19 Април, 2024
0.0361

Празна сцена со инсталацијата на Велковски, Нешовски и Ристовски - Уметност во време на пандемија

Објавено во: Интервјуа 20 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Пандемијата со КОВИД-19 ги испразни галериите, салоните за изложби и културните простори. За жал и самите уметници и културни работници се соочуваат со тежок период како во можноста за творење така и за претставување пред публиката. Сепак и во вакви услови се одржа одлична инсталација на струшкото крајбрежје во една запуштена куќа со штала помеѓу Калишта и хотелот Изгрев. Уметниците Филип Велковски и Горан Ристовски истакнуваат дека сега се исто погодени како и пред пандемијата бидејќи културата не се развива според стратегија туку премногу влијае политиката, а самите уметници се игнорирани и запоставени. Инсталацијата е дело на Филип Велковски, Горан Ристовски и Доротеј Нешовски.

Фактор: Која беше вашата инспирација за оваа уметничка инсталација, може да ни објасните кое е нејзиното значење и зошто токму оваа локација ја одбравте?

Филип Велковски: Инспирацијата да направиме инсталација во овој простор потекнува од тоа што во Македонија има многу руинирани и неискористени простори. Конкретно оваа локација може да биде совршен галериски простор, но за жал оставена е да скапува со времето. Затоа решивме да и дадеме малку живот со тоа што ќе поставиме инсталација, со што ќе го покажеме потенцијалот. Празните столови кои висат над стог сено и куп од скршени керамиди ја претставуваат празната сцена која преовладува сега во Македонија како последица на пандемијата. Културата буквално страда од недостиг на простори, публика и на медиуми кои известуваат за вакви настани.

Горан Ристовски: Ова е продолжување на еден проект од минатата година со кој беа таргетирани вакви руинирани и неискористени простори, и се симбол за некоја општа слика во Македонија. Потенцијалот кој овие објекти го имаат е да се искористат за културни збиднувања. Овој  објект го одбравме бидејќи неколку години наназад го следиме и ни послужи како инспирација. Настапивме со т.н side specific како концепт за кој нема конкретен превод на македонски јазик, и означува инсталација која се поставува на одредено место или простор и функционира само таму. Потоа се остава на времето да се распадне или некој можеби ќе дојде тука и оваа инсталација ќе ја уништи. Ова е еден вид на реакција или протест за тоа што може да биде. Како културни работници даваме предлог и идеја, наместо тука да настапат моќни локални фактори и да изградат на пример угостителски објект. За жал ова не е прв пат да настапиме со ваков концепт и не наоѓаме на поддршка од локалната или централната власт.

Фактор: Колку вас како уметници ве погоди периодот на карантин и сега на ограничувања. Како влијаеше на вас периодот поминат дома и во изолација, дали ја зголеми креативноста или пак негативно се одрази?

Филип Велковски: Ова трае долго време, веќе шести месец. Беше шок и тогаш не можеш да твориш, бидејќи си исплашен и опседнат со целата ситуација. Меѓутоа како остануваш дома сам со себеси и своите идеи подолго време наоѓаш начин како да се изразиш во такви услови. Така што за мене лично на почетокот беше многу тешко да направам било што, речиси беше невозможно да бидам креативен. Меѓутоа во тек на овие шест месеци полека наоѓав начин како да ја преведувам мојата уметност во работи кои можам да ги направам и од дома. Од финансиска гледна точка нема некоја разлика бидејќи креативните работници се исто погодени како и претходно. Постоеја неколку мерки за поддршка, но според мене целиот процес беше недоволно транспарентен. Не се обрна доволно внимание да се зачува културата бидејќи таа најверојатно и не е приоритет за време на здравствена и економска криза.

Горан Ристовски: Дефинитивно сме на некој начин блокирани и во мисловна и во онаа практична фаза. Се двоумевме и дали овој настан да го направиме отворен за посетители. На крајот одлучивме да има публика бидејќи условите за физичка дистанца тука се исполнети со сите заштитни мерки.

Фактор: Како уметници што имате да препорачате за подигнување на македонската култура која со промена на секој министер целосно ги менува приоритетите и програмите, потребна ли е конкретна стратегија која ќе влијае и на поголема едукација кај публиката и во медиумите?

Филип Велковски: Министерството за култура секогаш претставува поле на политички пазар меѓу партиите. Воопшто нема стратегија во кој правец се движи културата и искрено сега не гледам дека може да дојде со било какво подобрување. Треба да се промени целиот систем, да дојдат нови и млади луѓе и да се прашаат културните работници што навистина им е потребно и да се вметнат во системот на планирање на стратегијата на културата. Недостасува и соодветна медиумска застапеност, како и поголема едукација за културата.

Горан Ристовски: Треба да се случи некој пресврт, некој нов модел на културни вредности кои сега се запоставени. Културата е оставена во заден план, и ако се вреднува нешто тоа е само онаа култура која е наменета за поширока маса. Ова што ние сега го презентираме е наменето за потесна публика која подолго и подетално ги следи ваквите настани. Дефинитивно потребни се промени, но тоа ќе биде долга фаза. Систематски треба да се подобрат условите и да се вклучат самите уметници, а не некој политичар кој нема допир со културата.

Х.С. 

Фото Наташа Гелева

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“