19 Април, 2024
0.0259

Промена на изборниот модел, за рушење на султан партиите

Објавено во: Колумни 20 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Подзаборавената  иницијатива на претседателот Стево Пендаровски  за промена на изборниот законик, околу промената на изборниот модел, по кој ќе се спроведуваат парламентарните избори во Македонија  во иднина, деновиве повторно доби  на актуелност. Дванаесеттмина пратеници, од десет  помали политички партии, поднесоа иницијатива  до претседателот на собранието Талат Џафери  токму за оваа проблематика. Пратениците го поставуваат прашањето околу позитивните и  негативните аспекти  на  досегашниот принцип на изборен модел, поделен на шест изборни единици,  со т.н  затворени партиски листи. Многу листови хартија се употребени од  голем број на политичари, аналитичари,  НВО-активисти, професори, укажувајќи на потребата од промена на моделот, поради  поголема репрезентативност, односно поправична распределба на народниот глас. Сепак, како да постои премолчан договор помеѓу најголемите  политички партии кај нас СДСМ,  ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од т.н  „ албански политички блок“. Имено, постојниот модел, по Донтовата формула за пресметка на гласовите, и нивно конвертирање во пратенички мандати, е преференцијален, т.е ги фаворизира токму нив, на сметка на помалите партии. Имаме безброј примери од минатото , каде што  десетици илјади гласови „ горат “ по изборните единици, не уважувајќи го еднакво гласот на сите граѓани. На тој начин, се урива принципот на еднаковост на гласот, кој е „ светост“ во парламентарните демократии. Противниците на овој модел, за да создадат  издржана аргументација, велат дека македонските граѓани не се спремни за отворени партиски листи, бидејќи како што велат „ нема да знаат како да гласаат, односно нема да се снајдат“. Тоа е бегла и банална причина, бидејќи во 21 век, во време на информациона ера, граѓаните се доволно  едуцирани како да гласаат, бидејќи и „ операцијата гласање“ не е научна фантастика. Така и во  раните 90-ти  години, противниците на повеќепартискиот систем „ аргументирале “ против воведувањето на плуралната демократија, велејќи дека македонските граѓани немале „ искуство на гласање“.Можеби  немале да, но искусиле и се научиле.
Цврсто соединети, до остварување на конечната цел!

 По што е добро, а какви  негативности носи , едната изборна единица, со отворени партиски листи на преференцијалност?! Прво, едноставно, со формирањето на една изборна единица, сите гласови ќе бидат правично и праведно распределени во пратенични мандат. Нема да се случи некоја политичка партија  да освои  околу 29.000 гласови  и да не добие ниту еден мандат ( ВМРО-НП на парламентарните избори  во 2011) , а друга да освои околу 28.000 гласови и  да добие два мандати ( НДП на парламентарните избори во 2011), токму поради оваа вештачка поделба на шест изборни единици. Едноставно, оваа скроена изборно-законска аномалија, веднаш треба да биде коригирана и  оттука па натаму , во Македонија  да се гласа во  една изборна единица. Се разбира дека ќе има противење ( можеби не директно), но суптилно, со игнорирање од страна на големите политички партии во однос на оваа законска промена, но малите партии, оставајќи ги на страна своите идеолошки, етнички, политички и  секаков друг на разлики, овој пат треба да се сеобединат , токму околу ова прашење, кое најмногу ги тангира токму нив, и работи директно против нив и нивните политички и партиски интереси. Оваа иницијатива треба да прерасне во отворена кампања, па и најава за бојкот на наредните избори , доколу не се промени изборниот модел.Бидејќи досегашниот модел со шест изборни единици, едноставно со сила ги туркаше помалите партии во големите предизборни коалиции, и на тој начин им ја намалуваше партиската вредност, и постизборниот преговарачки потенцијал. Секако се поставува прашањето и за изборниот праг, кој од држава до држава варира. Најнискиот компаративно во светски рамки се смета дека е во Холандија и Уругвај ( 0,9 % и 1,5%), до неверојатно висок во Турција 10%. Во соседството во Бугарија е 4 %, Србија 5 %, што значи секоја земја , различно го поставува прагот. Сепак кај нас е најдобро истиот да се стави во маргина од 1.5-3 % , бидејќи и со промена на изборниот  модел, при висок изборен праг ( 4-5%), повторно малите партии ќе бидат надвор од парламентот, односно, ќе се постави уште потешка бариера за нивно преминување на собранискиот праг.

Ајде на избори, ама вистински!

Во однос на другото прашање за отвореноста на  досега затворените партиски листи, и не треба многу да се дискутира. Постојниот модел создаде авторитарни султан партии, каде што најчесто лидерот, заедно со еден до двајца најблиски соработници ги кроеше партиските листи за пратеници, создавајќи на тој начин лојални и горди послушници. На овој начин се создадоа авторитарните-султан тврдини од партии, кои кога ќе ја освоеја власта во Македонија, подоцна и државата ја претвораа во авторитарна тврдина во која лидерот/ премиерот е своевиден крал ( монарх) со неограничена моќ.  Негативно искуство од минатото имаме многу, и затоа треба да учиме од него и да не го повториме.  Од друга страна, со затворените листи, ние не бираме народни претставници во највисокиот законодавен дом, туку партиски послушници, на кои не им ја знаеме нивната  вистинска  поддршка  меѓу граѓаните. Поради тоа, имаме вечни пратеници како Лилјана Поповска, Амди Бајрам, Влатко  Ѓорчев, Илија  Димовски, Радмила Шекеринска и многу , многу други. Сепак, како долгогодишни политичари и авторитети на политичката сцена,  зарем не е подобро за овие погоренаведениве , а и многу останати други, да посакаат токму на отворени партиски листи да си ја утврдат  граѓанската поддршка, и на тој начин да го заслужат својот легитимитет како пратеници , односно  избрани функционери. Градоначалниците и претседателот на Републиката, својот легитимитет , а со тоа и легалитет , го црпат директно од граѓаните на непосреден изборен начин, додека пратениците индиректно преку лојалноста на партијата. Крајно време е да видиме граѓаните на  Битола, Струмица, Куманово, Охрид, Тетово, Кичево,Штип,  Прилеп, Кочани, Кавадарци, Скопје, и многу , многу други поголеми  и помали  македонски градови и села, кои  пратеници тие сакаат да ги видат во пратеничките клупи, а не како досега  „мајката партија “ да им го наметнува изборот, и да ги става граѓаните пред свршен чин, без никаков личен избор. Преференцијата на отворените листи, ќе го потврди или ќе го стави под знак прашалник  дури и легитимитетот на партискиот лидер, бидејќи ќе се види и самиот лидер на една политичка партија колку гласови има меѓу граѓаните. Дали тоа не е вистинската причина, зошто македонските партиски лидери, го скроиле овој  никаков изборен закон, и свесно прават се во изминатите 17 години, истиот да не се промени? Одговорот е повеќе од очигледен. 

Благојче Атанасовски - политиколог

Претходната колумна на политикологот Благојче Атанасовски читајте ја подолу ...


СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок