Ретерира ли Уставен суд за помилувањата - точката одложена
Објавено во: Македонија 04 Декември, 2019
Ретерира ли Уставниот суд од намерите да одлучува за помилувањата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, со кое обвинетите од СЈО за кривични дела кои произлегоа од бомбите, имаше шанси да станат слободни луѓе.
Дали под притисок на јавноста, или затоа што во Собранието веќе почна постапката за автентично толкување, уставните судии на денешната седница ја одложија точката за одлучување за нацрт-решението за поништувањето на помилувањата кои ги даде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
Предлогот беше на уставниот судија Осман Кадриу, а потоа со мнозинство гласови, судот одлучи да ја одложи одлуката.
Образложението беше дека во Собранието веќе започнала постапка за автентично толкување на членови од Законот за помилување. Решението со кое се поведува постапка за законите за помилување, како што рече Кадриу, има допирни точки со некои денешни предмети на разгледување од Уставниот суд.
„Судот е известен дека пред парламентот се води постапка за автентично толкување на овие членови од Законот за помилување“, рече Кадриу.