23 Април, 2024
0.0566

Промените во САД не и носат ништо подобро на Русија, но...

Објавено во: Колумни 09 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Минативе денови Америка беше мобилизирана. Се одржуваа избори за конгресот и Сенатот. Мобилизацијата донесе резултат. Републиканците на претседателот Доналд Трамп по десет години беа поразени за Конгресот и го изгубија мнозинството во него, но од друга страна добија засилен Сенат.  Што и носат овие промени на Русија? Ништо подобро, со оглед на тоа што односите меѓу двете држави се на пониско ниво и од оние кои тие ги имаа во  време на Студената војна.

Русите не кријат дека се разочарани од Трамп под чие водство САД се повеќе и повеќе ги влошуваат односите. Вчера беа воведени нови санкции против Русија. Се очекуваат и други. Сега и покрај промените во Конгресот и Сенатот нема ништо да се смени во односот кон Русија. Во изминатиот период се покажа дека и Конгресот и Сенатот имаат консензус за политиката кон Русија. Независно што Трамп е репубиканец и постојано вели дека со Русија треба да се имаат добри односи, неговите републиканци постојано со демократите излегуваат заедно со нови и нови мерки против Русија. А Трамп мора да ги спроведува. Во време кога е под истрага за наводно учество на Русија во изборите на кои тој победи, не би било умесно да става вето на законите што се предлагаат. И тој покорно ги спроведува, а презема и мерки на своја рака за да покаже дека Русите „не му се пријатели“. Па да вели постојано дека „тој е оној што им расплакува мајка на Русите“ со некои санкции. Па така и сега не може да се очекува ништо друго, туку натамошна ескалација.

А тоа значи нови санкции. Вчера портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека од 2011 година САД воведувале против Русија разни ограничувања и закани 62(!) пати. „Времето поминува, поводи се наоѓаат. Јасно ни е дека можат да следат нови санкции донесени со таква леснотија и неодговорност, како и порано. За жал таквиот приод за САД стана секојдневие. Тој не претставува сила, но, во голема мера, едноставно немоќ за решавање на реалните проблеми, кои стојат пред Вашингтон, во тие рамки и на меѓународната арена. Тој е дизајниран да го одвлече вниманието од неможноста да направи нешто за оние прашања кои се на дневен ред“, рече Захарова.
Прашана за комантар на туку што поминатите избори во САД, Захарова смета дека нема неопходност да се коментираат, дека тие се' внатрешна работа на Америка. Но додава дека Русија се надева дека ќе се заврши со потпалувањето на русофобството кое се набљудува многу години: лажната историја во поглед на руското мешање во американските избори...За жал сега постојат опасности за почеток на нова рунда такви измислици., смета Захарова.

Жалењето на руската портпаролка не е без основа. Од другата страна на Атлантскиот океан доаѓааат навестувања дека ќе се забрза работата во усвојувањето на нови санкции против Русија. Но и без нив досега во Конгресот се разработени и усвоени десетина предлог закони за санкции против Русија. Така што до седнувањето на новите конгресмени и сенатори во нивните клупи на почетокот на јануари идната година, и сегашниот состав ќе има доста работа. Новиот состав на Конгресот, сега засилен со побројните демократи може да побара и нова истрага за наводното мешање на Русија во изборите во 2016 година. Очигледно истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер не дава резултати кои ги очекуваат демократите. Згора на тоа Трамп го смени и државниот обвинител  Џеф Сешнс, што пак за демократите е предизвик за нова атака против претседателот.

Минатата година кога почна истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во СА Д 2016 година на овие страници пренесовме мислење од експерти дека до крајот на 2018 година може да се дојде до докази кои ќе предизвикаат импичмент на Трамп. Исто така дека целата врева околу руското мешање можеби има некаква основа или поточно дека има нешто што предизвикува некаков сомнеж. Но од сомнеж до доказ патот е долг. Еве и 2018 година е на изминување, но Милер се’ уште не излезе со цврсти докази. Трамп постојано вели дека истрагата е „бркање на вештици“. Освен тоа тој по изборите твитна дека резултатите од нив се „огромен успех“. Ова можеби е преувеличување во трампов стил, но демократите во секој поглед ќе мораат да побараат поддршка од републиканците во Сенатот. Згора на тоа новото мнозинство во Сенатот не е двотретинско, па не може да носи одлуки, на пример, за импичмент на Трамп, без поддршка на републиканците.

Новото демократско мнозинство во Конгресот може да влијае врз намерите на Трамп САД да го напуштат Договорот за ракетите од кратоки среден достраел. Некои експерти велат дека демократите по традиција се залагаат за контрола  врз наоружувањето и дека кон тоа ќе ја тераат претседателовата администрација. Ова и одговара на Русија, која е против напуштањето на САД на споменатиот договор. Тие велат дека не се исклучува демократите да иницираат расправи за надворешната политика на Трамп, па да се зборува за одлуката на Трамп за излегување од Парискиот договор за климата, од договорот за Иран...Но не треба да се испушти од внимание и Кина. Многумина конгресмени сметаат дека Кина е вистинската закана за САД, а не Русија. Некои американски политичари повикуваат да се користи искуството од Хенри Кисинџер со Кина. Па да се игра на картата на подобрување на односите со Русија, на сметка на Кина. Како што направија САД во седумдесеттите години кога Кина ги залади односите со Русија. Можеби ваквиот приод би бил преоптимистички, но важно е дека постои и се зборува за него во САД.

Некои работи ќе станат појасни до крајот на годинава. За неколку дена, во недела, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин треба да се сретнат во Париз. Како што е најавено таа средба ќе биде кратка. За да не му паднат пердувите на францускиот претседател Емануел Макрон, како домаќин на одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна. Кон крајот на месецов во Аргентина ќе има самит на Г20. Таму се предвидува да се одржи работна средба на двата претседатела со своите најблиски соработници. Се предвидува, бидејќи со Трамп никогаш не си на чисто кога се во прашање некакви договори.   А освен тоа се покажа дека после секоја нивна средба руско-американските односи се влошуваа.

Веројатно оттука доаѓаат, како што пишува Димитриј Тренин од Карнеги фондацијата од Москва за „Политико“, и советите „Кремљ јасно да се оддалечи од Белата куќа на Трамп и да не биде вовлечен во фракционерската и безмилосна политика на Америка. Се чини дека оперативната теорија зад тој совет е да дозволи студена граѓанска војна во САД, пред повторно да се ангажира со победникот на изборите во 2020 година“.

Но Путин, вели Тренин е решен да ги продолжи своите лични контакти со Трамп. Од каде ова навидум нелогично однесување? Според Тренин, Путин веќе го избрал победникот на изборите во 2020 година. А тоа е Трамп. И навистина неодамна во својот јавен настап пред Клубот Валдај во Сочи Путин посочи дека кога Трамп ќе го освои својот втор мандат во 2020 година, тој ќе биде слободен да ги стабилизира и нормализира односите со Русија. Што зборува ова наспроти резултатите од сегашните избори? Путин  е сигурен дека против  Трамп нема да се поведе постапка за импичмент, Трамп ќе има уште еден мандат. Путин јавно не е загрижен од санкциите кои и се подготвуваат на Русија. Путин е убеден дека ќе се подобрат односите меѓу САД и Руската Федерација. Премногу оптимистички во ситуација кога односите меѓу двете држави се тркалаат надолу. Но ако Путин ги избрал Трамп, како што обвинуваат демократите, тогаш не е чудо и да се реализираат сите негови предвидувања.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок