Повторно не дојдоа адвокатите на Катица Јанева на судење, им се дава уште една шанса
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2020
Адвокатите на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева повторно не дојдоа на денешното рочиште за случајот „Рекет“. Одбраната на обвинетата, исто како и претходниот пар, пријави дека ќе отсуствува поради болест.
Катица Јанева се појави во судница, но адвокатите Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев го информирале судот дека болеста ги спречила да присуствуваат.
Доколку и во понеделник не се појават, Јанева ќе добие адвокати по службена должност, одлучи судот, откако поради иста причина претходно беше одложено понеделничкото рочиште за денес.
„Јас имам свои адвокати, толку ќе кажам“, додаде Јанева.
На рочиштето што следува треба да сведочи поранешната специјална обвинителка Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“, од кој произлезе предметот „Рекет“.
Стефанова, исто како и минатиот пат, беше присутна во судот.