28 Септември, 2022
0.0297

Путин и Ердоган – Игра без правила

Објавено во: Колумни 08 Август, 2022

Добивај вести на Viber

За неполн месец претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган  се сретнаа двапати. И на двете средби, онаа во Техеран и минатата недела во Сочи, во Русија, двајцата излегоа, барем јавно, задоволни од разговараното и од договореното. Чудно, во услови кога во регионот се води војна, кога Турција е на страната на НАТО и води преговори за членство во ЕУ, не ги поддржува западните санкции кон Русија. Води друга политика. Не ги почитува правилата на Западот. Се води игра без правила, која засега ги задоволува двете страни. Путин и Ердоган разговараа четири часа, а претходните денови нивните соработници завршиле многу работи, истакнаа обајцата,

За Техеранската средба пишував пред некоја недела.  Средбата во Сочи некои веќе ја окарактеризираа како  „традиционален работен дијалог меѓу руските и турските лидери“. Ова од причина што веќе е „ формиран одреден алгоритам, состаноци се одржуваат доста често и се од суштински карактер, се разговара за конкретни прашања. Агендата е доста богата: има и билатерални односи, економски, политички и социјални прашања..“

Путин и Ердоган ги зближи Сирија. И соборувањето на рускиот авион таму, но и заедничкиот интерес за решавање на тој проблем, кој пак доведе до продлабочување на соработката не само на воено-политичи план, туку многу пошироко. А од неа имаат интерес и Путин и Ердоган. И затоа многу чести се нивните средби и се следени помно од страна. И од Западот, но и од земјите во регионот и подалеку. Тоа го знаат добро двајцата политичари. Ердоган дури во воведот во разговорите во Сочи зборувајќи за некои прашања за кои ќе се разговара истакна:„ И заедно со овие прашања, денес светот ги вперил погледите  во Сочи: што ќе прават во Сочи, со што ќе се бават во Сочи, што ќе разговараат? Веројатно, [светот] внимателно ја следи нашата средба, Сочи. И по нашата средба, веројатно на овие кругови ќе им биде испратен најдобриот одговор, до тие поединци“. Ова не е придавање себе си значење. Факт е дека на многу земји не им се допаѓа зближувањето на Турција и Русија. А посебно на Западот. Но таму знаат дека Турција е главен играч кога станува збор за односите со Русија. Па така, „Хуријет“ пред извесно време напиша:„ Во последно време европските лидери еден по друг му ѕвонат на Ердоган. Главно прашање што ги интересира – итното решавање на проблемот со што побрз почеток на извозот на украинско жито. Според дипломатски извори францускиот претседател, Емануел Макрон во последниот телефонски разговор со Ердоган забележал:„ Кризата со житото за нас има вонредно значење“.  

ПАРИ И ПОЛИТИЧКИ ПОЕНИ

Мислам дека на сите им е јасно дека Путин со ваквите средби, Техеран и Сочи, сака да покаже дека од неговата изолација нема големо фајде. И дека по средбата во Техеран доби нов сојузник – Иран, додека Џо Бајден кој претходно беше на турнеја во регионот не успеа во намерата да ги сврти арапските земји против Русија. Путин со Турција сака да покаже дека, еве со членка на НАТО може да се соработува на обострано задоволство и да се остваруваат заеднички цели. А Ердоган заработува политички поени дома, а и пошироко. Ќе му требаат за изборите догодина. А оние пошироко доаѓаат од неговата посредничка улога во украинската криза. Демек, еве успеа да ги натера двете завојувани страни да се договорат за транспортот на украинското жито. Не треба да се заборави дека со својот однос кон Русија, не воведувајќи санкции кон неа, Турција заработува милијарди, кои му се многу неопходни во сегашната голема економска криза во Турција.

Згора на тоа Ердоган го повика Путин на средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Истанбул. Многумина му предвидуваат посредничка улога меѓу Украина и Русија за мир. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш изјави дека неговата земја е подготвена да ги спроведе разговорите меѓу претседателот на Украина Владимир Зеленски и Владимир Путин. Ердоган ова го изјави по средбата со Путин во Сочи. „Уште од почеток изјавував дека нема да има победник во војната во Украина. И покрај тешкотиите, јас исто така останувам цврсто убеден дека кризата ќе се реши на преговарачка маса“, рече Ердоган. За еден поранешен украински министер за надворешни работи, средбите на Путин со Ердоган се волшебното стапче за рускиот претседател, затоа што на тој начин тој се обидува да демонстрира дека се’ уште не е се’ загубено. Тој смета дека целта на Путин е преку Турција да ја натера Украина да седне на маса за преговори. И тоа со неприфатливи услови за Украина. А доколку таа тоа не го прифати, тогаш неа да ја обвинуваат дека не сака да ја заврши војната. Според него Путин преку Ердоган сака да му прати јасен сигнал на Западот:„ Ако сакате мир, тогаш прекинувајте ги санкциите против мене“.

Што се договорија Путин и Ердоган во Сочи? Иако е сувопарно заедничкото соопштение од него се гледа дека се работи за сеопфатност во разговорите и ефектите од нив. Договорено е зголемување на меѓусебната трговија. Исполнување на очекувањата во економијата и енергетиката, зголемување на соработката во областа на транспортот, трговијата, земјоделството, индустријата, финансии, туризмот и градежништвото. За регионалните прашања, лидерите ја истакнаа клучната важност на искрените, отворени и доверливи односи меѓу Русија и Турција за постигнување регионална и меѓународна стабилност. Во овој контекст, лидерите ја препознаа важната улога на конструктивните односи меѓу двете земји во склучувањето на Иницијативата за безбеден извоз на жито од украинските пристаништа. Се укажува на важноста од одржување на политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија. Беше потврдена определбата за заеднички и во тесна координација меѓусебно дејствување во борбата против сите терористички организации. Декларирана е цврста посветеност на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство на Либија. Географијата на споменатото во соопштението не завршува на териториите на Русија и Турција. Украина, Сирија, Либија...Иако не е спомнат сигурно е разговарано и за Кавказот, поточно за Азербејџан и Ерменија. А кога станува збор за енергенсите и житото тогаш малку е Европа. Се оди до Африка. 

НОВА СТРАНИЦА ВО ОДНОСИТЕ

Според Путин, лани меѓусебната размена пораснала за 57 проценти, а годинава до мај за два пати(според некои извори за првиот квартал размената достигнала 14 милијарди долари)! Санкциите го прават своето, а Турција како вентил за нив и носи пари на Русија. Гасот од „Турски поток“ оди во Европа, Турција наголемо се снабдува со руска нафта. Во тек е изградбата на атомската централа „Акуја“ која ќе задоволува 10 проценти од потребите од енергија на Турција. Путин вели дека „европските партнери треба да и бидат благодарни на Турција затоа што овозможува без прекин да се транспортира руски гас на европскиот пазар“. Во Турција се испорачуваат големи количества нафта и јаглен, а Турција и помогна на Русија да може да испорачува руски прехранбени производи и вештачки ѓубрива на  светскиот пазар, во рамките на договорот за извоз на украинското жито. Украински медиуми пишуваат дека Турција врши реекспорт на жито од Украина и од Русија, па на тој начин дополнително заработува.

Колку е големо значењето на руските туристи во Турција зборува и договорот пет турски банки да го воведат рускиот платежен систем со картички „Мир“. На тој начин гостите ќе можат да ги плаќаат своите сметки во хотелите и во продавниците со картички. Договорено е Турција да го плаќа рускиот гас во рубљи. „На разговорите се донесени многу важни одлуки, кои, всушност, го креваат развојот на нашите односи во трговијата и економијата на ново ниво, во речиси сите сектори, вклучувајќи ги транспортот, индустријата, земјоделството, туризмот, но и областите на информатичките технологии и станбено-комуналните услуги“, изјави рускиот вице премиер Александар Новак. Тој истакна дека клучната област во која Путин и Ердоган разговарале била енергетиката. Новак кажа и дека на средбата на претседателите се донесени важни одлуки со кои односите на Русија и Турција се кренати на ново ниво. А за „ново страница“ на почетокот на средбата со Путин зборуваше и Ердоган. „Нашите делегации се сретнаа, овие средби беа продуктивни. Тоа се однесува на економијата, трговијата, сите наши области. Се разговараше за многу прашања во сите овие области и сега, по сите овие прашања, можеме да кажеме дека, веројатно, веќе ќе ставиме тука точка. Верувам дека ќе отвориме нова страница во нашите турско-руски односи“, рече Ердоган.

Реакциите на Западот на средбата на Путин и Ердоган веднаш стигнаа. Таму сигурно не беа задоволни од „најдобриот одговор“ од средбата за кој зборуваше Ердоган на нејзиниот почеток. „Фајнeншл тајмс“ напиша дека „Западот е загрижен поради приближувањето на Русија и Турција“. Дека од таму ја предупредуваат Анкара дека може да има последици ако ѝ помага на Русија во избегнување на западните санкции. Весникот, повикувајќи се на неименувани извори, пишува дека „Европската Унија сè повнимателно ја следи турско-руската соработка“, изразувајќи загриженост дека „Турција се претвора во платформа за трговија со Русија“.

МЕЃУСЕБО НАДОПОЛНУВАЊЕ

Дента кога почнаа разговорите во Сочи „Вашингтон пост“ излезе со текст дека Путин му предложил на Ердоган таен предлог за одбегнување на нафтеното ембарго на ЕУ. Русија и се обратила на Турција за помош во одбегнувањето санкции во банкарскиот, енергетскиот и индустрискиот сектор. Според весникот тајниот предлог бил Анкара да и овозможи на Москва да купи удели во турски рафинерии, нафтени терминали и резервоари. На тој начин наводно би се успеало да се скрие потеклото на нафтата и одбегнување на нафтеното ембарго од ЕУ. Исто така, според весникот, авторите се сомневаат дека Русите сакаат да замолат турски банки за отворање кореспондентски сметки за големите руски банки. За возврат Анкара би можела  да ја замоли Москва за согласност за планираната воена операција против Курдите на северот на Сирија. Официјалниот претставник на Кремљ, Димитриј Песков, одговарајќи на прашањето дали пишувањето на „Вашингтон пост“ е точно одговори дека на разговорите „се зборувало за перспективите на развојот на цел комплекс двострани трговско-економски односи“. Што содржи комплексот ќе се види во наредниот период.

Она што е важно од средбата во Сочи е дека Ердоган и Путин меѓусебно се надополнуваат. Она што му недостига на едниот го добива од другиот и обратно.  Немаат поставено правила на игра. Играат според своите интереси, попрецизно, според интересите на сопствената држава. Ако државниот интерес е некое правило, тогаш играат според него.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Жешка зима

Жешка зима