Повеќе од 10.000 Албанци се сместени во хотели и шатори
Објавено во: Балкан 04 Декември, 2019
По земјотресот во Албанија, 4.000 луѓе се сместени во хотели, а 6.500 во шатори.
Албанскиот министер за земјоделство и кординатор за менаџирање со кризи, Бледи Чучи, рече дека во Тирана се оштетени 525 куќи и 3.100 станови.
„Што се однесува за сместувањето на луѓето погодени од земјотресот, 4.000 лица се сместени во хотели, 2.054 во сали, додека 26 се во болници. 6.500 луѓе се под шатори додека 390 во социјални станови. Големи оштетувања има кај 36 училишни објекти, од нив четири во Тирана. 12 сопственици во Драч, изразија готовност сами да ги покријат штетите од земјотресот“, рече Чучи.
Тој посочи дека продолжува да пристигнува помош од Турција, Косово, Црна Гора, Македонија, Хрватска и други земји и дека секојдневно пристигнуваат експертски групи кои се приклучуваат кон оние кои се на терен за проценка на штетите.
Шест послаби земјотреси денеска имало во Албанија. Најсилниот меѓу нив бил од 3 степени, со епицентар на 13 км од Тирана.Минатата недела имаше разорен земјотрес во земјата, и тој однесе над 50 жртви.