23 Април, 2024
0.0299

Проф. Д-р Мирослав Пендароски: Лазаров е роден шампион, потребно е да поработиме и на психологијата на ракометарите, за да го наследат

Објавено во: Македонија 18 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Таканаречените блокади во главите на спортистите не се ретка појава, ама како што искуството е поголемо блокадите се обратнопропорционални и треба да се помали, вели проф. Д-р Мирослав Пендароски за Фактор. Според негошто поглемо искуство во големи натпревари, би требало да значат и сé помалку когнитивни, мисловни, а секако и емоционални блокади и проблеми со самодовербата. Секако, овие психолошки проблеми не се должат исклучиво на самиот спортист, туку се склоп и резултат на многу фактори. Потреба од ангажирање спортски психолог е од значење не само во македонските репрезентации туку и во клубовите. Пендароски е универзитетски професор, психолог, психотерапевт, предава спортска психологија и е поранешен успешен спортист.

По натпреварот со Шведска и поразот од 12 разлика, Филип Талески, левиот бек на нашата ракометна репрезентација, објаснувајќи ја лошата игра, меѓу другото изјави дека „по првите 15 минути ни се случи некоја блокада, мозокот дава команда, но телото застана, не слушаше повеќе“. Од ваш аспект за каков вид блокада станува збор и на што се должи таа?

Пендароски: Се разбира дека поразите не се пријатни, особено не во спортови во кои веќе сме имале големи успеси. Спортскиот живот подразбира многу кревања и падови и секој пораз спортистот се обидува да го објасни или оправда на некаков начин во екот на емоционалните доживувања, соочен со очекувањето на нацијата и љубителите на спортот. Таканаречените блокади во главите на спортистите не се ретка појава, ама како што искуството оди нагоре блокадите се обратнопропорционални и одат надолу. Значи што поголемо искуство во големи натпревари, би требало да има сé помалку когнитивни, мисловни, а секако и емоционални блокади и проблеми со самодовербата. Секако, овие психолошки проблеми не се должат исклучиво на самиот спортист, туку се склоп и резултат на многу фактори - свесноста за потреба од ангажирање спортски психолог, познавање на селекторите и тренерите на своите играчи, а секако и еден разработен државен систем за поддршка на спортистите на врвни натпревари кој кај нас отсуствува. Тука секако постојат и индивидуални разлики меѓу спортистите, а се поврзани со темпераментот, карактерот и друго.


Пред денешниот клучен натпревар со Чиле, во кој ако победиме ќе се пласираме во вториот круг на светското првенство во Египет, селекторот Данило Брестовац верува дека неговите играчи ќе бидат физички и психички подготвени. Кој од стручниот штаб би можел најдобро да ги подготви психички, по двата катастрофални порази?

 Пендароски: Интересно прашање на кое би требало само реторички и прозаистично едноставно да се одговори – спортскиот психолог! Но, не знам дали таков постои. Ако постои веднаш треба да се ангажира, иако тоа се прави многу порано. Практично тој би требало на еден начин да е константно дел од екипата особено во периодите пред големи турнири како овој. Ако не постои спортски психолог тогаш селекторот и тренерите се првите кои би морало да повлијаат онолку колку што можат, затоа што мора да се нагласи дека тие не се спортски психолози! Секако, големата улога на нашиот искусен капитен е важна во подигање на нивото на самодоверба, мотивација. Но, повторувам за да се избегнуваат вакви падови потребна е долгорочна стручна и континуирана работа на тоа поле.

Дали нашите репрезетативци ќе беа поподготвени и посмирени ако во текот на целиот процес на тренирање, иако беше краток, во тимот вклучеа професионалец и за психолошка подготовка кој ќе беше присутен и во Египет?

Пендароски: Секако дека сте сосема во право, и повеќе од тоа! Причината за ангажирање на таков експерт не е нужно и потребно само при вакви натпреварувања туку, како што рековме во целокупниот тренажен и припремен процес. Покрај, физичката, тактичката и техничката подготовка, во науката за спортот секогаш се споменува и психолошката подготовка. Згора на тоа, нашите играчи постојано тренираат и од психолошки аспект колку и да беа изненадени од ненадејната и случајна покана на светското првенство, тие и нивниот стручен штаб знаеле дека може да се случи и такво нешто. Од тие причини, а тоа не се однесува само за овој случај, се доведува во прашање (не)постоењето долгорочна стратегија, туку гледаме дека се работи акутно решавање на проблемите. Кога зборувам за ова мислам дека играчите се последните во низата и тие само ќе ги следат препораките кои треба да дојдат од погоре, стручен штаб, федерација, државни институции и др.

Очите на целата нација се во ракометарите. Социјалните мрежи вријат од критики. Кој е вашиот совет до нив, како да се бранат од лошите коментари. Или, кога би биле таму, дали би им дозволиле да ги користат социјалните мрежи?

Пендароски: Секако, па ние сме позната и призната ракометна сила и покрај овој моментален пад. Пред директно да ви одговорам ќе кажам нешто од психолошки аспект, а тоа е следното – како што растат успесите така растат и апетитите и очекувањата, а очекувањата се мајка на разочарувањата. Значи, тука има удел и нашиот национален менталитет и меѓу навивачите. Штом победиме ние од нив правиме ѕвезди, штом се поразени ние ги спуштаме долу. Секако дека врз нив, а особено врз помладите, тоа декадентно и дефетистички негативно влијае. Затоа би советувал малку дистанца од коментарите, сепак се тие професионалци и треба да се свесни дека покрај за себе, играат и за нацијата која од нив многу очекува, а тоа носи дополнителни притисоци .


Легендарниот кошаркарски тренер Душан Дуда Ивковиќ во една прилика изјави дека секогаш се трудел со играчите да воспостави непосреден душевен контакт и тоа било негова терапија или психотерапија. Сведоци сме дека многу од тренерите, ги шират рацете на грешката на играчите, ги пцујат, се чудат, превртуваат со очи, се крстат, се трескаат од земја. Треба ли тренерот да биде посмирен или бурно да реагира?

Пендароски: Да, Дуда е пример за ретко психолошки талентиран тренер, иако многу луѓе за неговите стратегии сметаат дека се драконски или строги. Секако дека сте во право кога велите дека треба индивидуален приод и тоа ги оздвојува големите тренери. Но, сепак за тоа постојат спортски психолози кои можат да работат како со спортистите така и со нивните тренери и селектори. Комбинацијата на талентиран тренер кој во истовреме ги познава силните и слабите страни на своите спортисти, а воедно е свесен за потребата од стручна психолошка поддршка е најсилното нешто. И не заборавајте, најголемите тренери не сметале дека знаат сé и дека се и психолози меѓу другото. Туку внимателно ги следат инструкциите од психолозите и сите други стручни лица.


Има едно непишано правило, кое многумина се обидувале да го искористат во спортот, а тоа е „Такви се Балканците. Ќе им падне концентрацијата и ќе направат грешка. На нас е само да го искористиме“. Кој е вашиот коментар? 

Пендароски: Тука веќе навлегуваме во т.н. национална или колективна психологија и можно е јужните народи да се меки, попустливи и променливи во однесувањето за разлика од северните за кои се смета дека се тврди, постојани и без силни емоции и жар. Но, се случува, иако поретко, и дел од тие народи да паднат психички. Таков последен пример се германските фудбалери на последното СП кои беа големо разочарување. Сепак, исклучокот не го чини правилото и најмалку е важно дали сме балканци или скандинавци, ако играме трпеливо, ако веруваме во себе и ако имаме силен и стручен тим , а такви сме имале, и ние можеме и сме покажале дека можеме да поразиме и големи сили во спортот. Значи, треба да престанеме со себедокажувањето, меѓу другото и во спортот. И ние имаме сé што имаат и другите и ако работиме напорно, ќе создадеме континуитет, каков штпо впрочем ракометарите веќе го создадоа. Со декади играме на скоро сите големи натпреварувања. Повремени падови се неизбежни, ама за да се сведат на минимум, тоа е патот! 

Многу сериозни клубови и репрезентации имаат психолог и тоа не само во најголемите нивоа на натпреварувања туку и во помладите категории, кои помагаат во правилен и оптимален развој на спортската кариера. Каков е интересот кај нас за ангажман на спортските психолози?

Пендароски: Тоа е тоа! Особено од најмали мнозе се всадува т.н. победнички дух, дух на воин, затоа што спортот не е ферплеј. Врвниот спорт е „крвава работа”, затоа што тој не значи само спортска победа туку и национална гордост и докажување. Сетете се на борбите меѓу некогашен СССР и САД во време на студената војна! Колку што јас знам, интересот за ангажман на спортски психолози е многу мал, или само непосредно пред натпревари. Ако грешам, и не сум упатен, нека ме поправат.

Како поранешен успешен спортист и стручњак, дали некој клуб или репрезентација ве повикале во улога на спортски психолог?

Пендароски: Досега не сум добил никаква понуда да помогнам на било која наша екипа. А, тоа би го сторил со задоволство. Спортот го разбирам и од искуство. Бев апсолутен победник за 2000 и 2001 година во бодибилдинг и Атлета на Македонија. 

Нашиот капитен Кирил Лазаров е Балканец, но не наликува на останатите од овие простори. Изоде пат, со труд, упорна работа, мудрост, памет и стигна до врвот во светскиот ракомет. Со што ќе го дополните овој коментар за него? 


Пендароски: Тој е показател дека играњето во силни лиги, многу светски и европски првенства, силни тренинзи и ментална моќ се добитната комбинација, иако и други спортисти играат во силни лиги, а ја немаат таа ментална сила. Значи донекаде тоа е митот за т.н. роден шампион, т.е. теоријата дека таков треба да се родиш! Но, вистината е дека комбинацијата, како што сами убаво рековте, меѓу напорен тренинг, скромност и работа и генетски и ментални предиспозиции го прават шампионот. На крај, силната лига е олеснување, но не е секогаш и гарант за успех! Иако не е ракометар, ќе го споменам Дарко Панчев кој од ФК Вардар преку ФК Ѕвезда стана европски шампион и го доби признанието „Златна копачка“ на Европа. Така и Кире Лазаров, макотрпно, полека стигна до таму до каде што стигна. За да имаме уште многу како нив, конечно е потребно да почнеме да ја користиме психологијата!

 Соња Алексоска Неделковска 


Можеби ќе ве интересира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

Мостот „Беласица“ го издржа тестот за носивост

Мостот „Беласица“ го издржа тестот за носивост

Избирачкиот список намален за 10.000 гласачи

Избирачкиот список намален за 10.000 гласачи

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ОБРАЗОВАНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО, АМА ДЕЦАТА НА РАБОТА – наместо во училишните клупи дел од тинејџерите работат, еве каде ги има најмногу

ОБРАЗОВАНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО, АМА ДЕЦАТА НА РАБОТА – наместо во училишните клупи дел од тинејџерите работат, еве каде ги има најмногу

ДАЛИ ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ ЗАМИНУВА ОД ТОКСИКОЛОГИЈА? „Дон Кихот го напушта оклопот, 35 години бев најголем борец“

ДАЛИ ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ ЗАМИНУВА ОД ТОКСИКОЛОГИЈА? „Дон Кихот го напушта оклопот, 35 години бев најголем борец“