ПРОДОЛЖУВААТ САМИ И ТВРДАТ: СТАБИЛНИ СМЕ - се огласи Стопанска банка Битола: Депозитите се сигурни, населението продолжува да штеди
Објавено во: Финансии 27 Септември, 2024
Откако мнозинството акционери од Стопанска банка Битола гласаа против да се прифати понудата за преземање од Комерцијална банка, преку соопштение до медиумите се огласи Стопанска банка Битола.
Велат дека понудата за преземање не е успшешна, и банката ќе продолжи да функционира како самостоен субјеклт, но нејзината стабилност и сигурност е на највиско ниво.
„Согласно добиеното Решениe од Комисија за хартии од вредност од 27.9.2024 година, а во врска со понудата на Комерцијална банка АД Скопје за преземање на акции издадени од Стопанска банка а.д. Битола, ги известуваме клиентите и пошироката јавност дека истата се утврдува за нeуспешна, а Банката продолжува да функционира како самостоен правен субјект, како и до сега, со сите редовни активности.
Стабилноста и сигурноста на Стопанска банка а.д. Битола е на највисоко ниво, а депозитите на правните лица и населението се сигурни и постојано растат.
Банката има исклучително силна капитална и ликвидносна позиција, што претставува сидро на стабилноста за понатамошните активности“, се вели во соопштението испратено од Стопанска банка Битола.
Натаму, како што додаваат, стапката на адекватност на капиталот на банката, којашто е мерка за солвентноста на банката, тековно изнесува 26,1 отсто (на крајот од вториот квартал на 2024 година беше 24,57 отсто). За споредба, стапката на адекватност на капиталот на крајот на вториот квартал на годината на ниво на банкарски систем изнесуваше 19,04 отсто, а кај групата на мали банки изнесуваше 20,82 отсто.
„Ова е доказ дека банката има висок износ на капитал и резерви, усогласени и натфрлени од капиталните барања на Народната банка и од оние на ниво на банкарски систем. Воедно, ликвидноста на банка, којашто е мерка за редовното сервисирање на обврските, е висока. Учеството на високо ликвидна актива во вкупната актива тековно изнесува 40 отсто, што е двојно повисоко од нивото на банкарскиот систем од 21 отсто (со Кв.1 2024 година). Редовната исплата на сите обврски се одвива непречено. Населението продолжува да штеди и да ги орочува своите заштеди во банката, а кредитирањето кое се одвиваше со намалено темпо, ќе се засили во наредниот период.
Сите финансиските показатели на Стопанска банка а.д. Битола укажуваат на сигурност и стабилност во работењето, а заклучно со 30.6.2024 година Банката оствари позитивен финансиски резултат од 51,01 милион денари што е значајно подобрување во однос на 30.6.2023 година кога Банката оствари загуба од 53,69 милиони денари. Воедно со 30.6.2024 година е остварен позитивен оперативен резултат од 75,92 милиони денари што покажува позитивно оперативно работење на Банката.
Подетални информации за финансиските перформанси на Банката со последен квартал 30.6.2024 година се објавени на СЕИ-Нет на Македонска берза АД Скопје на следниот линк SEI Net V2. Во оваа прилика сакаме да се заблагодариме на нашите клиенти за досегашната укажана доверба и соработка која продолжуваме да ја негуваме. Стопанска банка АД Битола продолжува да биде банка на сите Вас! Традицијата продолжува“, се вели во соопштението кое до јавноста го испрати Стопанска банка Битола.