Рената Дескоска испрати писма до судовите
Објавено во: Македонија 04 Декември, 2019
Министерката за правда Рената Дескоска испрати циркуларно писмо до сите претседатели на судовите и до претседателот на Судски Совет на Македонија во кое од истите се бара да работат одговорно според измените и дополнувањата на Законот за судовите донесени од април годинава.
Посебен фокус е ставен на основите за нестручно и несовесно вршење на судиската функција.кога судијата без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени или на друг начин ја одолговлекува судската постапка.
Се бара и одговорност доколку судијата не го земе предметот во работа заради што настанува застареност на кривично гонење или застареност на извршување на кривична санкција за кривичното дело.
Дескоска потсетува дека доколку претседател на суд не го извести Судскиот совет за сторена потешка дисциплинска повреда на законот од членовите 75, 76 и 77, од страна на судијата – доколку настанувањето на повредата му била позната, а непријавувањето е заради прикривање на истата, тогаш тоа е основ за поведување на постапка за разрешување од функцијата претседател.
Министерката укажува и на тоа дека претседателите на судовите имаат надлежност да вршат редовен увид во работата на судот.