19 Април, 2024
0.0278

Полувековно другарство

Објавено во: Колумни 11 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Средбата и разговорот со Илија Темелковски-Икиќ (ракометна икона на „Пролет“ и тренер и селектор на повеќе македонски репрезентации) длабоко ги заора сеќавањата и ги извади на мегдан спомените од пред многу, многу години.....Седиме во „Форца“, култниот скопски спортско-угостителски простор, тој чека некој ракометар, кој тука доаѓа на тренинг, а јас чекам да помине малку време за да бркам некаква закажана активност.

Од збор на збор дојдовме и до Пролеќе, детството и младоста во овој познат скопски локалитет, „Бундес“ екипата во мал фудбал, играњето бељот, глад, бриџ и ситен покер во жбуновите во богатото зеленило меѓу зградите изградени во годините веднаш по Втората војна, до Борко и Тана и до кого уште не. Сите ги знам зошто тука доаѓав секојдневно, со години. Од тука се повеќето мои другари со кои не сум го сменил односот (искрен и пожртвуван).

Ме прашува за Шилка кого не го видел скоро 20 години, што е со него и како е......(од Миле станува Шиле, а нагалено Шилка).Тој, Шлае(Славе), Рус(Руско), Јане, Рашо, Мотка се само еден мал дел од екипата голема колку кинескиот централен комитет со кои поминавме, а со некои се уште поминуваме убави другарски мигови. За нашите поими другарството е посебен –врвен израз за однос меѓу луѓето, друго е познанство, а друго пријателство и се надеваме, искрено, дека така ќе остане.

Јас Бимбо (послабото слонче на Јумбо) со Шилка и Шлае (на обајцата сум им венчален кум,а на првиот, ај што му ги крстев прекрасните ќерки туку и него сум го крстел во Соборен- волкав сомустрак некрстен на времето,од оправдани политички причини) без никаков повод пред две години на истекот на есента одиме на дружба и опуштање во Орешани, каде што семејството на Шлае има викендичка. Дури сега кога ќе израчунам тоа така дошло или сакало да биде на 50-годичнината на моето другарување со нив (а тие се заедно уште десетина години повеќе). За првпат се возиме со двоспратните кинези, на спратот(мојот габарит едвај се стокми на седиштето димензионирано за покрупен косоок патник) се зезаме до бесвес, а таму седиме на балкон иако е веќе ноември, пиеме по ракија-две, мезиме пипер и патлиџан со кромид од бавчата, се враќаме назад и не дрндаме за политика.....Шлае понел колбаси и малку вино, а потоа пред да си одиме се упативме кон Таор, кон гробиштата каде што се погребани неговите родители Донка и Ванчо(по нивна желба).

Запаливме по една свеќа и дури потоа подготвувајќи се полека за враќање станувам свесен дека сме на локалитетот Градиште од каде што потекнува Јустинијан. Мирно е и некако посебно, впрочем како и на секои гробишта, плус ископини од пред илјадници години,а  дури на крајот забележувам дека пука прекрасна гледка под нас-Вардар ита кон Таорската клисура, дел од патот што води кон Катланово, а таму подалеку аеродромот-чиниш е Орли баш тогаш сакаше да  слетаат неколку авиони-секвенца за туристичко клипче......

Се што е убаво кратко трае,дури и спонтаната прослава на половина век искрено и непоматено другарство....

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок