29 Март, 2024
0.0265

Проф. Бужаровски: За вакви енергетски кризи единствено решение е големи инвестиции во обновливи извори на енергија

Објавено во: Македонија, Интервјуа 20 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Европа подготвува огромни фондови за енергетска транзиција кои засега за Македонија и земјите од Западен Балкан се минимални, но трошоците од загадувањето со термоелектраните се одразуваат и во ЕУ, особено со проценките за здравјето и последиците како речиси 20 илјади загубени животи.

Новата енергетска криза ја анализираме со професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, еден од врвните европски експерти за енергетска сиромаштија. Според него оваа криза се должи на повеќе пазарни фактори, а помалку на политички.

Во поглед на енергетската независност на Македонија и справување со вакви шокови загрижува тоа што и натаму се гори јаглен сред климатска криза. Истовремено инвестициите во гасификација се лоши на среден рок бидејќи и ова фосилно гориво наскоро ќе биде поскачено со нови даноци за животната средина, па затоа решенијата ги бара во обновливите извори на енергија како единствен модел на енергетска транзиција во наредните неколку години.

Фактор: Професоре, кои се главните карактеристики на енергетската криза со која ќе се соочи Европа. Што ги дигна цените на енергенсите, последиците од корона пандемијата или глобалните геостратешки игри?

Бужаровски: Излезе една интересна анализа од ЕУ Агенцијата за Соработка на Енергетските Регулатори во врска со ова прашање. Анализата многу прецизно и јасно ги објаснува причините за кризата. Накратко, основниот фактор е исклучително брзорастечката цена на втечнетиот природен гас (ЛНГ). Ова гориво има голема влијание врз цените на другите енергенси во, инаку, високо интегрираниот и либерализиран европски енергетски систем. Причините за високите цени на ЛНГ се комплексни, и се поврзани со зголемената побарувачка за овој енергенс во други делови од светот (главно Азија, поради постепениот излез од пандемијата), временските прилики во северната хемисфера во текот на претходната зима, но и ограничените количини на горивото на слободниот пазар.

Како секундарни причини за кризата се наведени и други фактори, како на пример високите цени на јагленот, даноците на стакленички гасови, намаленото производство на енергија од ветер, големата потрошувачка на енергија во текот на летото, но и редуцираниот пристап кон други форми на природен гас (преку домашно производство и гасоводи) поради редица додатни фактори.

Слични објаснувања се дадени од серија други експерти и релевантни организации (Меѓународната енергетска агенција на пример). Значи пред се причините би ги лоцирале во пошироките структурни текови на глобалната економија, секако во контекстот и на корона кризата. Не би рекол дека станува збор за геостратешки игри, освен можеби на оската ЕУ-Русија, каде што се смета дека би имало можност да се зголеми доставата на гас до Европа, но тоа изостанува ... според некои мислења ова се должи главно на политички фактори.

Фактор: Колку оваа криза ќе ја засили енергетската сиромаштија во Македонија и кои мерки ќе треба да се преземат за заштита на најранливите категории на граѓани?

Бужаровски: Доколку Владата и Регулаторната Комисија за Енергетика успеат да го стабилизираат ценовниот шок, за што има индикации, се надевам дека граѓаните во Македонија нема да осетат голем притисок врз енергетските трошоци. Ваквите ценовни интервенции секогаш помагаат на краток рок, во смисла на ублажување на ударот кон ранливите граѓани. Друга мерка која има поволно влијание во оваа смисла да се оневозможи исклучување од енергетскиот систем на граѓаните кои имаат долгови на сметките на струја и парно, посебно во текот на зимскиот период. Но, на малку подолг рок, основното решение за енергетската сиромаштија, како и за подобрување на стандардот на граѓаните пошироко, остануваат инвестициите во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Постојат огромни можности на ова поле. Подобрувањето на фасадите, крововите, прозорите во целиот станбен фонд има неизмерни придобивки за сите граѓани. Да не зборуваме за инвестициите во топлотни пумпи, микро-термални и фотоволтаични системи, но и системи за централно греење брз база на обновлива енергија.

Фактор: Евентуалниот шок државата најави дека ќе го спречи со интервентен увоз на лигнит и засилување на домашните капацитети на производство на струја преку термоцентралите РЕК Битола и РЕК Осломеј. Во меѓувреме е најавена изградба на ветерни централи во вредност од 500 милиони евра. Дали обновливите извори на енергија може да бидат одговор за ценовните шокови?

Бужаровски: Загрижува тоа што единствената структурна контра мерка во една ваква ситуација останува горењето на јаглен. Во 2021 година, кога планетата буквално е во пламен поради согорувањето на фосилни извори (сетете се само на пожарите и сушата во текот на летото), и се очекува дека Југоисточна Европа ќе биде посебно погодена од климатските промени, понатамошното користење на јаглен е катастрофално решение. Посебно бидејќи знаеме, на пример, од неодамнешното истражување на Бенквоч мрежата дека 18 термоелектрани во Западен Балкан испуштаат два и пол пати повеќе сулфур диоксид колку 221 таква термоцентрала во целата ЕУ, во исто време предизвикувајќи над 19,000 додатни случаи на прерана смрт. Со други зборови, цената за евтиниот јаглен ја плаќаме на друго место.

Од друга страна, многу радуваат најавите за ширење на капацитетот на ветерната како и соларната енергија во целиот регион. Во моментов нема друго решение освен амбициозни инвестиции во обновливи и одржливи извори на енергија. Поради специфичноста на овие енергенси потребни се големи инвестиции во преносната инфраструктура (високо и ниско напонска) и интегриран пазар на енергија. Според Енергетската заедница, РСМ предничи на овој план но, има уште долг пат да се изоди.

Во регионот се зборува малку за општествениот аспект на енергијата, не само во смисла на социјалниот момент, но и пошироко. За да настане суштинска трансформација кон нискојаглеродна иднина потребни се длабоки промени во просторното планирање, домувањето, транспортот, и секојдневниот живот. Постои тенденција енергетиката да се гледа како техничко прашање, но сето ова покажува колку се битни општествените науки – социологијата, економијата, политичките науки, просторното планирање – во целиот процес.

Ова посебно се гледа во процесот на затворање на големите термоцентрали во Битола и Кичево, кое државата се обврза дека ќе го имплементира до 2027. Притоа, сега ќе се гори повеќе јаглен! За вистински да профункционира целиот процес, потребни е сеопфатна соработка со сите чинители во двата региона, и планирање на процесот на повеќе нивоа – од инфраструктура, преку работни места, економски активности, животна средина, урбан развој.

Фактор: Поскапувањето на струјата, но и генерално на енергенсите се очекува да удрат по џебовите на граѓаните и да ги покачат трошоците на бизнисите. Во меѓувреме се чека на гасификација на земјата која доцни, а привремено се делат субвенции за инвертери и печки на пелети. Дали не очекува тешка грејна сезона без јасни и одржливи долгорочни решенија?

Бужаровски: Можеби ова е непопуларен став, но јас сум решително против гасификацијата и сметам дека тука се прави голема грешка. Пред се бидејќи гасот како енергенс испушта стакленички гасови и е крајно неповолен за климатските промени. Во услови кога развиениот свет бара начини да се намали употребата на ова гориво, и веќе активно се користат мерки како забрана на нови бојлери на гас во домаќинствата, инсталацијата на нова инфраструктура со овој енергенс е застарена мерка која ќе донесе големи трошоци и проблеми во иднина. Прашање на време е кога на глобално ниво ќе се соочиме со јаглеродни даноци кои ќе го опфаќаат гасот, што значи дека оние земји кои се повеќе зависни на гас ќе имаат поголеми трошоци и потреба да инвестираат во нова инфраструктура.

Во таа смисла, инсталацијата на инвертери во домаќинствата и не е така лошо решение, знаејќи дека се релативно поефикасни од другите извори на енергија, а го намалуваат аерозагадувањето. Исто така, во суштина ја зголемуваат електрификацијата на енергетскиот сектор, што е интегрален дел од ширењето на обновливите извори на енергија (бидејќи тие главно го зголемуваат производството на електрична енергија, за што инвертерите создаваат додатна побарувачка). За печките на пелети не сум сосема сигурен, општо земено има многу проблеми со овие извори на енергија, колку што знам квалитетот на горивото не е предмет на соодветна регулација, но и за нив има место во еден одржлив систем.

Фактор: Очекувате ли заеднички одговор на Европската Унија со интервентни фондови и колку земја како Македонија сместена во чекалницата на Западен Балкан може да се надева на европската солидарност?

Бужаровски: Мислам дека постојат доста можности за земјите од Западен Балкан во рамките на постоечките и ветените фондови, но не сум стручен за ова прашање. Секако не сум видел ништо во однос на енергетската сиромаштија. Во однос на пошироката енергетска трансформација, фондовите на Европската Унија за Западен Балкан не се на ниво на тоа што им е на располагање на земјите членки. Во ЕУ сега се ставаат во движење големи фондови за „праведната транзиција“, а Европската Комисија само што најави интервентни мерки за краткорочно сузбивање на енергетската сиромаштија. Исто така, во периодот што следи се најавува имплементација на тнр. „гранични јаглеродни даноци“ што ќе го поскапат извозот на енергија од фосилни горива во ЕУ.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЗА УБИСТВОТО ВО ЖЕЛЕЗАРА: До овој момент не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на делото

ЗА УБИСТВОТО ВО ЖЕЛЕЗАРА: До овој момент не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на делото

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите