20 Април, 2024
0.0250

Русија и Западот му ги нишаат столчињата на Вучиќ

Објавено во: Колумни 09 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Очите и ушите на светската јавност денес ќе бидат вперени кон Москва. Сите очекуваат рускиот претседател Владимир Путин да испрати предупредување до Западот за „судниот ден“.Денес во Москва треба да се прославува 77-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над фашизмот и нацистичка Германија. Еден куп аналитичари, дипломати, пишуваат во медиумите во светот за она што наводно го подготвува претседателот Владимир Путин. Се очекува рускиот претседател на воената парада на Црвениот плоштад да има говор. На Путин веќе му се ставаат во уста зборови за „објава на војна“, за закани со оружје и сл.  Можеби грешам, но сметам дека ќе нема ништо од тоа.

Во моментов покрај војната во Украина за нас во регионов е важен фактот дека Србија, попрецизно претседателот Александар Вучиќ, веќе ја губи рамнотежата од седење на две-три столчиња. Ќе мора да одбере едно и стабилно. Шлаканиците од Западот ја тераат Србија да ги открива картите во играта со Русија. Но не беа само шлаканиците и притисоците од Западот. Во меѓувреме и Путин на средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутерешповеде интересна дискусија која ги возбуди Србите. А се однесуваше на паралелата на признавањето на Косово и на Луганската и Доњецката република.

По посетата на Германија и средбата со канцеларот Олаф Шолц, Вучиќ загатна прашања околу Косово, соработката и напредокот кон ЕУ и изјавата на Путин. Вучиќ истакна дека „целиот Запад ќе бара од Србија брзо да оди кон признавање на независноста на Косово, за да можат да му покажат на Путин дека тоа не е истиот случај и дека Косово не е слично на она што се случува на територијата на Украина“. Вучиќ, театрално, се искажа дека Берлин не е местото за повеќе зборување, туку најави обраќање до народот? Метода која ја користи на неколку месеци, демек, да види народот дека тој води дијалог со него и дека е отворен и искрен кон него.Дека од посебен интерес за граѓаните на Србија е да чујат битни информации.

Своето обраќање го започна со зборовите дека во тек е голем судир, светски судир, па битно е граѓаните да чујат што се случува.Рече дека има десет точки, а во неколку од нив провејуваа односите со Русија. Германците не ги интересира колку Срби ја поддржуваат интеграцијата со ЕУ, а за која Вучиќ рече дека против се 44, а за се 35 проценти. Шолц сигурно му кажал дека тоа е домашна задача која мора да се исполни независно од поддршката. Па Вучиќ, небаре цар,прозборе во прво лице множина. „Како претседател на Србија, нашата работа не е да го задоволиме јавното мислење, 

нашата работа е да ги слушаме граѓаните и да правиме се’ што е во интерес на Србија“, рече тој.

ЕВРООПСКИ ПАТ

Потоа следеа бројки во поддршка на ЕУ. Големата трговска размена, големиот број вработени во компании кои припаѓаат на земји, членки на ЕУ. „Затоа мојата порака е дека уште посилно ќе се бориме на тој европски пат. „Во сето ова разбирам зошто некои луѓе се лути, а луѓето ја доживуваат ЕУ како некој што врши притисок за прашањето за Косово и Метохија и санкциите кон Русија. Некогаш не сакаме да видиме што ни е важно, а што правиме со ЕУ. За нас вестите за изградба на автопати и брзи пруги траат по половина ден или еден ден, иако решаваат децениски проблеми. И сето тоа го правиме заедно со ЕУ“,  рече претседателот нагласувајќи ја важноста на ЕУ.

По ова дојде ред на Русија. Според него ситуацијата многу се променила по изјавите на Путин, „не затоа што тој имал посебна намера да и наштети на Србија, туку затоа што го поставил прашањето за Косово и Метохија во заштита на руските интереси.Претседателот Вучиќ потоа ги цитираше зборовите на Владимир Путин, кои му ги кажал на генералниот секретар Антонио Гутереш. Тие се однесуваа на преседанот, според Путин, со признавањето на Косово од страна на многу земји, а Доњецк и Луганск не се признати освен од Русија и две три други земји. Потоа Вучиќ прозборе за енергенсите и барањето до „Гаспром“ да ги намали цените на нафтата и нафтените деривати. Трета точка која се однесуваше индиректно на Русија  претставува зачувување на воената неутралност на Србија. „Србија ќе остане воено неутрална, НАТО го имаме насекаде во регионот, наша желба и политика е да останеме надвор од таа организација“, реќе Вучиќ.

Се’ е убаво овде. Ама развојот на настаните и големиот притисок од Запад и од Шолц лично, за што Вучиќ не сакаше да зборува подетално, го отвора прашањето за тоа колку Србија, читај Вучиќ, ќе се опстои на желбата и политката да не се влегува во НАТО?  Особено по најавите дека и ЕУ ќе треба да се милитаризира за да се заштити од воени предизвици. Според Вучиќ, „Србија нема да ги гази и згасне пријателствата на исток, само силата на интересите на Србија може да го промени нашиот однос. Луѓето во Србија мора да знаат дека нашиот стратешки пат е европскиот пат“.Претседателот додаде дека многумина претеруваат и вчитуваат сè во изјавата на претседателот Путин и рече дека тој(Путин) го користел наративот што најмногу му одговара нему и за Русија. „Тоа ни ја отежна ситуацијата уште повеќе. Еден ден ќе мора да дојде до нова Јалта и тоа секако ќе биде главниот аргумент на Путин. „А сега

кога тоа е против нашите интереси, што да се прави? Ѕвездите не ни одговараат. Но, ние имаме своја политика, иако сме мали, доволно сме силни да си го зачуваме образот“, истакна тој.

Вучиќ во негов стил. Топло, ладно. Малку Европа, малку Русија, Стратешки пат-европски пат. Нема гасење на пријателствата на исток. Нова Јалта. Се’ е ова за замајување на обичен народ. 

ПУТИН ПРЕДИЗВИКУВА БУРИ

Во Белград како да се престројуваат во однос на Русија. Провладини медиуми барајќи повод да кажат нешто, ни риба ни девојка, за односот на Вучиќ, уште сега најавуваат дека се ближат два века од воспоствувањето на дипломатски односи со Русија. А до тогаш остануваат уште 16 години. Но мора да се има повод за да се каже нешто. Поводот не смее да биде изјавата на Путин. Па ќе се набројат предности и маани од соработката. Историчари ќе кажат дека Србија отсекогаш била пријател на Русија. А односите заладувале секогаш кога „Москва проценувала дека блискоста со Белград не и одговара“. Ќе се додаде дека „историјата сведочи дека имало и турбулентни периоди кога „братска Москва“ ја оставаше нашата државана цедило“. А вистинска бура била неодамнешната изјава на Путин дека самопрогласените републики во Украина својата независност ја темелат врз косовскиот преседан. Со што, според некои, Путин еднострано ја  признал „самостојноста на јужната српска покраина“. По ова се редат работи во кои Русите ги предале Србите. Им помагале на Бугарите, на Хрватите, ги поддржувале ембаргата во ОН против Србија. И се така до 2008 година кога во ОН повеќе пати ги заштитиле српските интереси на Косово, ставајќи вето за прогласуванје на Србите за геноциден народ поради Сребреница.

Во Москва помно ги следат реакциите во Белград околу изјавата на Путин. Особено изјавите на Вучиќ. Нормално следат и коментари. Ставот на Вучиќ дека изјавата на Путин ја отежнала позицијата на Србија, некои го сметаат за „тирада која изгледа како претензија кон рускиот претседател“. А само до пред еден месец, во март, велат провладини руски медиуми, Вучиќ ги осуди двојните стандарди на Западот во однос на Косово и Украина, различното толкување на принципот на територијална целосност и притисокот врз Белград да воведе санкции кон Русија. Медиумите на Србија и забележуваат за поддршката на четири од 13 точки на Резолуцијата во ОН за „осуда на руските дејства во Украина. Во април Вучиќ и се заблагодари на Москва за разбирањето во поглед на прашањето за исклучување на Русија од Советот на ОН за човекови права., а на ЕУ и се заблагодари за исклучувањето на Белград од ограничиувањето на испораката на нафта. Наскоро Србија ќе треба да ги почне 

преговорите за испорака на руски гас, каде што Србите очекуваат гас по „фабрички цени“. Од 270 до 300 долари за 1000 кубни метри гас.

ПОДДРШКА ЗА ХЕРОЈСКИТЕ БРАНИТЕЛИ НА ДОНБАС

При сето ова, пишуваат медиумите, кога Русија максимално се обидува да му помогне на српскиот народ, како одговор „српскиот претседател изјавува дека рускиот лидер „му го отежнал“ животот на Белград  со апсолутно логична споредба на донбаската и косовската ситуација“.Па следи порака до Вучиќ: „ Што не е во ред, господине Вучиќ, зошто бевте толку нервозен во пресрет на вашето обраќање до нацијата поради легитимните паралели искажани на вистинското место и во вистинско време? Време е да се одлучите, да престанете да гледате наназад кон Брисел и Вашингтон, да си играте со братските чувства на Русите. И утре пред цел свет да одекнат  зборови на поддршка за херојските бранители на Донбас“!

Но да не остане се’ на медиумите, реакција, официјална, на потезите на Србија имаше и од руското министерство за надворешни работи. Официјалниот претставник на руското МНР , Марија Захарова, по гласањето за престанок на учеството на Русија во Советот на ОН за човекови права, изјави дека во Москва се фиксираат изјавите на српските политичари во однос притисокот што се прави врз нив. Според Захарова Русија смета дека нејзините традиционални партнери во меѓународните организации доследно ќе се придржуваат до позициите кои ги одразуваат нивните вистински национални интереси и вистински пријателски однос. „Разбираме дека се врши притисок, но доколку станува збор за оние кои се искажуваат себе си за наши пријатели, тогаш тоаеневозможно“, рече Захарова.

На Русија не и е сеедно кога се вели дека сите држави од Западен Балкан треба да станат членки на ЕУ. Како да заборавила дека сите тие имаат декларирано дека нивната цел е евроатлантски интеграции. Одамна е јасно дека Русија го загуби Балканот уште во деведесеттите години, за времето на Борис Елцин. На последниот брифинг, минатата недела во руското МНР, на едно прашање околу изјавата на Олаф Шолц за Западен Балкан, беше речено дека е жално што Германија, како и други земји од ЕУ, кои се чини намерно ги заборавиле уроците од историја, „продолжуваат да го сметаат Западен Балкан како сфера на свои исклучително геополитички интереси. Притоа лицемерно ја обвинуваат Русија за обиди за воспоставување на „зони на влијание“ во Европа“.

СРБИТЕ ЌЕ ГИ „ПРЕДАДАТ“ РУСИТЕ

Како ќе заврши сегашната игра меѓу Србија и Русија?  Ќе видиме кон средината на месецов кога ќе треба да бидат објавени резултатите од преговорите за снабдување на Србија со гас. Но на Русија треба да и е јасно дека како и другите држави од Балканот, така и преостанатите, порано или подоцна ќе станат членки на ЕУ. Во септември 2015 на овие страници пишував дека Русија реагира кога е ставена пред свршен чин. Повод беше поканата за членство во НАТО на Црна Гора. Русите молчеа и кога дојде поканата од Брисел се јавија со закани со соодветни мерки.Тогаш еден мој пријател и колега од московски „Коммерсант“, Максим Јусин, напиша: „ Реакцијата на многу руски политичари, пратеници и „патриотски настроени“ експерти на поканата на Црна Гора да се присоедини кон НАТО, претставува врв на апсурдот и неодговорност. Јусин додава, дека „заканувајќи и се на Црна Гора со жестоки соодветни чекори, нашите законодавци влегуваат во јавна противречност со логиката. Досега ниту една земја, влезена во НАТО, не се судри со никакви дискриминациски мерки од страна на Русија. Ниту Хрватска, ни Албанија, ниту порано Бугарија, Унгарија, Словенија или Словачка. А сега најдоа да компензираат со Црна Гора. Уште еднаш да пиарствуваат на  добитната патриотска тема. Да се покажат себе си поголеми заштитници на националните интереси, дури и од претседателската администрација, од каде не брзаат да огласат никакви мерки против Подгорица“.

А што со Србија? Русите ќе се чешаат кога таа ќе влезе во НАТО, пишував пред многу години.Таа сега е во преговори за членство во ЕУ. Русија не ќе може да го спречи нивниот пат во Унијата. Своевремено Вучиќ како премиер се сретна со Џон Кери, американскиот министер за надворешни работи. Кери му рекол: „Да го оставиме минатото во минатото“. И Србите ќе го направат тоа и ќе ги „предадат“ Русите. Ќе заборават и на бомбардирањето од страна на НАТО во деведесеттите и на сите зла што им ги направи Западот тогаш. Вучиќ игра сега и на картата на руско-украинската војна, која ги ангажира Русите повеќе од се’ друго. Клучно за Србија е Косово. Ако успее Вучиќ да го добие она што го договори пред некоја година во Брисел, тогаш за ЕУ ќе има поддршка и од косовските Срби.Па ќе им рече на Србите во Србија, еве и нашиве од Косово ме поддржуваат во потрагата по решение. Ќе следи меѓусебно признавање, со изговор дека притисокот од Запад е неиздржлив. Русија, по обичај ќе касни со реакции. А по ЕУ ќе следи НАТО.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок