Рама и Тачи се состанаа за балканскиот „Мини Шенген“
Објавено во: Балкан 19 Ноември, 2019
Косовскиот претседател Хашим Тачи се состана со албанскиот премиер Еди Рама во понеделникот во Тирана на разговори околу идните случувања во меѓународните односи на Западен Балкан.
„За време на престојот во Тирана, се сретнав и со премиерот Еди Рама, за да разговараме за подобрување на соработката и координирање на чекорите во новите меѓународни случувања за подобра заштита и промовирање на интересите на нашите земји и граѓани“, напиша Тачи на својот Фејсбук профил.
Ова е прва средба на Рама со Тачи по охридскиот самит на балканскиот „мини Шенген“ инициран од српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Танјуг.
Во Охрид, Рама ги критикуваше политичките лидери на Косово дека не одговорија на поканата за присуство на охридската средба и за спротивставувањето на иницијативата.
Од друга страна, дел од политичките претставници на Косово го критикуваа Рама за прифаќањето на иницијативата на Вучиќ.
Иницијативата за слободно движење на стоки, услуги и луѓе ја прифати и македонскиот премиер Зоран Заев.