18 Април, 2024
0.0316

Полупансион на руска

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

„Појди-дојди Тетово,ми помина летово“-беше некаква си  изрека во која се спомнуваше градот под Шара само поради римата-и ништо повеќе.И ова лето влегува во втората половина со дождови и грмотевици и по малку наметнат страв од секакви последици со кои не бомбардираат медиумите прикажувајќи дождовни призори буквално од секое катче на светот.Но,неодамна еден весник на неколку страници објави и „напатствие“ како да се мине летото во Скопје,со задолжителни фотки на убава хостеса од некое модно студио за да ни ги направи убавините во лето на градот од обете страни на Вардар уште попривлечни.

Дали скопјани во далечните шеесетти беа неинвентивни или во што беше проблемот се уште не ми е јасно,но тие,се разбира во поголемиот процент, цело лето поминуваа на плажа-и само на плажа.Ритуалот секој ден беше истиот-дома „фрли нешто у кљун“-што и да е,демек појадувај,смотај параман леб,сирење и патлиџан,задолжително скопски јабучар и во орда цело маало на Вардар.Омилена плажа ни беше „руска плажа“,каде што реката беше мошне дива,со вирови и со брзаци.За да не губиме време во бесцелно сончање чекајќи да се потстопли и да дојде време за бањање игравме –„грми сева прашина се крева,пагерој....“ си додававме камења на песокот го пеевме рефренот и лупавме со белутраците извадени од реката,а понекогаш се промашуваше и се  удираше по нечии прсти.Рипавме „трупечки“,од место,од зададена црта,кој ќе рипне подалеку.Картаџиите играа „глад“неретко„у нешто“ за да биде играта поинтересна.

Влагањето у вода беше придружено со громогласни извици(Тарзан можеше вода да ни носи,сосе Џејн).Тешко тебе ако не си научил да пливаш,те фрлаат во вода и сакаш-нејќеш мавтајќи со раце и нозе ќе се одржуваш за да не потонеш, откако малку и ќе се поднапиеш од вардарската вода,чиста и бисерна со посебен мирис во август.Стил на пливање еден,некои го викаа „кучешки“,со карактеристично замавнување.Водна лудорија-“олди“:тој што брка„гњури“ и се труди под вода да дофати некого од играчите,за потоа фатениот да го продолжи низот и така до некое време...Тие што имаа „гума“,по можност тракторска или камионска“ внатрешна“ во пар се пуштаа низводно се до Камени,а потоа со тркалање на реквизитот се враќаа назад за да се пуштат уште еднаш и уште еднаш....

Често заборававме на оброкот донесен од дома,но стомакот не забораваше,не потсетуваше.Ритуално е јадењето леб, патлиџан и сиренце-се држат во една рака-гризни од лебот голем залак,потоа откини од зрелиот рајски плод со арома што не се заборава и штрбни од малото парченце деликатес.Среќен си ако некој не ти довикне-„чепрлок“,сакаш нејќеш ќе му дадеш еден гриз.Престојот на плажа трае до зајдисонце,чиниш ѕвездата паѓа во реката во прекрасна румена боја што не може да се опише со зборови.Се спремаме за одење-на мокри „купаќи“се облакаат кусите панталони и потоа низ една од ногавиците се вадат надвор на сушење.Додека дојдеш у маало ги мавташ растегнати на врбово стапче.Овој моден тренд имаше име-си носиш панталонки „на бандажи“-демек на голо.

Продолжуваат дружбата и играта се до доцните часови со разни атрактивни забави од типот,„жмурки,брканица-пипни стој и се знае фудбал на мали голчиња или викторија,ако нема доволно деца“.Спиеш како јагне  и утре повторно истиот ритуал,се до сабота и недела кога на плажа се оди со мајка ,татко и брат,но и сестра,како кој,а за јадење нешто побогато мени-пржен пипер и патлиџан и ќуфте на број,по едно или две на чивек,зависи.Тоа беше само еден од туристичките аранжамани наречени –„полупансион на Руска“.А имаше и „ала кривина,на базен на авијатика за двајца со пропусница од војно лице со повисок чин,разладување на Матка за четири особи-се плаќа само карта за вовчето.....не ни тербаше некој во весник да ни кажува како и кога, си знаевме да го утрепаме летото организирано.


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок