28 Март, 2024
0.0268

Пошта како Мека за нови вработувања, ќе прими 80 луѓе - директорот тврди - биле неопходни

Објавено во: Економија 07 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Граѓаните уште не се задоволни од нивните услуги, но Македонски пошти набргу ќе добијат 80 нови вработени. Генералниот директор на ова друштво распишал оглас за дури 80 нови вработувања, и тоа на неопределено време. 
Меѓу позначајните позиции за кои се распишани нови огласи се следниве. Се бараат двајца луѓе да бидат преведувачи на странски јазици во Дирекцијата на пошта, кои треба да имаат Филолошки факултет и познавање на еден странски јазик, кои ќе земаат плата од 22.465 денари, како и еден соработник за кадри кој ќе зема над 23 илјади денари. Иста плата ќе има и соработникот за финансиско работење, како и соработникот за комуникација. 
За скопската подружница се бараат седум извршители, кои месечно ќе бидат платени со по околу 17 илјади денари, а за истата плата се бараат и четворица делители во Одделението за подготовка. 
Нови работни места ќе има и за двајца манипуланти за големите корисници, кои ќе добиваат по 16.500 денари месечна плата, како и пет насочувачи, што ќе ја имаат истата плата. 
Се бараат и голем број шалтерски работници во регионалните подружници на Поштата, кои ќе земаат по околу 17 илјади денари плата. 
Директорот на Македонски Пошти, Ејуп Рустеми, за Фактор вели дека овие вработувања биле неопходни, бидејќи од 2016 година, кога во Поштата се вработиле 144 лица, се досега, односно во 2017 и 2018 година, немало нови вработувања во ова значајно претпријатие. Од друга страна, пак, вели тој, од 2016 година па се досега, поштата по разни основи, како што се заминување во пензија или други основи, ја напуштиле дури 210 луѓе. 

Во Македонски пошти во моментов има дури 2.134 вработени. На прашањето на Фактор дали овие вработени не се доволни да одговорат на задачите на претпријатието, Рустеми вели дека најголемиот дел од новите вработувања се потребни за технолошкиот процес, а само петорица од новите вработени ќе работат заради исполнување на условот за примена на Албанскиот јазик.
„Најголемиот дел во подружниците што ќе ги вработиме ќе бидат ангажирани на технолошкиот процес, а само петорица ни се потребни заради имплементација на Албанскиот јазик во нашата институција. Навистина имаме потреба за сите нови вработувања, сите тие беа предвидени и во финансискиот план на компанијата, а за сите нив имаме согласност и од Министерството за Финансии“, вели Рустеми.
Тој вели дека Пошта има 700 шалтери, и им требаат бројни шалтерски работници нив да ги опслужуваат.
А граѓаните се уште не се задоволни од ефикасноста на услугите на Македонски пошти. Рустеми, кој повторно стана директор на Македонски пошти во септември лани, што значи дека на челното место во компанијата е една година, се согласува дека услугите треба да се подобрат.
„Ги разбирам сите поплаки. Јас една година сум на оваа позиција и знам и свесен сум за пропустите. Но, секој ден се ангажираме за подобрување и на доставата и на услугите“, вели Рустеми.
Македонски пошти 2017 година ја заврши со загуба од 184 милиони денари, а наредната, 2018, исто така беше во зоната на негатива, со минус од 168 милиони денари. Рустеми вели дека сега финансиската ситуација се подобрува, односно во првите 6 месеци од годинава, иако повторно има загуба, таа е 30 милиони денари, што во однос на загуба од 100 милиони денари во првото полугодие од ланската година, значи намалување за 70 милиони денари. Рустеми уверува дека компанијата оди кон подобро, а тој ќе се залага оваа година барем да се заврши со позитивна нула, па за следната година да се оди на позитивен финансиски резултат.

А Фактор веќе пишуваше дека, според одредени извештаи, Македонски пошти како давател на универзална услуга во поштенскиот пазар во Македонија, годишно губи по 100 вработени, иако не е децидно наведено за каков кадар станува збор.

Македонски пошти имаше ценовен монопол за пратките до 50 грама до истекувањето на минатата година, но либерализацијата беше одложена за уште една година, што значи дека ќе стартува од идната година. Државниот оператор има доминантна позиција од 94 отсто опфат на пазарот на поштенски услуги.

Стопанскиот сектор, Европската комисија како и Светска банка смета дека веќе е време да почне либерализацијата на поштенските услуги, која наместо на почетокот на годинава, се одложи четврта година по ред, овој пат од 1 јануари 2020. Се очекува дека таа ќе ја раздвижи конкуренцијата и ќе донесе значителни поволности за корисниците.

Забелешките на Европската комисија во делот на поштенската индустрија се барање целосна либерализација на поштенскиот пазар во државата и продолжување на јакнење на административните капацитети на регулаторното тело. 

Пратките за кореспонденција (писма) опаѓаат кај универзалниот снабдувач постојано и од 44,3 милиони во 2014 спаднале на 33,3 милиони во 2018. Позагрижувачки е падот на услугата со пакети од 20 отсто. До 2018 Македонска пошта имаше стабилни 110,5 илјади пакети за една година за подоцна тој да биде само 88,5 илјади.

И од Агенцијата за пошти во својот извештај за 2019 го изнесуваат своето загрижување дека се намалува бројот на поштари во Македонија со што се влијае уште понегативно на поштенската услуга.

Секоја година во овој сектор на услуги влегуваат нови мали оператори, а лани имало дури шест старт-апи. Вкупниот број е 34 даватели на поштенски услуги, од кои 15 на цела територија, а 7 и за меѓународен сообраќај. Во приватниот поштенски сектор имало вкупно 830 работници

Во моментов има пад од 7 отсто во обемот на пратките кај Македонски пошти, додека приватните оператори бележат раст од 70 отсто.

( Н.Н.Ф.)

Можеби ќе ве интересира

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат