РКЕ: Цените на горивата се објективни, најскапи беа во 2012-та
Објавено во: Економија 17 Април, 2019
Регулаторна комисија за енергетика испрати соопштение до јавноста во кое вели дека нема никакви субјективни интервенции во формирањето на цените на горивата, туку операцијата се спроведува според објективна методологијата.
Од таму велат дека најскапите цени на горивата откако е формирана РКЕ биле забележани во 2012-та. Истата година во март евросуперот 95 во малопродажба чинел 87,5 денари по литар, а дизелот 75,5. Во април истата година евросуперот 95 бил 89 денари, а дизелот 73,5 денари.
Од таму велат дека се работи за однапред предвиден математички модел на актуелната методологија во која се зема предвид рафинериската цена на нафтените деривати, трговската маржа, трошокот за превоз, акцизата, данокот на додадена вредност (ДДВ), надоместок за финансирање на активности од областа на животната средина, надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
Најскапшата цена на светските берзи била постигната во летото 2008 година, но малопродажната цена на дериватите била поевтина тогаш затоа што се уште на пазарот со нафта биле застапени деривати со понизок стандард во однос на денешните, кои се со повисок Еуро 5 стандард.
„Следен
раст на цените на нафтените деривати се случува во август 2012 година, како
резултат на растот на цената на суровата нафта од типот Брент, но значаен ефект
за зголемувањето на малопродажните цени во тој период имало и влијанието на
растот на курсот на УСА $. Согласно Одлуката на РКЕ од 27/08/2012,
било утврдено дека просечната цена на суровата нафта изнесува 115,471 УСА $/ bbl, додека просечниот курс во тој период бил 49,4680
УСА $/денар. Со оваа Одлука утврдено е ЕУРОСУПЕР БС-95 да изнесува 88,50 ден/л, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС
(Д- Е V) бил утврден на износ од 74,50
ден/л.
Уште еден значаен раст на малопродажните цени на нафтените деривати се случува на крајот од месец февруари 2013 година, кога со Одлуката на РКЕ од 25/02/2013, било утврдено дека просечната цена на суровата нафта изнесува 116,976 УСА $/bbl, додека просечниот курс во тој период бил 45,5537 УСА $/денар. Со оваа Одлука било утврдено ЕУРОСУПЕР БС-95 да изнесува 85,00 ден/л, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д- Е V) бил утврден на износ од 72,50 ден/л.“, велат од РКЕ.
Од крајот на 2014 година па се до почетокот на 2018 година, следи континуиран пад на цените на нафтените деривати, кое се должи на падот на цената суровата нафта и падот на цените на нафтените деривати на светските берзи.
„Постепениот раст на малопродажните цени на нафтените деривати во третиот и почетокот на четвртиот квартал од 2018 година, настана поради истовремениот раст како на курсот на УСА $, така и на берзанските цени на суровата нафта и нафтените деривати“, додаваат од комисијата.