24 Април, 2024
0.3753

Русија го менува надворешно политичкиот вектор

Објавено во: Колумни 12 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Војната во Украина ги расчистува дилемите што ги имаше Русија во последниве дваесетина години на надворешно политички план. Руското раководство многу пати досега изразуваше жалење поради тоа што Западот воопшто не ги зема предвид нејзините барања  за гаранции на безбедноста и за соработката воопшто. Но сега веќе нема жалења.  Се најавуваат промени. и географски и геополитички. Можеби не промени, туку повеќе реализација на најавите за одење кон Исток со голем багаж. Се менува надворешно политичкиот вектор.

Во октомври пишувавме во „Фактор“ дека, ако се суди според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Русија е решена да го напушти Западот. Урнатите мостови меѓу него и Русија нема да се обновуваат. Во воведното излагање пред новите, млади кадри, кои ќе се вработат во руското министерство за надворешни работи, тогаш, Лавров беше јасен. „ Нема ниту желба, ниту смисла да се сочува претходното присуство во западните земји. Нашите луѓе работат во услови, кои тешко можат да се наречат човечки. Им создаваат постојани проблеми, закани со физички напади. Главно – таму нема работа, откако Европа реши да се затвора за нас и да ја прекине секоја економска соработка. Со сила мил не можеш да бидеш. Земјите од таканаречениот трет свет( во Азија, Африка, латинска Америка), спротивно, имаат потреба од дополнително внимание“, нагласи рускиот министер за надворешни работи.

Минатата недела во Москва се одржа традиционалната средба „Примаковски  лекции“. Станува збор за дебатен клуб во чест на поранешниот руски дипломат, министер за надворешни работи и премиер, Евгениј Примаков. Човекот кој практично го најави пресвртот на политиката на Русија кон Западот, посебно кон САД. Дента кога САД и сојузниците од НАТО почнаа, без согласност на ОН, да ја бомбардираат СР Југославија, Примаков, кој беше во авион на пат да ги посети САД, нареди враќање на авионот во Москва. Примаков е и творецот на тројката Русија, Индија, Кина (РИК), која денес е попозната како БРИКС, откако кон неа се приклучија Бразил и Јужна Африка. Денес има цела редица држави кои сакаат да станат дел од „петорката“, која може да стане клуб составен од 15 до 17 земји. Меѓу нив се Иран, Египет, Саудиска Арабија. Примаков е втемелувачот на идејата за мултиполарност.

НЕДЕЛИВОСТ НА БЕЗБЕДНОСТА

На собирот во Москва зборуваше и Лавров. Според него мултиполарноста е процес кој ќе трае – тоа е долга историска епоха. А сега во светот одат борби кои сакаат да го забрзаат од една  и да забават тој процес од друга страна. „Западот не се срами., кога му е од полза и потребно да „наплаќа данок како хегемон“ да користи средства и методи за да ги достигне тие цели“. Смета Лавров. Тој неколку пати ги повтори ветувањата на Запад дека НАТО нема да оди на Исток, дадени на генералниот секретар на КПСС, Михаил Горбачов и на претседателот на Русија Борис Елцин. Спомна и мемоари на западни политичари од тоа време во кои се потврдува давањето усни гаранции. Па дури и тврдењето на некој британски политичар дека тие биле давани за да не се исполнат, само за да се смири ситуацијата. Што за Лавров е знак за чесност. Тука тој го спомна и премиерот на Британија Тони Блер, кој се извини за „лажењето“ дека во Ирак е најдено оружје за масовно уништување, кое подоцна се покажа лажно, но штетите и последиците се чувствуваат до ден денес.

Лавров ги спомна и писмените обврски потпишани на највисоко ниво на Самитот на ОБСЕ во Истанбул, каде што била фиксирана темата „неделива безбедност“. Во Истанбул неделивоста на безбедноста била формулирана како основен принцип за работа на ОБСЕ во согласност со кој ниту една земја, ниту една организација не може да ја зацврстува својата безбедност на сметка на наштетување на безбедноста на други. А во документот исто така има и став дека ниту една организација нема право да претендира на доминантна улога во сферата на безбедноста на пространството на ОБСЕ. Според Лавров НАТО сега сака да доминира во цел свет. Нуди нови концепти и неделивост(!) на безбедноста од евроатлантскиот до тихоокеанскиот регион. Според него НАТО сега конечно се враќа на почетната улога, кога е формирано, само што наместо СССР станува збор за Русија.. Наводно првиот генерален секретар генерал Исмеи за целите за создавање на НАТО рекол :„ Да не се дозволи СССР во Европа, да се обезбеди американско присуство во неа, а Германија да  се држи под контрола“. И сега работите се такви што ова може лесно да се реализира. Од Балтикот до Средоземно море има ѕид од членки на НАТО. Така што Русија е речиси надвор од Европа. Цела Европа, а не само Германија е под американска контрола.

Русите забележуваат дека се појавува тенденција кон „приватизација на секретаријатите на меѓународните организации“. Слични работи се јавуват и во ОН. Им се даваат функции кои не им припаѓаат. На пример, во Организацијата за забрана на хемиското оружје.  Но, за Русија многу важен е односот на ОБСЕ. Тоа е организација составена од европски држави, САД и Канада. Погоре рековме дека неделивоста на безбедноста е формулирана како основен принцип за работа на ОБСЕ во согласност со кој ниту една земја, ниту една организација, не може да ја зацврстува својата безбедност на сметка на наштетување на безбедноста на други. Но ОБСЕ денес, според Лавров, не посветува на тоа доволно внимание. Полскиот министер за надворешни работи, кој е актуелен прв човек на ОБСЕ, на неодамнешното заседание на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Лоѓ, изјавил дека принципот на консензус на кој се темели организацијата е неменлив. Но според Лавров ова не важело кога требало да се праша и Русија за некои работи. Околу Украина. Туку се преземени „времени мерки“ за да се спроведе линијата на Западот.

 ПИСМО ДО БУЈАР ОСМАНИ

Лавров зборуваше и за „проекти на ОБСЕ“, кои се користат за подготовка на новинари „на вистински начин“.  За Лавров тоа е „мина“, повеќе од мина со забавено дејство. Сега ја поставуваат Полјаците. Исто и лани колешката од Шведска Ана Линде во целост го игнорирала фактот дека сите претседатели на ОБСЕ треба да бидат чесни „брокери“. Принцип решен уште во 2002 година на министерското заседание во Португалија. Лавров вели дека му напишал писмо на Бујар Османи, бидејќи Македонија од 1 јануари ќе претседава со ОБСЕ. „Му честитав за претседателствувањето и забележав дека тој тоа ќе го работи во тежок период за иднината. Неговите претходници создадоа лоши преседани – не само што ги злоупотребуваа, туку ги игнорираа обврските на претседавачите. Изразив надеж дека тој ќе чувствува одговорност не само за тоа како Северна Македонија ќе раководи, туку и за судбината на ОБСЕ. Како одговор тој ми напиша дека „го памтиме решението на Советот на министри од 2002 година во Португалија, но имаме уште и обврски кон ЕУ и нашите национални закони“. Се’. Е тоа е ОБСЕ?“

Рускиот министер за надворешни работи сега вели дека Русија ја преформатира својата работа. „Ни велат дека му го вртиме грбот на Западот, а тој сам прекина соработка со нас градејќи ѕид. Работиме со оние кои се подготвени за тоа. Ако на Запад дојдат на раководни места во земјите или структурите, создадени во Европа, во САД, луѓе способни да гледаат подалеку од двогодишните изборни циклуси  и длабоко (наместо да имаа желба за ставање во затвор нечиј син или да докажат нечија несопсобност за работа и со ништо друго да не се занимаваат – алузија на Џо Бајден и неговиот син Хантер), ќе бидеме подготвени за сериозен разговор.

Дотогаш во Русија ќе се остварува преориентација на нејзината надворешно политичка и надворешно економска активност. Русија не сака повеќе да останува со илузиите дека Западот нема да ги злоупотребува механизмите на ММФ, СТО, игрите со доларот, еврото. Според Лавров глобализацијата на американски начин, најверојатно е завршена и ќе треба да се преживеат уште некои процеси од неа, кои останале. Но паралелно со тоа се гради нов финансиски и логистички систем, кој не треба да зависи од каприците и чувствата на супериорност на нашите поранешни западни колеги. Имаме вистински партнери. Тоа се БРИКС, ШОС, ЕАЕС, ЗНД. А ОДКБ е важен механизам кој придонесува за обезбедување безбедност во нејзиниот дел од постсоветското пространство. „Има со кого да работиме и на кого да се потпреме. 

ИНДИЈА И БРАЗИЛ ВО СБ НА ОН

Американците сега одат низ цел свет и велат дека Русија загубила, дека нема смисла да се зазема страна на оној кој губи, дека тие ќе победат, никој да не се грижи. Па, знаат дека нивните земји имаат последици од санкциите, но не треба да и помагаат на Русија да ги заобиколува санкциите“, рече Лавров. Сето ова е проблем на западната цивилизација и нивниот систем за светски поредок, кој се потпираше на принципите на глобализацијата, покренати од Американците. Лавров смета дека ако утре одново се појави нешто што нема да му одговара на Вашингтон, тогаш тој, без да се замисли и без да се вознемирува, дури и за своите сојузници, ќе внедри нови приоди.

Русија, сега, како ќе и ги затвораат контактите со Запад, нема намера да „трча и да моли“ да се премислат. Таа и натаму ќе продолжи да работи на Запад и покрај притисоците врз нејзините дипломатски кадри. А оние протераните од западните дипломатски претставништва ги испраќа во други држави, на Истокот. ЗНД, Африка, Латинска Америка. Се засилуваат одделите за меѓународните организации, како ОН, на пример. Зајакнувањето на претставништвата на Истокот е олеснето со фактот што Западот „persona non grata“, објавил стотици дипломатски соработници. Кои во најголем дел се искусни, образовани, способни дипломати. 95 проценти од нив веќе се вработиле на нови работни места.

 Во својата нова надворешна политика Русија, како што произлегува од зборовите на Лавров, ќе го поддржува членството на Индија и на Бразил во Советот за безбедност на ОН. Пријави и заинтересирани за тоа место се  и Германија и Јапонија, но Москва смета дека предност имаат Индија и Бразил. Индија денес е една од водечките земји, според економскиот раст, можеби и водечка. Таа има големо дипломатско искуство, авторитет и репутација во својот регион, а е и членка на редица меѓународни структури  во Јужна Азија, ШОС. Таа е и еден од половите до мултиполарниот свет. Исто важи и за Бразил. Кога станува збор за тоа како треба да се одрази мултиполарноста во рамките на реформираниот СБ на ОН. Јапонија се’ уште не ги признала резултатите од Втората светска војна. Нема мировен договор со Русија.  Германија ги признава резултатите од војната, се извини. Но, според Лавров, сега таму се раѓа многу специфична форма на расизам, се култивира русофобија, а тоа  алармира. Така е во цела Европа, со ретки исклучоци, но од Германија има посебни барањата.

ВЕРТИКАЛА СЕВЕР-ЈУГ

Русите сакаат и ЕУ да биде еден од половите во мултиполарниот свет. Но Индија, Бразил, земјите од Персисикиот залив, регионални сојузи од Латинска Америка имаат поосновани факти да бидат рамнопревен дел од многуполарниот свет. Ако ЕУ сака да биде дел од тој свет таа треба да ги слуша Американците помалку, бидејќи таа има свои посебни интереси. И покрај фактот дека постојат различни интереси меѓу ЕУ и САД, Унијата нив не може да ги заштити. Тоа го покажа и посетата на Емануел Макрон на САД. Пред одење се крена врева околу американските мерки кои ја оштетуват европската економија, но тој таму предеше како маче.

За менување на векторот на руската надворешна политика зборуваше деновиве и рускиот академик Александар Динкин. Тој е заложник на идејата руските дипломати од земји на ЕУ да се префрлаат во Средна Азија, во земји од постсоветското пространство. Во Балтикот , на пример, Русија не треба да има три амбасади во трите земји. Доволна е една, а во другите две да има конзулати. Или, пак. Амбасади и во Мадрид и во Лисабон. Професионалните дипломати од таму да одат на нови задачи. На постсоветското пространство сега на дипломатски пат се многу офанзивни Кина и САД, кои изградија нови амбасади. Русија не треба да ја повтори судбината со Украина. Динкин смета дека Русија сега треба да замине од хоризонталното прифаќање на местото на Русија во светот и да премине на вертикално, според меридијаните. Во наредните две децении тоа е неизбежно , но и неопходно. „Ако порано мислевме на пространството од Лисабон до Владивосток, сега треба да се мисли на пространство од Мурманск до Шангај. И напорите на надворешната политика треба да се фокусираат токму на таа вертикала Север-Југ“, вели Динкин.

Менувањето на правецот на руската надворешна политика го поттикнува и фактот дека и Путин е воден за нос од Западот. Тој нема право да се лути на Михаил Горбачов што немал писмен договор за неширење на НАТО на Исток. И него Франција и Германија, заедно со Украина го лажеле. Станува збор за признанието на канцеларката Ангела Меркел за Минските договори и немањето намера за нивно сериозно спроведување. Погоре Лавров спомна еден англиски политичар кој искрено, како сега Меркел, признал во своите сеќавања дека се ветувало неширење на НАТО, само за да се смират работите. Меркел, пак,  дури не најде за сходно да се извини за тоа, бидејќи резултатот од неспроведувањето договорите се стотици илјади жртви и разурната Украина.  Таа,односно и Германија се сочесници во смртта на стотина илјади Украинци.

Рускиот претседател Владимир Путин е разочаран од однесувањето на Меркел. „Јас сепак сметав дека другите учесници во преговарачкиот процес беа искрени со нас. Но и тие не мамеле. Тој сега дури смета дека воената операција требало да биде направена порано. Признанието на Меркел му доаѓа како оправдување за инвазијата. „Ние сметавме дека сепак ќе се договориме во рамките на Минските договори...Но сега се поставува прашањето за доверба. Таа и така сега е на нула, но после ваквите изјави се поставува прашањето, како да се договара, за што, и може ли со некого да се договара, а каде се гаранциите? Тоа е прашањето. Јас не еднаш сум велел дека ние сме отворени за договарање. Но сега сме натерани да се замислиме за тоа со кого имаме работа“?

Со САД претседателе Путин. Тие кога ќе кажат, тогаш ќе има и разговор и договор. А дотогаш  Русија нека ја префрла тежата на својата надворешна политика во други насоки и правци. Онаму каде што ја сакаат.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок