19 Април, 2024
0.0251

Путин: „Во споредба со Западот ние сме бели и меки како пердуви“

Објавено во: Колумни 21 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ја одржа традиционалната годишна прес конференција. Таа беше 16-та по ред и траеше четири и пол часа со директен пренос и уште речиси половина час со новинарите кои беа присутни на конференцијата во неговата резиденција. Корона вирусот си го направи своето па конференцијата се одржуваше од импровизирани студија во простории, ширум земјата, во кои беа сместени новинарите, а дел , за кои се тврди дека биле две недели во карантин, ја следеа конференцијата во резиденцијата на Путин. Еден куп прашања од домашната и меѓународната политика беа упатени до претседателот на Русија. Од одговорите на нив може да се оцени каде е и како ќе се движи Русија идната година и понатаму. Без многу нервоза и со нагласка на добрите работи.

Пандемијата со коронавирус со право беше централно прашање. Како и во цел свет и во Русија нејзините последици се тешки. По здравјето на луѓето, по смртноста нивна, по економијата и благосостојбата. Многу зацртани планови нема да се остварат, но има и достигнувања кои се за поздравување. Пред се’ резултатите од изработката на вакцината „Спутник V“. Која почна да се користи за вакцинација во Русија. Путин призна дека тој не е вакциниран, затоа што припаѓа на одредена група граѓани(има 68 години) и ќе чека кога ќе дојде препорака од лекарите за вакцинација. Да не заборавиме дека во меѓувреме беше вакцинирана неговата ќерка. Путин најави создавање и на „лесна“ вакцина од институтот „Гамалеј“, која ќе биде еднократна, но и со пократко временско дејство. Во моментов на Русија и се потребни производствени капацитети за вакцината, бидејќи со постојните не може да се задоволи побарувачката. Но тој не изусти ниту збор за проблемите со кои се соочуваат лекарите далеку од Москва и Петербург во борбата со коронавирусот.

На конференцијата имаше малку провокативни прашања. Путин зборуваше и за достигнувањата на економски план годинава, па ги повтори успесите искажани пред две недели во земјоделието и замената на увозната зависност од храна и други производи.  Сиромаштијата се продлабочува, но затоа претседателот направи споредба со времето од пред 20 години кога тој дојде на власт и кога работите на тоа поле беа многу полоши. Но денес не се добри како во периодот до 2014 година. И покрај коронавирусот и санкциите претседателот се пофали со стабилниот банкарски систем, а нагласка стави на податокот, според кој Русија се помалку е зависна од извозот на енергетски суровини. Тој учествува со околу 30 проценти во формирањето на буџетот. Путин е оптимист дека ќе биде завршен и гасоводот „Северен поток – 2“, против кого се наострени Американците потпомогнати од Полска, Украина и балтичките држави. Останати се околу 160 километри од цевководот. Претседателот смета дека рускиот гас ќе биде поевтин од американскиот течен природен гас. 

Одделни новинари се интересираа дали Путин планира, со оглед на тоа што со промените во Уставот тоа му е овозможено, да се кандидира за претседател и во 2024 година. Нему тогаш му истекува сегашниот мандат. Путин „дипломатски“ одговори дека засега се’ уште не решил дали ќе ја искористи уставната можност. 

НАВАЉНИ ПОДДРЖАН ОД АМЕРИКАНСКИТЕ СЛУЖБИ

На конференцијата сите го очекуваа прашањето за Алексеј Наваљни, особено по неодамна објавеното истражување за неговото труење. Путин и овој пат не му го спомна името. За него Наваљни е „пациентот во берлинската клиника“. Најновата истрага на неколку организации(Bellingcat, CNN и Spiegel) и медиуми во која се тврди дека Наваљни е отруен по нарачка на руското раководство и дека е следен неколку години од специјалните служби Путин ги нарече измислица. „Слушајте, ние прекрасно знаеме за што се работи. И во првиот и во вториот случај, станува збор за легализација. Не е тоа никаква истрага, туку е легализација на материјали од американските специјални служби“, рече Путин, додавајќи дека во Русија тоа добро го знаат и нивните специјални служби. Овде би додал дека веднаш по труењето на Наваљни летоска, во „Фактор“, повикувајќи се на руски медиум(„Московски комсомолец“), пишувавме дека Наваљни бил следен од специјалните служби, што значи дека тоа, следењето, не било тајна и не е никаква новост, како што сакаат да ја прикажат во истрагата.

За Путин, Наваљни е поддржан од американските специјални служби, па токму поради тоа е и цел на следење од страна на руските служби. Што, според него, не значи дека треба да биде труен. „Кому е потребен тој? Ако навистина сакаа веројатно работата ќе ја доведеа до крај(руските специјалните служби). А во случајов ми се обрати мене жена му и јас истиот ден дадов команда да го пуштат на лечење во Германија, во истата секунда“, рече Путин. Кражбата на податоците(имиња, адреси, фотографии, водени разговори) на припадниците на руските специјални служби, според Путин , е направена од Агенцијата за национална безбедност , која се занимава со такви работи и не го крие тоа. Таа тоа го прави и кон други земји, но и кон своите граѓани вели Путин. Станува збор за една од формите на информациона борба.

КРАЛОТ ГО ПРАВИ СВИТАТА

Покрај за домашните прашања Путин прозборе и за теми од меѓународната политика. Особено за иднината на односите со САД. Според него односите меѓу двете земји станаа заложник на внатрешната политика во САД. „Тоа за нив е лошо, но е’ и нивен избор, што сакаат нека прават“, рече Путин, додавајќи дека Русија поаѓа од тоа дека новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, ќе разбере што се случува, тој е искусен човек и во внатрешната и во надворешната политика. „Сметаме дека сите проблеми кои се појавија, не сите, барем дел од нив, ќе се решаваат со новата администрација“, рече Путин. Многу работи ќе зависат од администрацијата, но Бајден цел живот е во политиката, а постои и познатата формула вели Путин, според која: кралот го прави свитата, па затоа зависи од тоа како ќе биде составен тимот. „Иако веќе ги гледаме претендентите на клучните должности, сите тие нам ни се познати, на еден или друг начин, со нив сме работеле. Тука не очекуваме некои неочекувани работи, но сепак ја чувме изјавата на избраниот претседател, дека би било целисходно да се продолжи Договорот СТАРТ-3, но да видиме што практично ќе се случи?“ Договорот СТАРТ-3 истекува во февруари годинава. Во поглед на иднината на Доналд Трамп, Путин смета дека освоените речиси 50 проценти од гласовите на последните избори зборуваат дека тој има политичка иднина.

Новинарот на „БиБиСи њуз“, Стивен Розентал,  се интересираше дали Путин, кој е речиси 20 години на власт, не чувствува барем дел од одговорноста за лошата состојба на односите со САД, Британија, НАТО...Особено на фонот на дејствувањето на Русија во последниве години од анексијата на Крим до користењето хемиско оружје на територијата на Британија во градот Солзбери. Или не чувствува? Или руските власти се „бели и меки како пердуви“? Рускиот претседател одговори дека одговорност чувствува за она што се случува во Русија и со нејзиниот народ. И се’ ќе прави во интерес на Руската Федерација. Тоа важи за враќањето на Крим во состав во состав на Русија. Направено врз основа на изразување на волјата на народот.

Путин потоа по којзнае кој пат се наврати на случајот на Косово. Обраќајќи му се на новинарот тој рече: „Во Косово парламентот донесе решение и сите тоа го проголтаа и рекоа така е добро и демократски. Во Крим луѓето дојдоа на референдум, гласаа, но вам тоа, не знам зошто не ви се допаѓа. Ќе напомнам дека демократија е власт на народот и или треба тоа да се признае или пак да се откаже од тој термин засекогаш. Зошто се воведуваат санкции против луѓето од Крим? Ако е анексија тогаш тие не се виновни за неа. А ако не е тогаш треба да се признаат резултатите од гласањето. Дека тоа е демократија и да се остават на мира, исто како и претензиите кон Русија по повод анексијата“, рече Путин.   

ОДГОВОРИ ДАДЕНИ НАВРЕМЕ

„Сега по повод тоа дека сме бели и меки како пердуви. Во споредба со вас, така е, ние сме бели и меки како пердуви. Затоа што се решивме да ги ослободиме од определениот советскиот диктат оние земји и народи, кои сакаа да се развиваат самостојно. Ние ги слушавме вашите уверувања за тоа дека НАТО нема да се развива на Исток. Но вие не ги исполнивте своите ветувања. Да тоа не се пропишани ветувања, тоа беа усни изјави, во тие рамки и од страна на НАТО. Но вие ништо не направивте. Имаше два брана проширување и воената инфраструктура на НАТО се приближи кон нашите граници. Зарем ние излеговме од договорот за противракетна одбрана? Ние тоа не го направивме. Зарем ние не треба да реагираме на тоа. Ние тоа не го направивме, па сме принудени да одговориме со создавање на нови системи оружје. Потоа нашите колеги излегоа од договорот за ракетите од краток и среден дострел. Па излегоа од договорот за отворено небо...Ние што да правиме, рече Путин.

Тој потоа го спомена договорот СТАРТ-3, кој ако престане да важи ќе нема никаков договор за оружјето. Нагласи дека Русија предлага негово важење уште една година, во кое време би се воделе разговори што да се прави во иднина. Русија има три воени бази, во Киргистан, Таџикистан и во Сирија, а САД огромна мрежа во цел свет. Рускиот воен буџет е 46 милијарди долари, а на САД 770 милијарди. Шест земји се пред неа според трошоците за одбрана. „Па кој е бел и со меки пердуви, а кој е агресивен. Ние не сме агресивни. Ако веќе не сме како меки пердуви, но во секој случај сме многу пристојни, настроени на дијалог, барајќи компромисни решенија“, рече Путин, очигледно испровоциран од новинарското прашање. Но се чини дека одговорите се дадени навреме со оглед на скорото преземање на власта во САД од страна на Бајден.

По се ова може да се заклучат неколку работи. Прво дека коронавирусот, пандемијата, ќе биде еден од приоритетите за Путин и во наредната година. Особено производството на вакцините и „натпреварот“ со САД и други земји кои работат на нивен развој. Во прашање се стотици милиони долари. Не е чудо наредниве месеци да бидеме дури и сведоци на своевидна пропагандна војна на тој план. Во изминатиов период имаше мали нејзини изблици во ракавици, но не се знае ништо како ќе се движат работите во периодот пред нас.

КАНДИДИРАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Втора работа е економското заздравување, иако земјата и натаму е под голем удар од санкциите. Пред некој ден Русија и Саудиска Арабија разговараа за правење „патна карта“, за развој на меѓусебните односи. Треба да се сфати дека пред се’  во неа ќе бидат ставени „нафтените“ работи. И двете земји голем дел од својот национален буџет го полнат токму со продажба на нафтата. Ова нема да им се допадне на САД, за кои Саудиска Арабија е приоритетен сојузник. Исто така САД на секој начин ќе делуваат против економското заздравување на Русија. Можеби и со нови санкции. А ќе сакаат да ја сопрат работата на довршување на гасоводот „Северен поток-2“.

Што се однесува до Алексеј Наваљни, се чини дека тој ќе остане во доброволен „прогон“ во Германија или САД. Нему сега ќе му бидат накалемени и дела за активности против државата. Ова со оглед на неговите изјави во странство, а кои можат да бидат санкционирани во Русија. Тоа значи дека при враќање во Русија него можат да го изведат пред суд со веќе подготвено обвинение.

Пред извесно време во светот се прошири информација дека Путин наводно е болен од Паркинсонова болест, па дека има рак...Демантите тогашни од Кремљ во четвртокот беа потврдени. Тој на прес конференцијата зборуваше без престан и без губење концентрација, незвисно што таа се водеше од неколку различни места со видео врска. Четири и пол часа да задржиш концентрација и да одговараш на разни прашања, колку и да беа некои од нив нарачани, не е лесна работа. Ова може да биде потврда дека Путин со ваква кондиција и сосредоточеност ќе се кандидира на наредните избори за претседател во 2024 година. Дотолку повеќе што тој тогаш ќе има 72 години, односно ќе биде шест години помлад отколку што е Џо Бајден денес. Така што одговорот на Путин дека се’ уште не одлучил за такво нешто, треба да се земе со резерва.

Што се однесува до Бајден, Путин мошне вешто дипломатски се искажа за неговите квалитети. Како искусен државник, кој е цел живот во политиката. Потоа за неговиот тим и за очекувањата од соработката. Тој не е оптимист дека брзо ќе се надмине се’ она што е напластено во односите со САД од 2014 година наваму, но остава простор за договор. Во прв ред Договорот СТАРТ-3. Освен тоа Путин обраќајќи се кон Западот се обрати практично и до Бајден. Тој ги наброја сите договори кои ги напуштиле Американците, обвинувајќи го Западот и за ширењето на НАТО и воопшто за потценувачкиот однос кон Русија, што може да се сфати и како повод Путин по 2007 година да го заврти листот во односот со Западот. И како причина за потезите на Русија во 2008 година, војната во Грузија и во 2014 година Украина. Набројувајќи ги сите несогласувања, Путин на Западот му  претстави прашања околу кои сигурно ќе нема договор, но и прашања за кои може да се разговара и договара. Но се разбира под еден услов – да одговара на интересите на Русија. Впрочем одговарајќи на едно прашање, за тоа која е неговата најважна здравица во новогодишната ноќ, Путин рече „За Русија“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок