беше само Столтенберг тој кој задава тон на дискусијата за односи на НАТО со Москва. Ако се остават настрана некогашните членки на Варшавскиот договор, збор зеде и германската министерка за одбрана Анегрет Крамп – Каренбауер, која рече дека Алијансата, во случај на неопходност, треба да и покаже на Русија подготвеност за примена на оружје. Нејзиниот руски колега Сергеј Шојгу не и остана должен, па истакна:„Наспроти позадината на повиците за воено одвраќање на Русија, НАТО постојано ги движи силите кон нашите граници. Како ова завршувало за Германија и Европа, мора добро да знае министерот за одбрана на СР Германија. Безбедноста во Европа може да биде само општа, без да се нарушуваат интересите на Русија. Но, денес НАТО не е подготвен за рамноправен дијалог за ова прашање “.

Без коментар не остана и портпаролот на руското МНР, Марија Захарова. Таа се „нафрли“ на Столтенберг. „Тој тврди дека причината за протерувањето на руските дипломати е наводно  некаква нивна „разузнавачка активност“... Воедно вели дека нема да сподели никакви докази. Ние разбираме зошто. Поради недостиг на докази. За што може да зборувате со такви личности?, праша Захарова.  Таа вели дека има неколку прашања до генералниот секретар на НАТО. На пример:„Што се случува со разузнавачки активности на дипломати на земјите - членки на НАТО? Дали разузнавачката заедница(на НАТО) престана да спроведува разузнавачки активности под маската на дипломатски имунитет, под маската на „ новинар за меѓународна политика“? Има ли некакви сигнали што од Брисел (штабот на НАТО) тргнале во нивните земји-членки, дека претставниците на нивните разузнавачки заедници, специјални служби итн. треба да се вратат „во базата“? Ако седиштето на НАТО во Брисел, самиот генерален секретар, почна проактивно да ја покренува оваа тема, ајде да зборуваме конкретно: колку, каде, во кои земји, претставници на кои разузнавачки служби и од кои земји од НАТО, работат? Дали сакате дијалог на оваа тема? Ве молиме одговорете на овие прашања“, рече Захарова.

Секако дека Столтенберг нема намера да одговара на ваквите прашања. Но за Русија тоа и не е важно. Тие прашања беа поставени повеќе реторички. За внатрешна употреба. Демек и ние знаеме нешто. Сега не е јасно каква ќе биде судбината на Советот Русија-НАТО, кој беше замислен како место каде што ќе се зборува за меѓусебните односи. Тој и така не беше активен изминативе години, но никој не заборува за неговата судбина.

 УСПЕШНА ФОРМУЛА

Русија е решена НАТО да го третира како седиште на бирократи, како и ЕУ и да води сметка за односите само со поодделни членки во нив. Димитриј Тренин, од Карнеги Фондацијата од Москва за ова  има свое мислење.  Тој вели:„Москва го гледа НАТО првенствено како платформа за американско воено присуство во Европа. Жестокиот дипломатски одговор на Русија на дејствијата на Алијансата покажува дека руското раководство го зацврстува мислењето дека во услови на растечката конфронтација со САД, нема смисла да се разговара со структурите што им се подредени. Од оваа гледна точка, меѓународната бирократска инфраструктура на НАТО, вклучително и нејзиниот генерален секретар-европјанин, во суштина е само покритие за американската доминација во Алијансата. Па зошто да губите време со помладите сојузници? Ако треба да разговарате, тогаш подобро е да го направите тоа директно со началникот“. Сергеј Лавров може да не се сретнува со Солтенберг, но врската меѓу главниот командант на Обединтите сили на НАТО во Европа, американец, и началникот на генералниот штаб на руските вооружени сили продолжува да функционира. И ако има сериозна конфронтација со неа на некој начин треба да се управува, смета Тренин.

Очигледно Русија и овде ја применува успешната формула од односите со ЕУ. А која дава резултати. ЕУ воведува санкции против Русија. Таа ги прифаќа неволно, но воведува контрасанкции. Но и покрај санкциите трговската размена на Русија со одделни членки на ЕУ расте. Кризата со гасот во последниов период покажа дека билатералата на Русија со земји членки на ЕУ одлично функционира. Германија добива гас по 270 долари за илјада кубни метри. Малите земји плаќаат или ќе плаќаат доколку сакаат да купат по берзанска цена, која сега е околу 1.200 долари за истото количество. САД, во меѓувреме танкерите со течен природен гас ги насочуваат кон Азија.

Русите, ако не побара НАТО, како организација, сега ќе разговараат со САД за многу прашања. Столтенберг во образложението на протерувањето на руските диломати изјави и дека односите меѓу Алијансата и Москва во моментов се на „најниска точка од крајот на Студената војна ... поради руското однесување“., па ги спомена  „руските агресивни дејствија“ против Украина и нејзиниот „значителен воен развој и кршење на важни договори за контрола на вооружувањето. Сега има напори околу Украина повеќе да се ангажираат САД. Како што беше неодамна , кога во Москва дојде Викторија Њуланд, помошник на државниот секретар. Една од главните теми на разговорите беше токму Украина. Значи разговори на Русија со САД, а не со НАТО. Што се однесува до воениот развој на Русија, таа повторно за тоа ќе зборува са САД. Исто како и за договорите околу контролата на вооружувањето. А за кои веќе се разговара со Американците. Така што Столтенберг во суштина, до подобри времиња, кога ќе станува збор за Русија, ќе има улога на гласоговорник на САД во НАТО. Дел од бирократската мрежа.

ОБСЕ И СОВЕТОТ НА ЕВРОПА БЕЗ РУСИЈА!?

Инаку пред некој ден рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на 18. дебатен клуб „Валдај“ во Сочи, во чија работа учествуваа голем број руски и странски експерти. Разговараше со нив пет часа. Беше спомнат таму и Столтенберг и негова изјава од пред некој ден дека НАТО, донекаде ја коригира својата стратешка слика и сега Русија и Кина нема да се разгледуваат како две закани, туку како една задничка. Па го прашаа Путин:„ Ако веќе толку далеку гледаат можеби е време да се обединиме со Кина и да бараме некој како закана“? Одговорот на Путин беше дека за разлика од НАТО, тие не создаваат со Кина воен блок и немаат таква цел ни Москва, ниту Пекинг. Што гледано од аспект на односите со НАТО, Русија и овде остава простор за разговор само со Американците. Кои пак многу се заинтересирани за тоа.

Нема да изненади ако Русија во иднина нема да соработува и со други меѓународни организации. Путин во Сочи беше прашан за реформа на некои меѓународни организации за што зборувал пред извесно време. И конкретно го прашаа за ОБСЕ и Советот на Европа. Руското учество во нивната работа.  Одговорот на Путин беше доста индикативен. „Ако се занимаваат исклучиво со постсоветскиот простор, обидувајќи се да ги подучуваат новоформираните независни држави, создадени на териториите на поранешниот Советски Сојуз, тогаш тие имаат многу мали изгледи за постоење. И ве уверувам дека ако Русија се повлече од една од овие организации, тогаш ќе видиме што ќе се случи понатаму со нив од гледна точка на учество и на други земји.Поуки за моралот не му се потребни никому, па затоа треба пошироко да гледаме на прашања од хуманитарен карактер, хуманитарна соработка, ако мислиме на Советот на Европа или безбедносните прашања на европскиот континент во широка смисла на зборот.

До каде ќе оди Русија во поглед на мултилатералната соработка? За НАТО сега се’ е јасно. Бајден и Путин ќе одлучуваат главно за Европа. Се разбира ако таа не смогне сили да ги „откачи“ и двете големи држави. Па дури и да направи војска. Што за НАТО би било смртоносен удар. Но такви идеи постојат. Најавата за потреба од реформи на ОБСЕ и Советот на Европа е знак дека таму допрва ќе се води жестока дискусија.Ако продлжи Русија да оди како што тргнала со ЕУ и НАТО, не е чудо истото да го направи и со другите две организации.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок