28 Март, 2024
0.0268

Путин ги кани најсилните на самит

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Во четвртокот пред една недела од Израел стигна интересна вест. На форумот „Да го сочуваме сеќавањето на Холокаустот, да се бориме со антисемитизмот“ организиран по повод 75 годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор во Освјенцим-Аушвиц, рускиот претседател Владимир Путин излезе со нова дипломатска инцијатива. Повика да се одржи средба на лидерите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Четири од нив декларирани победници во Втората светска војна и основачи на ОН, Русија, САД, Британија и Франција. Петтата е Кина.

Што всушност предложи Путин? Зборувајќи на форумот за растот на омразата, шовинизмот, антисемитизмот, ксенофобијата, Путин нагласи дека заборавањето на минатото и неединството пред лицето на заканите, може да се сврти со страшни последици. Затоа треба да се има храброст, не само да се зборува за тоа, туку да се направи се’, за да се заштити и да се зачува мирот. А тоа, според него, треба да го направат земјите – основачи на ОН, петте држави кои имаат посебна одговорност за зачувување на цивилизацијата.

„Ние со некои колеги, разгледувавме и колку што разбрав, видовме позитивна реакција да се одржи средба на лидерите на државите постојани членки на ОН: Русија, Кина, САД, Франција и Велика Британија. Во која било земја, во која било точка во светот, каде што ќе им биде удобно на колегите. Русија е подготвена за таков сериозен разговор. Имаме намера, без одлагање, да испратиме соодветни пораки на лидерите на петорката“, рече Путин, образлагајќи ја својата идеја.

Но на тој самит не би се разговарало само за опасностите од антисемитизмот, омразата.., туку и за многу други проблеми и други работи. Путин ја спомна Либија, развојот на настаните околу неа. А од она што не беше спомнато, некои се плашат дека ќе стане збор за нова Јалта.  Путин смета дека средбата треба да се одржи токму  годинава кога се одбележуваат 75 години од крајот на Втората светска војна и основањето на Организацијата на Обединетите Нации. „Таквиот самит би одиграл огромна улога во потрагата на колективни одговори за современите предизвици и закани, а секако, би ја продемонстрирал заедничката верност кон духот на сојузништвото, историските сеќавања и високите идеали и вредности за кои рамо до рано се бореле нашите предци, дедовци и татковци“, рече Путин.

Францускиот претседател Емануел Макрон уште на истиот форум ја поддржа иницијативата на Путин. „Петте постојани членови на СБ на ОН денес носат историска одговорност. И јас, драг Владимире, ги делам вашите намери да не соберете сите нас на едно место“, рече Макрон, додавајќи дека таа идеја била раговарана неколку дена пред собирот во Ерусалим.  Тој е согласен дека членовите на СБ на ОН се обврзани да обезбедат стабилен поредок во светот, поаѓајќи од меѓународното право и правата на човекот. Па оттука и нагласката дека сега е вистинско време тие одново да се соберат заедно. Макрон неизбежно проговори и за единство во Европа и во меѓународната заедница во соочувањето со проблемите кои се јавуваат. Макрон не би бил тоа што е, ако не се најде во центарот на вниманието. Особено што сега на евентуалниот самиот ќе ја нема Ангела Меркел и практично тој ќе ја претставува Европа. Британија веќе не може да се смета за дел од ЕУ.

Предлогот на Путин, според неговиот прес секретар Димитар Песков е прифатен и од Кина, а позитивно го оценија и од ОН. Од Британија дојде известување дека во поглед на предлогот на Путин очекуваат повеќе детали од руската влада. Засега нема никаков абер од Америка. Ако се остварени најавите, неделава треба веќе да се испратени пораките до лидерите на Кина, САД, Франција и Велика Британија. Во нив се ставени и деталните предлози за одржувањето на самитот на „петорката“. Краен рок за одговори на пораките нема. Но во Кремљ „со нетрпение“ очекуваат тие да дојдат наскоро. Истовремено за Москва многу е важно да има самит на кој ќе дојдат сите лидери на „петорката“, зашто поединечно не можат да се решат проблемите кои стојат пред нив.

Путин кажа што кажа во Ерусалим, но  имаше потреба сето тоа да се образложи пошироко во јавноста. Па така на прашањето - зошто самит, одговорот на Кремљ е „за да се позборува за критичната маса предизвици во најразлични области, за конфликтниот потенцијал на регионално и меѓународно ниво, за членките на „петорката“ да преземат одговорност за да го сопрат натамошното растење на таа критична маса“. Според Кремљ, лидерите на „петорката“ се должни да се стават себе си над разногласијата, кои постојат сега меѓу тие земји, за да се пристапи кон барањето патишта за смирување и за одговор на предизвиците, кои сега стојат пред целото човештво. Кремљ смета дека токму на тие земји им е неопходно „ да си ја земат одговорноста за тоа смирување..“.

Вака поставено се чини дека на дневен ред на самитот, ако се одржи, ќе има многу точки. Ако се погледне картата на светот и се маркираат воените и конфликтните жаришта, тогаш малку би им бил еден самиот на лидерите на тие држави. Блискиот Исток гори. Иран, Ирак, Сирија, Либан. Веднаш до Иран, Авганистан со опасност состојбата таму да се прелее во Централна Азија. На Арапскиот полуостров - Јемен. Во Африка од север Либија до Централна Африка, на запад од Нигерија, до исток во  Сомалија. Во Латинска Америка  Венецуела. На Далечниот Исток Мјанмар. Во Европа Украина и неколку замрзнати конфликти на постсоветското пространство и на Балканот. Да не говориме за меѓусебните конфликтни ситуациии меѓу земјите од „петорката“. А тука се и раскинатите договори за ограничување на оружјето за масовно уништување, за против ракетната одбрана...Има работа за цела година.

Ако Путин, Макрон и Сји Џинпинг се сигурни учесници, тоа засега не може да се каже за Британците. Неодамна во Берлин Путин и премиерот Борис Џонсон седнаа, можеби прозбореа за организирањето на ваков самит, но официјално излезе дека во догледно време тешко би можеле да соработуваат. Од друга страна по Брегзитот, на Британија и предвидуваат кошмар, кој не се знае колку долго ќе трае. Зарем ваков самит не би бил добра прилика Џонсон, односно Британија да се појави на него како држава „ослободена“ од европските стеги? Како држава основач на ОН и која одново би била посебен фактор во меѓународната политика. А аферата „Скрипаљ? Во интерес на повисоките цели, враќање на светскиот стол за преговори, таа може да биде поттурната во позадина.

Што со Доналд Трамп? Деновиве ќе се знае неговата судбина со импичментот. Најверојатно ќе се спаси. Тој уште од сега ја користи расправата околу неговото отповикување во свои предизборни активности. Доколку биде ослободен од обвинувањата со сета сила ќе се посвети на негов реизбор за претседател за САД. Токму од таа позиција тој ќе оценува дали ќе оди на средба со Путин. Дали таа ќе му наштети или пак ќе му биде од полза. Сигурно ќе има координација помеѓу САД и Британија. Но Трамп нема да сака да биде „црна овца“. Можеби ќе посака средбата на врвот на „петорката“ да се одржи токму во САД! Таму е и седиштето на ОН. Доколку го надмине импичментот тој веќе ќе има голема предност пред демократите. Впрочем така беше и со Бил Клинтон. По неговата афера со Моника Левински и импичментот. Доби нов мандат. Трамп пред извесно време го прими рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а овој по средбата беше задоволен во поглед на одговорот на поканата од Путин до Трамп за учество на одбележувањето на 75 годишнината од победата над фашизмот во Москва на 9 мај. Трамп и покрај тоа што во Претставничкиот дом се однесуваат огорчено кон Русија, може да трасира своја политика, особено по недокажувањето на неговата врска со Русија при изборите во 2016 година. Русија на Трамп ќе му биде многу потребна и за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, а уште повеќе за неговиот план за иднината на Израел и Палестина. За овие работи можат да  се водат или ќе се водат дијалози и на ниво на амбасадори, но друго е ако двајцата лидери си подадат рака. Слично би било за Сирија и др.

На почетокот беше спомнато дека некои забележуваат, дека ваквиот самит би бил нова Јалта. Одговорот е негативен. Прво нема воен плен кој би се делел. Има само проблеми. Петте постојани членки на СБ на ОН и така се поделени меѓу себе. Само Макрон се обидува да игра улога на некаков обединител. Камо среќа петтемина лидери да се договорат за надминување на сегашните проблеми во меѓународната политика. Тоа ќе оди тешко, зашто во политиката се’ почнува од интересите. Тие се двигателот во преговорите. Резултатот ќе зависи од тоа колку секој учесник во нив успеал да го заштити својот интерес.

Се одржал или не се одржал самитот, севкупен победник ќе биде Владимир Путин. Додека другите се борат со свои внатрешни проблеми тој се занимава со меѓународна политика и излегува со нова дипломатска инцијатива. На внатрешен план тој е семоќен и се’ му поминува без поголеми отпори. Па има време и да размислува и обмислува вакви самити. Ако се одржи самитот тоа ќе биде уште еден доказ за неговата политичка тежина. Ни трага ни глас од политичка изолација. Путин би бил среќен ако самитот воопшто се одржи, а најсреќен ако тој се одржи спроти парадата на 9 мај и тоа во Москва. Макрон веќе се согласи да дојде на неа. И кинескиот претседател исто. Британецот и Американецот допрва ќе ги вагаат предностите и мааните од доаѓањето на парадата во Москва. А секако и од учеството на најавениот самит.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?