18 Април, 2024
0.0250

Принципот „континуитет“ и како напред?

Објавено во: Колумни 24 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber


Неделава што изминува, ќе се согласите со мене, ја одбележаа повеќе важни настани, кои ќе бидат протолкувани како - записи за едно време. Несомнено, настан број еден, меѓу другите, беше учеството на македонската фудбалска репрезентација на „Еуро 2020“. Тука, во оваа насока, сакам да дадам едно мое видување од аспект на промоција на државата, а во функција на економијата, со учеството на нашата репрезентација на еден важен и престижен мундијал како што е „Еуро 2020“. Иако, добро сум упатен во фудбалската игра, сепак ќе се вoздржам од стручни – спортски коментари во тој правец. Имено, поената ми е дека, сега, кога веќе искуството е стекнато, притисокот намален и тремата е маргинална, е сега треба највеќе се работи на новата цел - пласман на „World Cup 2022“. Но, за таа цел треба да преовлада алтруизамот, синергијата и силната верба. Она, што сега го гледаме се неколкуте оставки, повлекувањата и сл. Сега, вообичаено е после големото празнење на енергетското поле на нацијата, местото на пиедесталот да го зазема - егото. Останува да видиме дали имаме духовна пред сѐ, а потоа и физичка сила, за да се следи континуитетот. Затоа што, тајната на успешните нации, еве и во спортот е така, претставува воведување на принципот на „континуитет“. Горан Пандев, нема сомнежи дека е „македонскиот Марадона“ или ако милувате со други зборови, тој е еден од нашите најголеми извозници на брендот „МКД“. Ако е така, а така е, местото не треба да му е во Италија. Тој, треба да биде водич, лидер, сеедно на која позиција (читај: директор, тренер, претседател) но, мора да биде тука, до сега веќе бившите соиграчи. Практично, јас пратам фудбал од моја најрана возраст, како и сите деца во тоа време. Има држави кои сум ги запомнил само преку нивните учества на големите мундијали до ден денес, и по ништо друго. Замислете, каква „ПР алатка“ за македонската економија ќе биде учеството на фудбалската репрезентација на „World Cup 2022“. Да, во целост сум согласен дека историјата го памети оние првите - пионерите, оние кои го пробиле патот на успехот, во сите области. Но, успешните нации се борат за континуитет. За таа цел, потребни се 4-ри работи: пари, работа, работа и работа. Денес, ако го земам како пример фудбалот, ние таков капитал стекнавме, и не треба да го оставаме само на историјата. Практично, на нас Македонците ни недостига принципот на „континуитет“

Оваа недела што изминува, ако направам една паралела со другите актуелни случувања, а се однесуваат на нашата интеграција во ЕУ, би рекол, принципот на континуитет е потребен и на тоа поле. Сега е потребен највеќе. Можеби, од наша страна, треба да се промени само стратегијата за понатамошната борба во таа насока, но откажување не смее да има. Имено, се сеќавам, на крајот на минатата година (чинам беше 27 ноември, 2020 г.) бев поканет во Софија, на една од најгледаните национални телевизии во Бугарија (НОВА ТВ). Тоа, се карактеризираше како период, во кој, исклучително тешко беше да се говори јавно во иста емисија едно по друго, во недела попладне, со тогашниот министер за одбрана во бугарската Влада. Тамошните очекувања на јавноста, беа вакви: „едно момче од Скопје, треба да зборува за економската соработка помеѓу двете земји, и сега е моментот, кој треба да се забележи дека ќе не нападне и навредува, и тоа, среде Софија...“ Тие, така предвидуваа. Но, беше сосема спротивно. Би рекол, единствената мотивација и личен порив за да го прифатам гостувањето, беше само, и само, промоцијата на македонската филозофија на мирољубивост, почит и позитивизам кон сите, дури и кога знаеш дека не е така. Имено, во таа прилика, тогаш кажав, но еве и сега ќе напишам дека до ден денес, не ми е јасна таквата нивна политика на негативизам кон нас, а од денес, таа политика станува политика на негативизам и кон сите преостанати земји членки на ЕУ, кои силно не поддржуваат. Едноставно, не можам да разберам, како може, во последните 5 - 6 години, една макотрпна градена стратегија на Бугарите, во која и самиот јас еден период сум верувал, а таа е да се влијае силно кон земјите од Западен Балкан при нивната европеизација, практично, да се уништи, со за мене, не јасни билатерални проблеми кои не постојат. Практично, тоа го разбирам вака: се инаетите за сѐ и сешто, само затоа што сакате да наштетите на соседот, а со самото тоа, Вие не сте свесни дека правите штета и неред, не само на соседот, туку и на целото маало (читај: целиот регион на Западен Балкан), а највеќе на угледот на сите земји членки на ЕУ (вклучително и самата себе, Бугарија несвесно си наштетува, и тоа многу).   

Во вакви околности, сум на мисла дека ние треба да си го продолжиме патот на позитивизам согласно принципите на континуитет, иако, сите знаеме дека нема основ за тоа, и постојат „1000 причини за крај“. Овој пат, иако ќе звучи лудо, сметам дека времето работи за нас. Билатерализамот, ако може така да го наречам, нема да може повеќе да биде пречка кон европеизацијата или колективитетот. Еве примери за тоа: Франција и Германија - некогашни лути противници, а денешни силни сојузници и столбови на ЕУ. Истите, решавале билатерални проблеми повеќе од 50 години. Поточно, се уште решаваат, но тоа никако не им по-сметало на членувањето во сојузот наречен ЕУ. Исто така, Словенија и Хрватска, можат да бидат добар пример, во контекст на ова. Ние, во оваа приказна сме „Good Boy“, а за таквите, во филмовите „Uncle Sam“секогаш дава поддршка (читај: награда).

Во поглед на оваа тема, на крајот би обележал дека нашите власти направија се што можеа за го надминат. Може да ги критикуваме, и тоа е легитимно во демократијата. Иако, не сум инволвиран во политика, но од аспект на економија, значајно за сите нас во стопанството, во скора иднина ќе биде следново:

(1) да се направи една ревитализација на договорот за стратешко партнерство со САД (се сеќаваме на него, после неславниот момент во Букурешт, 2008-та година);

(2) да се направи, одма и сега, специјален договор за економска соработка и стратешко партнерство со С.Р. Германија (по теркот на тој од САД, но со посебен осврт на економијата); и

(3)заедно со Белград и Тирана, во иднина, да се посветиме многу повеќе на соработката со Француската агенција за развој (АФД). Практично, моите банкарски конекции, таму, уште во 2019 година, ми велеа за силната намера на АФД да влезе со поддршка како дел од активностите на Република Франција за земјите од регионот на Западен Балкан. Поточно, да бидам појасен, претседателот Макрон, имаше план за распределба на буџет од 200 милиони евра, но кризата со пандемијата го одложи тој процес, кој го презентираше на почетокот на март, 2019 година. Имено, се однесуваше на планот за регионалната интеграција за Западен Балкан, каде АФД ќе ја поддржи економската транзиција во повеќе области, меѓу кои и областа на образованието.

P.S. Почитувани читатели, во оваа колумна да се одмориме од тематиките посветени на економија. Знам, се навикнавме на тоа, кога сум на репертоар во „ФАКТОР“. Но, сум на мисла, на нив, да се навратиме веќе од наредниот месец, подолу во летото, со анализи за макроекономијата и состојбите во стопанството. Покрај анализите со бројки, често милувам да пишувам текстови со количество на духовност во него. Сега, повторно почувствував дека тоа беше потребно.  

Колку што реалноста е таква каква што е, толку има некој кој упорно контрира сите овие години и денес го имаме резултатот наречен – НАДЕЖ. За таа цел, а со намера силно да контрираме во таа битка со негативниот слој од општеството, кој за жал е мнозинство, потребна е ВЕРБА.

(Посветено на македонските оптимисти)  

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?