24 Април, 2024
0.0259

Раст на БДП во 2022 (поголем од 2019), само со стабилен банкарски систем – како што е овој денес

Објавено во: Колумни 23 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Проекциите на Европската централна банка - ЕЦБ и ММФ упатуваат на состојби на закрепнување на економијата во 2021 година и позитивни тенденции на растот на БДП во еврозоната. Кај нас, секако, таквата состојба ќе ја задржи истата тенденција како во земјите од еврозоната, но со мало забавување, а тоа е поради појавата на негативни ризици во првиот квартал во годинава кои се рефлектираа со појава на ограничувања за поголемо производство на вакцината, особено во земјите од ЕУ и САД, како и значајни проблеми на нејзината дистрибуција. Од ова, може да се предвиди дека целосната состојба со кризата предизвикана од пандемијата со вирусот Ковид-19 ќе почне да се подобрува, а економските позитивни ефекти ќе почнат да се изразуваат, повеќе, во втората половина на 2021 година. Целосното закрепнување на економијата во земјите од ЕУ, регионот и состојбите во домашната економија ќе бидат стабилни веќе од 2022 година, со тоа што, во првата половина на 2022 година, состојбата со негативните ефекти од пандемијата врз економијата во Германија целосно ќе се стабилира, и германската економија ќе испорачува стапки на раст на БДП кои укажуваат на експанзија на ниво од пред кризата. Тука, ја споменувам Германија, како наш најголем трговски партнер со значаен импулс врз нашата економија. Имено, македонската економија ќе има иста тенденција на закрепнување и преовладување на позитивни тенденции на раст, токму од првиот квартал на 2022 година, ослободена од некои негативни ризици кои ќе преовладуваат во тековната година. Во таа насока, потенцирам дека треба да се биде внимателен во оценките за македонската економија за оваа година, ако се знае дека имаме локални избори на почетокот од четвртиот квартал, што подразбира мало забавување на растот на БДП, кој го предвидувам на крајот од годината. Додека пак, од друга страна, почетоците на наредната 2022 година, веќе ќе укажуваат на јасно отсуство на негативни ризици и појава на карактеристика на комодативен карактер во домашната економија. Ако се погледне и извештајот на меѓународните релевантно тела (ММФ и Светска банка) ќе се види таквата карактеристика за македонската економија во 2022 година.  

Како насекаде во регионот, така и кај нас, критиките на економските мерки се присутни. Честопати властите се соочуваа со песимизам на домашната и стручната јавност. Но, да потенцирам дека ако не беа спроведени таквите мерки во домашната економија, кај нас, на почетокот на 2020 година, ние годината ќе ја завршевме со двоцифрен пад на БДП и последиците ќе беа многу поголеми. (Читај: за не-економистите да ме разберат, нема „фрлени пари“, во криза, ако тоа се вбризгани сите во економијата, дури и да се од задолжувања)... Во криза, важно е да има поттикнување на личната потрошувачка. Како што напишав за Србија, еве и кај нас, велам „ДА“ - може да се каже дека јавниот долг се зголеми како процент од БДП, но таквата состојба се оправдува, ако се има во предвид дека паднавме умерено во економијата, на ниво со просекот на ЕУ земјите, од нешто под 4,9% (за 2020).

На мисла сум, а тоа го поткрепувам со официјалните податоци, во кој, може да се види дека без усвоен пакет мерки на државата (чинам веќе се пет), и активните мерки на Централната банка со политиките на монетарна стимулација, македонскиот пад на бруто домашниот производ во 2020 година ќе беше повеќе од 10%. Во такво сценарио, целосното закрепнување поради драстичен пад на економијата ќе траеше повеќе од пет години (читај: до 2025 година). Би дополнил, ние и практично, во такво сценарио би заборавиле на некакви позитивни тенденции во нашата економија, кој, вака, се наѕираат веќе во втората половина на 2021, како и поизразено ќе бидат присутни со почетокот на 2022 година.  Затоа, си велам, наместо тоа, властите се одлучија за стратегија на зголемен јавен долг, кој се покажува како поднослив.  

Во едно писание, претходно, ја обележав поговоркава, искажана на еден од семинарите во АБИТ, а вели: „КАКО И ПРАВДАТА ТАКА И ПАРИТЕ СЕ ПОТРЕБА НА СИТЕ, И МОРААТ ДА ВЛЕВААТ ДОВЕРБА“.

Во насока на тоа, уште еднаш, морам да го изразам моето несогласување со мал дел од коментарите на поединци, на социјалните медиуми, за тоа дека банкарството е дејност во која владеат некакви„нечисти“ правила на работење и однесување; или пак, на дејност во која по дефиниција е вградена неморална димензија за перењето на пари. Имено, не опонирам дека се е идеално во оваа индустрија, но е една од највеќе регулираните во системот наречен „Држава“. За да нема критики кон ваквото лично стојалиште, си велам, ајде да ја завршам колумнава за денес, со една метафора.

Оттука, ќе земам една пекара, еве нака е онаа нашата (мислам на синот), а се вика чинам „Градска“. Како и да е, во приказнава, банката ќе ми биде симболизирана со пекара, додека „УЈП“, која е регулатор на даночното работење на пекарата, и уредувач на даночните правила во системот, ќе биде споредувана со „Централната банка“. Имено, висината на даноците, начинот и редоследот на плаќање, сеедно дали е ДДВ, персонален или данок на добивка, секако дека „ДА“ – тоа го уредува УЈП. И, би рекол, тука нема ништо нејасно. Од друга страна, претприемачот - сопственик на пекарата ѐ должен да ја плати обврската за данок. Дали, тоа го прави или не, првичната обврска да евидентира ја има (читај: книжи) сметководителот на пекарата, и за тоа, тој подготвува сет на извештаи како на периодично, така и на дневно ниво. Што ми е поентата, овде? Регулаторот и регулативата во оваа ситуација, немаат никаква надлежност во водењето на бизнисот на пекарата, а во насока на силна доверба од клиентите, лојалност и зголемување на брендот „Градска“ воопшто. Имено, пекарата сама си одлучува за изборот на тимот, за вработените напред, за менаџментот, за маркетингот и квалитетот на продуктите. Еве, на пример, јас, ако еден ден имам продукт со лош квалитет - „ѓеврек со кашкавал“, и згора на тоа, добијам некаква тежина во стомакот потоа, зарем за тоа е крива регулативата? Не! За таквата лоша политика на пекарата виновни се менаџерите и внатрешната политика, бидејќи не воделе грижа за квалитетот на продуктите, иако можеби си плаќале данок навремено. Ако, јас, ги тужам на институциите и притоа докажам дека сум имал последици со здравствени проблеми од консумација на расипаниот кашкавал во продуктот „ѓеврек“, тогаш, вината ќе биде насочена од мене кон менаџментот, што е исправно. А, тој пак, кога ќе добие казна за тоа, ќе се лути на регулативата, што е неисправно...

Така е, и во банките. Регулативата стимулира, мотивира и дава амбиент за работа, но не може да биде внатре во самата институција во насока на обезбедување на квалитетот на продуктите. Но, за разлика од стопанството, овде, кај банките имате регулатива на синхронизираност со прописите. Тоа значи дека ако регулацијата е построга, може негативно да влијае на конкурентноста и може да ги охрабри банките во правец на злоупотреба на монополот во кој се наоѓаат. Од друга страна, ако пак, прописите се полиберални и тоа не е добро. Затоа, тие треба да бидат урамнотежени и лимитирани, на тој начин што ќе им се овозможи на банките да можат да развиваат нови производи и услуги што ги бара пазарот. При тоа, прописите треба да водат сметка за конкуренцијата во банкарското работење да остане доволно силна за да обезбеди разумни цени на банкарските производи и услуги. Со еден збор би заклучил: синхронизираноста на банкарските прописи е многу важна, ако сакаме да не се доведе системот во регулаторна дијалектика. 

Кај нас, во македонскиот банкарски систем пости висока стапка на синхронизираност во носењето и имплементација на банкарските прописи, веќе многу поодамна. Силен фактор за тоа е стапката на стабилност на банкарскиот сектор, која е силно изразена. Најновите оцени за кредитниот пазар во периодот на проекции упатуваат на добра кредитна активност во 2021 година и задржување на солидни стапки на раст во наредните три години. Во јануари, согласно податоците на монетарната статистика, вкупните депозити се зголемени на годишна основа за 6,3%, при речиси еднаков раст на депозитите на домаќинствата и на корпоративниот сектор, а претходно во 2020 година, вкупните кредити пораснаа за 4,6%. Тука, причинител за растот во кредитирањето кајбанките се повторно граѓаните во сооднос со стопанството и јавните друштва.  

Оттука, ако ги погледнеме билансите на банките (збирно за сите), може да се констатира состојба на сметката „сопствени средства“ нешто повеќе од 1,14 милијарди евра. Банките имаат за 52,7% повеќе сопствени средства од потребно бараниот капитал на регулаторот или во бројки изразено, потребен капитал за покривање на ризиците изнесува 539,7 милиони евра, а тие имаа сопствени средства нешто повеќе од 1,14 милијарди. Ова, претставува силен аргумент дека банките се стабилни и нивните сопствени средства се над потребното минимално ниво (побарувано од регулаторот), во износ од нешто повеќе од 601 милион евра. 

Во насока на писаниево, да не ја заборавиме оваа мудра мисла на Жан Пол Гети:

„Ако и должите на банка 100 долари - тоа е ваш проблем, но ако и должите 100 милијарди долари - тоа е проблем на банката“.

проф. д-рСиниша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок