25 Април, 2024
0.0281

Предизборен оган од Британија и САД кон Путин

Објавено во: Колумни 17 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Денес во Русија е изборен молк. Во недела таму ќе се одржат претседателски избори. Тие не предизвикуваат никаква интрига. Се е јасно. Владимир Путин ќе добие уште еден шестгодишен претседателски мандат. Прашање е само колкава ќе биде излезноста. Многу важно за Путин. Едно е да бидеш избран со излезност околу 70 проценти, а сосема друго околу педесетина. Особено за човек кој држи до тоа дека ја претставува волјата на најголем број од избирачите во државата.

Во отсуство на изборна интрига, со евентуални ексцеси на изборни места, а можеби и некакво изразување на незадоволство низ протести за целиот изборен процес, изборите донекаде можат да паднат во сенка на предизборните пораки што и беа  упатени на Русија или попрецизно на Путин од страна на САД и Британија. Како да отворија оган против Русија. Американците воведоа нови санкции за поединци и неколку компании, се разбира, поврзани со наводното мешање на Русија во американските претседателски избори во 2016 година. И, ако американската порака беше очекувана, она што дојде од Велика Британија ги потсети Русите дека всушност Британците се нивните  најголеми историски соперници. Било да се работи за вистинска или студена војна.

Наводното руско учество во труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија во Солзбери, Англија, уште повеќе ги влоши британско-руските односи. Британија како одговор реши да протера 23 руски дипломати, членови на кралското семејство и на владата ќе го бојкотираат светското првенство во фудбал, вети дека ќе ја засили заштитата од непријателски активности на други држави и дека длабоко ќе ги ослаби разузнавачките можности на Русија во Обединетото Кралство. Ова го соопшти премиерката Тереза Меј, која додаде и други мерки против руските интереси во Британија со кои би можел да се нанесе удар на голем број руски олигарси кои што живеат таму. Таа исто така нагласи дека во сето ова има поддршка од САД и од Германија и Франција.

Деталите од наводното руско учество во труењето на Скрипаљ никако да се објават, но важно мерките се донесоа. Сето ова личи на односот на САД кон наводното руско мешање во изборите. И од таму велат дека имаат докази за мешање, но никако да ги објават. Наводно ќе се нанело штета на истрагата. А истрагата еве трае речиси една година. Важно санкции против Русија се воведени. И во Британија трае истрагата. И таму презедоа мерки, ама докази не се соопштуваат.

Деновиве многу се пишуваше и за Скрипаљ и за труењето и за руското учество во него. Но во сето тоа излегуваат во јавноста нови детали. Па така рускиот научник Вил Мирзајанов, еден од учесниците во синтетизирање на отровот наречен „новичок“, кој последниве години живее во САД, вчера во интервју за BBCсоопшти дека освен Русија, можно е и САД да го произведат, а според тоа што Британците го детектирале отровот, тогаш не е исклучено и тие да го имаат. Мирзајанов во 2007 година ја објавил во книга хемиската формула на отровот и покрај сугестиите на американските служби да не го прави тоа. Но тој се решил да го преземе таквиот чекор за добро на човештвото. Па така денес него можат да го произведат неколку држави, кои имаат развиена наука од областа на хемијата. Според Мирзајанов отровот може да го употреби само обучен човек, бидејќи во обратен случај од него може да настрада не само жртвата, туку и тој што користел отровот против неа.  Патем, Американците во 1992 година во Узбекистан учествувале во уништување на хемиско оружје, па можно е и тогаш со себе да „зеле“ малку „новичок“, претпоставува Мирзојанов.  

Се чини дека Русите знаат дека тие не се единствените кои располагале со тоа хемиското оружје. Оттука и нивната енергична реакција и одговор на потезите на Британија. Прашање на часови е соопштувањето на одлуката за протерување на британски дипломати од Русија. Коментарите се полни со потсмев кон Меј и министрите за надворешни работи Борис Џонсон и за одбрана Гевин Вилијамсон. Последниов, коментирајќи ја изјавата на Сергеј Лавров за истоветни мерки кон британски дипломати во Москва, побара од Русите  „да замолчат и да си ги соберат парталите“. А Џонсон дури го обвини Путин дека тој наредил ликвидација на Скрипаљ. Русите ги „навреди“ ултиматумот на Меј за два дена да кажат се што знаат за труењето. И тоа наиде на потсмев во Москва. Како може таа да поставува ултиматуми, не е Русија толку слаба за да може да и се поставуваат ултиматуми. Русите сметаат дека се работи за режиран настан, добро медиумски поткрепен...Затоа тие во недостиг на желба на Британија да соработува со нив околу настанот, повикуваат на соработка во рамките на Организацијата за заштита од хемиско оружје.  

Ако не утре, тогаш од понеделник ќе знаеме како ќе се одвиваат работите на релација Лондон-Москва во иднина. Во сето ова, во целата несреќа со труењето на две лица, како да стои во позадината најава на нова подлабока криза меѓу двете држави. Тереза Меј како да сака да го искористи сето ова за кревање на рејтингот. Да покаже дека Британија се уште има влијание во светската политика. Не помалку и за покривање во јавноста на проблемите кои ги има со Брегзит. Но, дека работите не се такви како што ги претставува таа покажуваат и лабуристите во британскиот парламент. Нивниот Лидер Џереми Корбин ја предупреди Меј да не почнува нова студена војна со Русија се додека не се заврши истрагата и не се соберат сите докази за нејзината вина.  

Дека Меј можеби направила грешка во чекори зборуваат и  потезите на највлијателните европски лидери. Франција и Германија и дадоа поддршка Британија, но не толкава, колку што посакуваше Меј. Барем засега САД немаат намера да воведуваат санкции против Русија за Скрипаљ. Па така останува Британија сама да води „битка“ со Русија. Најверојатно ќе донесе закони со кои ќе удри врз Русите кои живеат и работат во Британија, кои имаа имоти таму, од кои може да се бара потекло на имотите и сл.  Но од друга страна има британски коментари кои велат дека Меј не ги сака Русите, но ги сака нивните пари. Ова е алузија на фактот дека нејзината Конзервативна партија примила од 2010 година наваму донации од руски олигарси во висина од неколку милиони фунти.

Може да се очекува Меј да побара од нејзините партнери уште поголема поддршка и на тој начин да каже дека заминувањето од ЕУ не значи дека Британија сака да биде отуѓена од Европа, туку напротив и натаму да игра една од главните улоги. Ќе игра онолку колку ќе сакаат главните европски партнери. И додека Меј ќе се обидува да ги среди работите онака како што замислила, Владимир Путин од Кремљ ќе и испраќа пораки. Какви ќе бидат, уништувачки или пак со доза на  попустливост, од тоа ќе зависи и какви ќе бидат односите меѓу двете држави во наредниот период. Значи пак се’ ќе зависи од Путин. Од понеделник тој пак ќе биде претседател на Русија, а Тереза Меј?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД