25 Април, 2024
0.0326

КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ, А КОЈ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ЗБОГУВА СО ПОЛИТИКАТА - уредниците прогнозираат за Фактор

Објавено во: Македонија 10 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Се ближи денот кога ќе се случи партиското одмерување на силите на предвремените парламентарни избори. 

Кој ќе ја однесе победата, ќе биде ли тесно, или, пак, ќе има јасен добитник, кој ќе биде партнерот, какви услови ќе поставува помалиот партнер за формирање влада?

Фактор разговараше со уредниците на неколку релевантни медиуми во земјава, а воедно и долгогодишни хроничари и аналитичари на политичките збиднувања во земјава. 

Тие за нашите читатели ги споделуваат своите гледања на работите, но и прогнози за тоа како ќе се одвиваат работите во наредниот период. 

Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија и уредник на Телевизија 24, за Фактор вели дека овие избори се многу важни за таректоријата по која ќе се движи Македонија. 

Можеби не се ‚судбински' како некои други до сега, бидејќи земјата е веќе во НАТО, со трасиран пат кон Европската Унија, но сепак, постојат многу важни елементи од кои ќе зависат повеќе нешта.

Ако го следиме досегашниот тек на кампањата, мислам дека сме сведоци на досега една од најздодевните кампањи, жарот од претходните избори го нема на истиот начин, веројатно затоа што тогаш навистина изборот беше или продолжување на темните политики или излез од тоа. Сега работите имаат многу различни нијанси и затоа за очекување е дека ќе победи онаа опција која ќе покаже попозитивистички пристап“, очекува Чадиковски.

Според него, црната кампања не вродува со некој посериозен плод за партиите, таканаречените бомби сега се веќе на ниво на петарди, и имат за цел или да потсетат на времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, или да прикажат некои негативни елемнти од владеењето на СДСМ, но во основа сето тоа се веќе познати работи.

„Не очекувам некои значајни изненадувања после 15 ти јули. ВМРО ДПМНЕ тешко да стаса до гласовите на неопределените, а СДСМ е во грчевита битка да ги врати. Со оглед на тоа дека резултатот ќе биде тесен, влада ќе прави онаа опција што може да покаже поголем коалиционен капацитет. До влада нема да биде лесно да се дојде зошто не сметам дека ДУИ ќе биде губитничка партија, и таму во албанскиот блок резулатот ќе биде тесен“, објаснува Чадиковски.

Но, како и да е, според него, идната владејачка коалиција ќе покаже континуитет кон НАТО и ЕУ политиките, а треба да има многу знаење и вештини за да се справи со здравствените и економските последици од Ковид кризата. 

„Овие избори, со намалената излезност ќе бидат и своевидна поука и покажан жолт картон за партиите и за досегашните системски проблеми прикажани во владеењето во изминатата деценија“, смета Чадиковски.

Љупчо Поповски, уредник на „Независен“ вели дека овие избори за многумина ќе бидат прашање на политички опстанок, па тоа и е причина што кампањата „поцрне“ во последнава недела.

„Тешко дека има некој што ги следи внимателно политичките случувања во земјава кој може со сигурност да ви каже кој ќе биде победник на изборите на 15 јули. Ако се следат анкетите, оние кредибилните, СДСМ е во мала предност, но колкава би била таа предност во пратеници е неблагодарно да се каже, затоа што многу зависи од распоредот на гласовите во изборните единици.

Овие избори за многумина се прашање на политички опстанок, и за Христијан Мицкоски, и за Зоран Заев, и за Али Ахмети. А тоа некогаш изгледа како екстремно страшно за еден политичар. Затоа последнава недела кампањата стана од црна - поцрна. Такво бесмислено бомбардирање со аудио ‚бомби' ги фрли во втор план програмите на партиите. Очигледно некој ја чувал својата најубиствена ‚муниција' за последната недела пред изборите. Тоа ја изместува целокупната политичка сцена и наместо тоа да биде натпревар за иднината, таа се претвора во дијаболична пресметка која остава еден дел од граѓаните збунет, а другиот поголем дел веќе одбива да ги слуша овие ‚бомбашки' напади“, смета Поповски.

Уредникот на „Независен“ вели дека новинарите во редакцијата направиле една сеопфатна анализа на тоа како се одвиваше дигиталната кампања во новите корона-услови и дали таа допира до поширокото граѓанство. 

„Таа покажа донекаде неочекувани резултати: дека кампањата и пораките во неа се следеле многу, дури зачудувачки многу. Според оваа анализа на следењето на собирите, на кои изгледа дека лидерите и кандидатите за пратеници си се обраќаат сами на себе, бројките од социјалните медиуми даваат поинаква слика. Така, бројките покажуваат дека дигиталната кампања на СДСМ е поуспешна и погледана од таа на ВМРО-ДПМНЕ. Но дали е тоа доволно за убедлива победа, како што се надеваат социјалдемократите, е веќе друго прашање“, вели Поповски.

Последнита настани од Србија и хаотичните слики од Белград, според него, потсвесно може да одиграат некаква улога кај неодлучните. 

„Се разбира, тоа не може да се тврди со сигурност, но она огромно присуство на полицијата во центарот на Белград, па дури и на коњица, десетици и десетици испукани солзавци, сочувство со тепаните граѓани, а и нападнатите полицајци и жандарми, ги враќаат сцените од неколку вакви слични настани во Македонија, и мислам дека на овдешните граѓани им е смачено од драми, крвови и историски пресметки дома. И дека е можно тие да го насочат својот глас кон оние кои можат да им понудат посигурен живот, поголемо заедништво, а помалку делби. Секако, тоа е само претпоставка, но факт е дека сликите од Белград се вознемирувачки и дека огромниот дел граѓани не би сакал да ги гледа дома“, објаснува Поповски.

Бранко Героски, од „Плусинфо“, за Фактор прогнозира дека коронакризата сигурно ќе ја зголеми политичката апатија на гласачите.

Нема дилеми дека коронакризата битно ќе влијае врз зголемувањето на политичката апатија на избирачите. Освен тоа, објективно е ризик да се гласа во услови кога секој ден имаме 160-170 нови позитивни и кога веќе нема кластери, туку епидемијата се шири неконтролирано. Учесниците во изборната трка треба да бидат задоволни ако успеале да мотивираат 50 отсто од избирачите да излезат на избирачките места“, смета Героски.

Што се однесува до резултатот од изборите, пак, тој вели дека предвидувањата се неблагодарни. 

„Очекувам скромна предност на победникот, налик на исходот во 2016 година, со тоа што не би сакал да се впуштам во прогнози на чија страна ќе превагне јазичето на вагата. Од друга страна, во албанскиот блок нештата се појасни и мислам дека таму се очекува ДУИ да ја потврди својата позиција на водечка политичка сила. Резултатот од изборите веројатно ќе биде вовед во една нова неизвесна битка за обезбедување парламентарно мнозинство што треба да ја поддржи новата влада“, размислува Героски.

Уредникот на Канал 5 телевизија, Гоце Михајлоски, пак, смета дека она што е сигурно за овие избори, е дека на нив ќе има многу тесен резултат, што се гледа и од анкетите, а граѓаните до последен момент ќе се мислат дали воопшто и да излезат на извори.

Единствено што со сигурност може да се каже за овие избори е дека ќе бидат со многу тесен резултат во корист на една од коалициите предводени од Заев и Мицкоски, слично на 2016. На ова, според мене, упатуваат два фактора: Прво, анкетите - сите даваат предност на една или друга страна не поголема од статистичката грешка од плус минус три отсто, и покажуваат дека меѓу 30 до 40 проценти од луѓето се уште не се изјаснуваат.

И второ, очекуваната помала излезност  - и поради епидемијата и поради разочараноста кај дел од граѓаните од елитите, тренд што се забележа уште на ланските претседателски избори. Ова покажува дека неопределените до последен момент ќе се ‚кршат' дали воопшто да излезат на гласање, а ако излезат за кого да го дадат гласот“, вели Михајлоски. 

Според уредникот на Канал 5 телевизија, како и да е, на 15 јули многу работи ќе бидат појасни. 

„Но, не сум сигурен дека ќе биде јасно и кој ќе ја формира владата. Самата победа ако е тесна не го гарантира тоа, а тоа се покажа и во 2017 година. Секако, важен ќе биде и исходот во албанскиот блок, особено ако ДУИ и сега биде ‚тасот на вагата'. Тогаш сигурен сум дека не очекува бурно лето, а можеби и есен. Ахмети премногу високо ја крена ‚летвичката“ со условот за Албанец-премиер и сега ќе нема многу простор за маневар“, објаснува Михајлоски. 

Нина Нинеска-Фиданоска, Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот