19 Април, 2024
0.0246

Политичкиот предизборен циркус, одамна е започнат

Објавено во: Колумни 27 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Контурите за  идната „ конечна пресметка “, закажана за дванаесетти април наредната година, помеѓу нашите политички елити, веќе се исцртани. Освен вообичаените триесетгодишни обвинувања кој повеќе краде, кој повеќе корумпира и си дели тендери на своите роднини, кумови, пријатели,  и кој повеќе на криминален начин стекнал богатство, левицата и десницата по едно ќе се разликуваат  дијаметрално спротивно, односно по прашањето на „ големите национални прашања“, тие ќе настапуваат со различни стојалишта. Преспанскиот договор и промената на уставното име за влез во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ, од страна на владејачката левица и нејзините коалициски партнери ќе биде претставувано како „ нужно зло“, т.е   нема ниту  да се нарече така, со тие зборови, туку како нешто кое после тридецениски застој во евроатланските интеграции, конечно ги откочил овие процеси, и ги отворил „ портите на рајот“. Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, исто така ќе биде претставен за успешна политика која ќе треба да ги подобри значајно  нашите односи со источните соседи, односно преку овој Договор конечно да се напушти политиката на перманентно кавгање, остри изјави со заканувачко- фрустрирачки тон, односно преку македонско-бугарскиот договор, конечно да се поплочи патот на меѓусебната соработка, и тоа најмногу во економско- инфраструктурен аспект, па и од образовно- културолошки, размена на идеи, стока, пари и ред  други работи.

Политичката проституција на ДУИ, пак е на цена!

Дали ова ќе биде „ добитна визитка “ за власта пред граѓаните, особено што и двата Договори беа почувствувани како документи со кои Македонија направи значителни отстапки во однос на јужниот и источниот сосед, особено во сферата на идентитетските прашања, кои се светост за голема популација е прашање кое ќе го одговориме преку изборните резултати. Токму на овој терен, наострената десница ја гледа својата шанса: преку реториката на првиот човек, да ги претстави овие  Договори за капитулантски и штетни, најавувајќи ревизија на истите доколку институционално се отвори таква можност. Дали оваа реторика на првиот човек на опозицијата ќе биде добитен влог во изборите, е исто така прашање, за кое ќе треба да почекаме  за да ги видиме изборните резултати од најавените избори, бидејќи доколку се случи и победа на опозицискита десница , токму оваа реторика, може да биде камен на сопнување, или уште полошо „ камен околу вратот “ , кој политички може да му пресуди на опозицискиот концепт. Лисицата од Мала Речица, освен што седумнаесет години в џеб ги држеше постојните две големи политички елити и нивните политички лидери кои ги истроши и ги прати во пензија, менувајќи ги како „ слободоумна жена своите партнери “, и денеска игра на две столици. Официјално е во коалиција со левицата, но  со  потезите  кои ги влече дава „ пас“ и на десницата, за евентуална постизборна коалиција доколку изборните резултати, тоа и го наложуваат, но има едно големо но: предупредувачки, уште од сега прави „ јамп во најава “ до лидерот на опозицијата дека ако сака изборна владејачка коалиција со ДУИ, мора флагрантно да ги  почитува Охридскиот и Преспанскиот договор, бидејќи тие се во основа „ суштината на битисувањето “ на интегративците, а тие се како што рече Артан Груби клучниот фактор за создавањето на идната владејачка коалиција во Македонија. Од друга страна Преспанскиот договор е „ чедо “ на меѓународната заедница, која во еден унисон синхрон застана зад него, и истата бара истиот да се почитува во иднина, без разлика кој е на власт. Чедото е американче, а кој наштетил на американчиња, тогаш мајката Америка, возвраќа така, како што враќа, многу добро познато за сите нас во овој наш постоен свет и век.

 Многу е просто и едноставно, само треба да ни/им текне!

Тогаш, во оваа констелација на политичките односи, помеѓу трите најголеми партии во нашата земја, во која  третата и  најмалата ( етничкоалбански најголемата), ги игра како што сака првите две, можат да направат разединетите етничкоалбански политички партии и нивните лидери  за да ги измешаат картите на политичката маса?! Многу просто, да ги остават на страна своите суетни, авторитарни и самобендисани карактери на страна и да создадат широк опозициски фронт на Албанците против ДУИ, и за прв пат да ја исфрлат ДУИ од орбитата на власта, поразувајќи ја на тој начин и изборно и политички. Бидејќи ДУИ и лисицата од Мала Речица , неколку пати со маестрални шах мат потези и кога биле во тесно, знаеле да излезат како победници. И во веќе далечната 2011 година, и особено на последните парламентарните избори во 2016 година, збирот на гласовите на етничките албански партии беше поголем од тие на ДУИ, но поради постојниот изборен модел, со кој во предност се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ  и ДУИ, послушниците на „ Александар Антиќ“, одново се претставувале како тие кои го „ црпат и го носат “ легитимитетот на Албанците во Македонија, како што своевремено постојано глаголеше по телевизиските дебати, другачка му на Муса Џафери, пратеничката Ермира Мехмети, чинам беше. Што пак им преостанува на најмалите етничкомакедонски партиички и нивните лидерчиња во оваа мала политичка бара, полна со крокодили. Па да го направат истото, што треба да го направат и опозициските партии на Албанците, бидејќи со постојниот изборен модел со шест изборни единици, само класичен политички дебил може да настапува самостојно и да мисли дека ќе освои значителен број на гласови со кои потоа ќе се факторизира на политичката сцена. Ама како што ни покажуваше практиката во минатото, такви политички дебили, имавме не само доволно, туку „ малу отпојќе“ што би рекле нашите сограѓани од Ресен. Во целата оваа гротескна театралност и политичка проституција која е на сцена во изминатите триесет години, што пак им преостанува на македонските граѓани, од сите етнички заедници. Веројатно ништо попаметно, освен на секој можен начин, индивидуално, групно, во помали заедници или преку масовни протести, да си ги бараат своите права, кои им следуваат согласно „ Уставот и законите “ што би рекла една друга другарка на еден бивш министер за финансии, кој имаше ниет да му ја скрши главата со слушалката од телефонот, на  најпознатиот македонски азилант. Бидејќи со вакви „ актери “ на македонската политичка сцена, нам ништо попаметно не ни останува освен, во буквална или во преносна смисла да им ја „ скршиме главата “ на безобразниците, кои во својата нахалност, алчност и бескрупулозност, многу пати им доаѓало да си ги скршат главите меѓу себе, а и сме биле сведоци дека и си ги испокршиле.


Благојче Атанасовски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок