18 Април, 2024
0.0257

Предизборен маркетинг или помош: За најактуелните теми Битиќи vs Лазаров

Објавено во: Колумни 21 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е професор на Економскиот факултет во Штип и дел од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања – во втората нивна колумна за Фактор ги изнесуваат ставовите за третиот сет економски мерки, за еврообрзницата и за идејата за платежната картичка, проект кој го најави Владата.

Дали и како третиот сет економски владини мерки ќе им помогнат на граѓаните и на стопанството?

Лазаров: Третиот пакет на мерки што беше промовиран деновиве од страна на Владата е исклучително проблематичен гледано од повеќе аспекти. Прво, значителен дел од мерките сеуште не се целосно конкретизирани во смисла на нивна институционална спроведливост. Од самото излагање на владините претставници видовме дека допрва дел од мерките ќе се анализираат и ќе се разгледуваат законските, техничките и другите можностите за нивна имплементација. Ова само покажува дека Владата повеќе популистичи без детално осмислување излезе со промоција на овие мерки со цел предизборно да ги подигне очекувањата кај дел од граѓаните. Ако тргнеме од фактот дека на Владата и соодветните институции и требаше повеќе од два месеци да ја имплементираат мерката за субвенционирање на платитесо сите проблеми кои сеуште постојат, тогаш може да претпоставиме колку време ќе биде потребно за спроведување на поголем дел од овие мерки во реалноста. Второ, обезбедувањето на потребните средства за финансирање на овие мерки ќе биде проблематично имајќи во предвид дека е многу веројатно да не се остварат оптимистички проектираните буџетски приходи што де факто ќе создаде потреба за нов ребаланс кон крајот на летото и нови кратења на расходите. Трето, мерките за поддршка на стопанството нема да обезбедат голема додадена вредност за реалната економија и наративот кој се користи во промоцијата на самите мерки е само една празна реторика за манипулација во јавноста. Имено, во услови кога во изминатите три години имаме сериозен пад на продуктивноста и намалување на извозната конкурентност на земјата што е неоспорна потврда за лошите економски политики на оваа Влада, апсурдно е да се ветува на неколку месеци пред избори градење на развојна и конкурентна економија. Четврто, мерките не предвидуваат поддршка за вработените во оние сектори кои ќе бидат на удар од кризата во месеците кои доаѓаат, особено извозните компании кои се соочуваат со огромни проблеми.

Битиќи: Со овој трет сет економски мерки треба да се помогне секому кому е потребна помош, да се овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството.

Она што цело време го напоменувам и мислам дека е важно, е да не забораваме да ја гледаме големата слика и целовитоста на сите три пакети економски мерки кои ги донесовме како одговор на здравствено – економската криза предизвикана од КОВИД – 19. Сите три сета се ориентирани кон повисоки цели: справување со здравствениот предизвик; зачувување на работните места, поттикнување на приватната потрошувачка; поттикнување на јавната потрошувачка како и поддршка на стопанството (особено да се задржи нивната ликвидност и раст)

Првите два сета на мерки требаше да го амортизираат првиот удар на кризата и тоа и го направија, со овој трет сет се стремиме да ја претвориме оваа криза во нова можност – за структурни и системски промени и раст. За модернизирање на македонската економија и зголемување на нашата конкурентност. Да се стимулира динамичен раст и заедно да создадеме нова развојна македонска економија.

Со овој, трет пакет, опфаќаме 730.000 корисници, меѓу кои, невработени лица, социјално ранливите, млади, граѓани со ниски примања и медицинските лица кои беа најизложени во овој период. Низ принципите на солидарност и праведност, внимавме никој да не е изоставен, сакаме граѓаните да знаат дека оваа Влада предводена од социјалдемократскиот сојуз е нивен партнер  и дека од оваа криза  заедно ќе излеземе.

На граѓаните ќе им помогнеме со директна финансиска поддршка преку платежните картички и ваучерите, за да им симнеме дел од финансискиот товар во овој период. Средствата потрошени со овие два продукта ќе се слеат повторно во домашното стопанство со тоа што ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги, што ќе даде финансиска инекција за рестарт на македонските дејности. Дополнително ќе ги стимулираме компаниите со брза финансика помош за ликвидност но и нивна модернизација, воведување на нови дигитални услуги, влог во човечкиот капитал и отворање на нови работни места, како и зачувување на старите. Ефектите од мерките се повеќедимензионални и од нив сите ќе имаме бенефит. 

Дали земјава ќе успее да обезбеди 800 милиони евра преку еврообврзницата и дали тие средства ќе треба како држава да ги платиме прескапо, односно со многу висока каматна стапка?

Лазаров: Менаџирањето со буџетскиот дефицит и јавниот долг во периодот кој следи ќе биде исклучително тешко. Согласно ребаланост на буџетот оваа година ќе имаме историски највисок буџетски дефицит од 6,8 проценти, што значи дека државата за да ги реализира планираните расходи треба да се задолжи за цели 750 милиони евра. Само во првите четири месеци од годината заклучно со месец април буџетскиот дефицит достигна 200 милиони евра што е потврда за лошото менаџирање со народните пари. Сето ова значително ќе го зголеми јавниот долг на државата до едно критично ниво што автоматски ќе го ограничи фискалниот простор за реализирање на многу капитални проекти во иднина кои треба да го подобрат квалитетот на живот на македонските граѓани.

И покрај тоа што до сега имавме прилично поволни околности во обезбедувања на каква таква буџетска ликвидност што беше резултат на брзата реакција на ММФ за обезбедување на поволно задолжување од 176,5 милиони евра и можноста за прибирање на средства од домашните банки со мерката на Народната Банка за ослободување на дел од благајничките записи, сеуште не очекува голема неизвесност дали ќе ги обезбедиме потребните средства за финансирање на предвидениот буџетски дефицит за 2020 година.

Она што е неповолно е неискористената можност за прибирање на 400 милиони евра преку т.н. “bridge to bond” инструментили обезбедување на средства пред издавање на еврообврзницата. Со тоа практично се поставува и прашањето дали ќе има доволно заинтересирани кредитори за еврообврзинацата која Министерството за финансии ќе се обиде наскоро да ја емитира. Ова уште повеќе што условите на меѓународните пазари на капитал се влошуваат како што одминува времето затоа што многу држави и компании имаат потреба од ликвидни средства, што практично ја ограничува можности да успееме во прибирање на очекуваните 800 милиони евра со поволни кредитни услови.

Битиќи: Она што ние го правиме е тоа што го прави секоја одговорна Влада, а тоа е, превземаме чекори и акции кои нема да не доведат до ситуација која негативно ќе влијае на издавање на еврообврзицата. Имајќи предвид дека двете најугледни кредитни агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ во своите најнови прогнози уште еднаш го потврдија кредитниот рејтинг на државата, со одличен резултат ако се земе предвид дека сме во време на светска криза, само потврдува дека се што досега оваа Влада презеде за справување со кризата е оценето како позитивно од меѓународните институции.

Дополнително, оценката која ја добивме од годинашниот економско – финансиски дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан е дека годинава имаме најдобра реализација на препораките на Европската комисија за Програмата за економски реформи од земјите од Западен Балкан. Тоа значи дека, брзо и одлучно се соочуваме со економските последици од кризата - и покрај ограничениот фискален простор, истовремено преземаме активности за справување со системски проблеми како сивата економија и финансискиот систем е стабилен и имаме одлични оценки за реформските процеси кои се преземаат.

Еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Северна Македонија но притоа не треба да се заборави дека овој износ е наменет за сервисирање на стари побарувања во име на кредити, и денеска во време на криза не е клучен предмет на дискусија цената на добивање на Еврообврзницата, туку неговата намена. Во нашиот случај тие се наменети за директна поддршка на приватната потрошувачка како и стопанството, токму таму каде што директно ќе имаме придонес кон амортизирање на падот на БДП, а да не заборавиме дека дел од тоа ќе покрие долг, од минатото, со далеку повисоки каматни стапки.

Каква суштина ќе има проектот платежна картичка за граѓаните, дали тоа не е предизборна корупција?

Лазаров: Имајќи го во предвид временскиот момент за најавата на една таква мерка која таргетира социјално ранливи категории на граѓани, невработени лица и студенти, легитимно се поставува прашањето за намерата која се сака да се постигнат со самата мерка. Но, она што исто така е дискутабилно се однесува на начинот како ќе се спроведат овие мерки со издавање на платежни картички и воспоставување на целосен систем за плаќање. Ова ќе биде исклучително тешко, скапо и технички неизводливо во наредните неколку месеци што потврдува дека е повеќе предизборно ветување отколку конкретна и реална мерка за помош на граѓаните.

Дополнително, овде се поставува и прашањето за ефикасноста на овие мерки. Ако ги прашате невработените, тие ќе ви кажат дека најдобра мерка за нив е да се вработат и редовно да остваруваат доход, а не да добијат некаква еднократна помош која нема да ги реши нивните проблеми. Ако ги прашате студентите, тие ќе ви кажат дека за нив поважно е да имаат квалитетен образовен систем, квалитетни услови за студирање и живеење, поголеми можности за вработувања, а не некаква социјална мерка. Ако ги прашате другите граѓани и приватниот сектор кои учествуваат во полнењето на буџетот, тие ќе ви кажат дека сакаат подобри услови за живот и подобри услови за водење на бизнис. Сето ова води кон заклучокот дека на македонската економија им се потребни системски решенија за суштинските проблеми на граѓаните, а не еднократни популистички мерки. За жал, наместо да ги зголеми инвестициите во капитални проекти, Владата се обидува преку популистички краткторочни мерки кои немаат никаков ефект за економијата и граѓаните на среден и долг рок да креира една лажна предизборна слика.

Битиќи: Би сакал веднаш да кажам дека третиот сет на мерки не може никако да се поврзе со изборите и предизборниот период. Негативните ефекти од оваа здравствено – економска криза не можевме да ги предвидиме, но сега ги согледуваме и соодветно на нив одговараме. Мерките кои ги носиме се исклучиво одговор на кризата и она што се појавува како потреба на граѓаните и стопанството на која ние имаме должност и одговорност да одговориме соодветно и навремено. За нас, граѓаните и сите што се погодени од кризата са најбитни, за жал тоа може да се поклопи со предизборен период, но да не заборавиме дека транспарентна и отчетна влада се грижи за законовиста на постапките .

Се работи за директна финансиска поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, но и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа. Преку издавање на Платежни картички на граѓаните, ќе се поттикне поголема потрошувачка а со тоа и развој на домашните економски дејности. Убедени сме дека преку реализација на овој пакет мерки ќе одржиме вистинска лекција за брза, ефикасна и пред се суштинска трансформација на нашата економија. 

Првата колумна овде

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?