20 Април, 2024
0.0275

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Објавено во: Колумни 20 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Во Русија синоќа завршија тридневните избори. Граѓаните во сите федерални единки го избираа составот на новата Државна дума, а во некои од нив и локалните парламенти и губернатори. Кога ќе го имате текстов пред вас, ќе се знаат и конечните резултати од изборите. Но, уште сега може да се каже дека Русите ја избраа новата Дума која ќе спроведува стара политика.

Според излезните анкети, победник е путиновата „Единствена Русија“ со 45,2 проценти од гласовите, па Комунистичката партија на Руската Федерација со 21 процент, по неа Либерал демократската партија со 8,7 , па „Праведна Русија со 7,9 проценти. Партијата „Нови луѓе“, која важи за приврзок на владејачката “Единствена Русија“, според излезните анкети има освоено 4,7 проценти, што и дава надеж дека ќе може да влезе во Думата ако освои уште некој глас до пет проценти. Излезноста на изборите ќе се знае денес, но некои информации зборуваат дека е околу 45 проценти. Во шест федерални единки имаше и он-лајн гласање.

Во текот на гласањето биле забележани и хакерски напади. Според официјални претставници тие биле од IP-адреси регистрирани во разни земји. Педесет проценти биле од САД, 25 од Германија, Русија 10 пеоценти, Кина пет проценти и уште десетина други земји, меѓу кои, сосема малку и од Северна Кореја. Најдолгиот напад во саботата траел пет часови. Но се' поминало во најдобар ред и не е направена никаква штета на процесот на гласање.

Во победата на „Единствена Русија“ никој не се сомневаше. Прашање е дали таа ќе го потврди или ќе го изгуби двотретинското мнозинство во Думата. Апсолутното ќе го има. Во Русија 225 депутати се избираат по партиски списоци и уште толку според мнозински модел. Дека победникот ќе биде „Единствена Русија“ знаеја и врапците. Власта однапред си го исчисти патот до победата. Со користење административни ресурси, со претходно отстранување или недозволување на одредени кандидати да се најдат во избирачките списоци, од разни причини.

НЕПОПУЛАРНА ПАРТИЈА – ПОПУЛАРНИ МИНИСТРИ

Најмалку им беше дозволено во списоците да се најдат личности блиски до опозицијата, несистемска, но беа блокирани и поединци од системската опозиција, а за кои се знаеше дека би направиле добар резултат на изборите. Владимир Путин вети дека новиот состав на Думата, после изборите, ќе подели еднократна помош до пензионерите и воените лица. Но власта веднаш се откажа од таа идеја и Путин потпиша декрет и луѓето ги добија парите пред изборите. Купување лојалност кога треба и каде што треба. А граѓаните навикнати на вакви работи не го сфаќаат тоа како добра намера, туку повеќе како обврска на државата пред избори. Исто како кај нас пред секои парламентарни избори веќе триесетина години.

Предизборната партиска агитација, особено на „Единствена Русија“ и не се забележа многу. Фактот дека на нејзиниот конгрес пред изборите беше Путин зборува многу сам по себе. Ако се додаде дека на првото и второто место во изборниот список на партијата беа имињата на најважните министри, за одбрана Сергеј Шојгу и за надворешни работи, Сергеј Лавров, па на првиот човек на главната болница за борба со короната, докторот Денис Проценко, тогаш јасно е дека и Путин е свесен дека партијата и партиските лица не се популарни. Па ајде ќе одиме со Лавров, Шојгу и Проценко на чело на изборниот фронт. Во списокот не беше дури ни претседателот на партијата Димитриј Медведев.

Ваквиот приод кон изборите е прв пат. Па се поставува прашањето дали Лавров и Шојгу решиле да се одморат од активната државничка работа или пак Путин решил на елегантен начин да ги тргне од извршната власт? Еднаш го прашаа Путин за тоа, а тој рече дека е задоволен од работата  и на Шојгу и на Лавров како министри, но дека е подготвен да ги пушти да работат во Думата, ако тоа го посакаат. Се разбира такво нешто за Лавров и Шојгу би значело праќање на „одмор“. А ниту едниот ниту другиот не се такви карактери. Путин очигледно сака за партијата да ја искористи нивната популарност. Лавров е најпопуларен од сите лидери во партиските списоци. Според една анкета популарноста му е 73, а на Шојгу 69 проценти. Најверојатно ниту Лавров, ниту Шојгу, а ниту докторот Проценко нема да одат во Думата и ќе си останат на своите места. Но со оглед дека се работи за послушни луѓе, тие секако не ќе можат да му се спротивстават на Путин доколку реши да ги „прати“ во Думата.

„УМНО ГЛАСАЊЕ“

Многу врева за овие избори се крена околу таканареченото „умно гласање“. Негов творец е затворениот Алексеј Наваљњни. За прв пат тој начин на гласање беше искористен пред Наваљни да бие отруен и да биде затворен. На регионални избори Наваљни бараше од приврзаниците и други граѓани да не гласаат за „Единствена Русија“ по никоја цена. А гласот да се даде кому било друг. Па така во некои регионални парламенти полека се менуваше составот и во нив можеше да се забележат и опозиционери кои ги разбрануваа водите во локалните баруштини.

Така беше и овој пат. Само без Наваљни.  Но сега ваквиот приод на Наваљни наиде на критики дури и од негови симпатизери. Го обвинуваа дека со „умното гласање“ во Русија ќе се засили власта на Путин. Зашто и кога се гласа за комунистите, а да не зборуваме за либералите на Жириновски, се гласа за власта. И едните и другите се многу лојални на Кремљ и посебно на Путин како претседател. Жириновски со децении на седници на Думата знае да ја критикува власта и претседателот, но кога се гласа, крева највисоко два прста во нивна поддршка. Така е речиси и со комунистите.

Гласот даден за нив со „умно гласање“ е глас во поддршка на режимот на Путин. Од официјалните резултати ќе се види колку КПРФ има добиено гласови од „умното гласање“, ако се спореди со резултатите  од анкетите пред изборите со кои се истражуваше колку проценти од избирачите би гласале за една или друга партија. „Умното гласање“ не остава реален политички избор. Туку е оружје да се нанесе штета на владејачката партија. Таа да освои што помалку гласови, па и при опстојување на режимот. Но дали е баш така во реалноста?

Писателот Борис Акунин смета дека тоа прави повеќе штета, отолку полза. Според него, во 2021 година „секоја политичка активност“ во Русија „стана невозможна“. „Главната борба сега нема да биде за пратеници, туку за умовите и срцата на мнозинството (и главно за срцата). Во овој вид натпревар, режимот на Путин е целосно беспомошен. Тој е лажлив, груб, крадачки, корумпиран, идеолошки стерилен. Може да се плаши од него, но невозможно е да се почитува, па дури и повеќе, да се сака - барем бесплатно. Борбата се префрла од политиката во сферата на етиката и естетиката. Искреноста и пристојноста се против лагата и подлоста, убавите постапки се против одвратните “, напиша  на својата Фесбук страница Акунин. „Да се гласа за сталинист за да се изнервира Путин? Ниту една рационална аргументација нема да убеди обична, непартиска личност, дека ова е достоен чин. Повеќе би ја оттргнала од оние кои водат кампања за ова. Ова значи дека дури и ако е успешно, „Умното гласање“ направи повеќе штета, отколку добро “, напиша Акунин.

СОЧУВУВАЊЕ НА СЕГАШНОСТА

Како и при секои избори и сега се зборува за фалсификување, уфрлање гласачки ливчиња, но сепак главни се административните ресурси. Вчера доаѓаа вести за организирано носење луѓе на избори, Имаше многу прегласувања кај оние кои гласале еднаш он-лајн. Сето тоа доведе до сомнежи. Особено за гласањето во Москва. Таму речиси половина од гласачите, околу  два милиони, гласале он-лајн, но резултатите не беа објавени, иако од другите пет региони ги објавија. Се јавува сомнеж дека власта ќе ги искористи московските гласови дадени он-лајн за поддршка на владејачката партија. Да ги „обработи“ и да и’ додели на таа партија онолку гласови колку што и требаат да има двотретинско мнозинство. Од Државната изборна комисија ги отфрлаат ваквите сомнежи, а ветуваат дека до денешното утро ќе се знаат и тие резултати. 

Какви и да се тие власта ќе го добие она што сакаше да го добие. Државна дума која ќе го поддржува Путин и неговите политики. Со последните промени на Уставот Думата сега ќе има поодговорна улога во формирањето на владата. Но тоа не значи и одлучувачка. Се’ пак ќе зависи од Путин и партиите кои досега и не му се спротивставуваа. Иако беа системска опозиција. Па така, добредојде новата Дума, која ќе спроведува стари политики. Особено до 2024 година кога му завршува мандатот на Путин. Сегашниот. А со промените на уставот, кога му ги избришаа досегашните претседателствувања, тој тогаш ќе може да се кандидира за нови избори. И можност за нова 12 годишна власт. Уште три години новата Дума ќе го билда рејтингот на власта и на Путин. Ќе аминува решенија. А може да биде и креативна во подготовката и носењето на закони. Закони кои нема да гледаат кон иднината тука ќе сакаат да ја сочуваат сегашноста.

Новата Дума значи и нова можност Путин да направи „чистка“ онаму каде што мисли. Од последните избори во 2016 година наваму тој си ја зацврсти позиција, си отвори бришан простор до 2024 година. Се занимаваше со генералите, со губернаторите, каде што поставуваше свои телохранители или други офицери од неговото опкружување. Сега кога власта му е зацврстена, може да удри  и по некои од елитата, воена, судска, политичка, бизнис. Но нема никако да ги чепка припадниците од неговата „елита“. И сето тоа без многу бранувања. Дури и со поддршка од новата Дума.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок