28 Март, 2024
0.0284

Политички маргиналци се вртат кон Русија

Објавено во: Колумни 09 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Русија одново игра на погрешна карта во Македонија. Наместо да ги поддржи напорите државава што побрзо и полесно да влезе во НАТО и ЕУ, за потоа да има уште една пријателска држава на Балканот, таа се определува за политичките маргиналци и губитници. Дали е тоа новата стратегија на Русија за Балканот, за оној дел што остана неинтегриран во НАТО и ЕУ?

Откако виде дека нема аир од „српските“ партии во Македонија сега се чини Русија се врти кон „македонски“ партии. И тоа партии, кои ако не би биле во некоја голема коалиција никогаш не би ги помирисале собраниските коридори. Станува збор за партијата “Единствена Македонија“ предводена од Јанко Бачев. Партија на постојани маргиналци во политиката и постојани губитници на избори. Партија која под друго име беше исклучена од последниот парламентарен натпревар. Очигледно амбициите на Бачев се поголеми од неговите можности, па сега се решава со новото име, пандан на руската „Единствена Русија“, да води нова политичка борба. Ако може така да се нарече обидот да се внесе руски здив во македонската политика.

Драган Стоиљковиќ брзо се истроши. Застапник  и поддржувач на идејата за Балканот како неутрална воена зона и на Русија сега го нема никаде. Исто така и Стевчо Јакимовски од ГРОМ во чии корени е другата српска партија во Македонија, СНСМ на Драгиша Милетиќ.  И Стоиљковиќ и Јакимовски беа на аџилак во Москва, но се чини не се покажаа доволно добри за спроведување на руската политика за Македонија. Сега приматот им го зема Јанко Бачев. А тој, уште не се засушиле премачканите букви на името на партијата, станал поголем папа од папата. Па агитира за Македонија во Евроазиската економска унија и ја нуди Русија како алтернатива за сите наши болести.

Минатиот викенд во Скопје беа дојдени двајца Руси. Интелекталците Александар Дугин и Леонид Савин. Ги претставија како небаре секој ден да седат со рускиот претседател Путин на маса и да кројат светска политика. А станува збор за еден т.н. „идеолог на Путин“ и уште еден геополитичар. Сигурно не се веднаш до Путин во хиерархијата, но затоа имаат свое место во пропагирањето на руските вредности. За воља на вистината тие во Скопје се претставиле како „народни пратеници“. Во обид да го нагласат тоа, тие неколку пати повторувале дека не се испратени од официјална Москва. А штом една работа се повторува неколку пати, тогаш се отвора сомнеж за нејзината вистинитост.

Во Скопје, во присуство на гостите, се зборуваше за „Македонија во стратешки сојуз со Русија“. Небаре сме биле во некаков сојуз, па сега треба да перасне во стратешки.  Забораваат дека стратешка определба на Македонија поддржана од најголем број на населението се евроатлантските интеграции. А, според Бачев, најстратешки би било да влееме во Евроазиската економска унија. Евроазисата унија е добра замисла но се уште е далеку од улогата што ја има, на пример, Европската унија. Секако тие концептуално не се исти, но ЕАЕУ се уште е далеку од уходаноста на ЕУ. Во Евроазиската економска унија, главни држави членки се Русија, Казахстан, Белорусија, а членки се и Ерменија, Киргизија и Молдавија. Дефектот на оваа унија е во тоа што таа, барем мене, ми лични на друштво на слободни стрелци. И секој постојано нешто се заканува. Де ќе си одам од унијата, де останувам. Или пак политичките односи се напрегнати до степен на пукање. На пример меѓу Молдавија и Русија.

Србија пред некое време направи гест како да е заинтересирана за влез во Евроазиската унија. Можеби тоа е и искрена желба. Но од друга страна сака да влезе во ЕУ. Прашање на време е кога ќе се судрат желбите за влез во двете унии. Дотолку повеќе што во моментов такво нешто не е можно. Веројатно и кај нас сега има некаква идеја да се протурка нечија заложба за влез на Македонија во таа унија. Но засега тоа е илузија.

Што зборуваа Дугин и неговиот колега Савин? За некакво сесловенско братсво, за религија, за тоа дека ЕУ е пред распаѓање, за тоа дека Македонија сама треба да одлучи за своите идни намери...Потоа за други вредности на сегашна Русија, кои според нив водат кон заштита на својата култура, јазик и вера. Дугин и Савин пред да дојдат во Скопје биле во Србија, а од кај нас заминале за Грција. Да се надеваме дека по осознавањето на состојбите кај нас зборувале со некои Грци за проблемите на нашата црква, за името на нашата држава...

И Дугин и Савин  истакнаа во Скопје дека Русија може да и даде помош на Македонија. Исто како што и дале на Сирија или на Република Српска. „Македонија сега може да чека добра или лоша иднина, зависно од своите желба, но и зависно од своето решение по прашањата кои се приоритетни и суштествени. Во таа смисла се работи и за прашањето на вашето име Македонија. Ако по ова прашање или по било кое поприоритетно прашање за вас и вашата иднина, од вашата држава, од вашите државни раководители биде побарана помош од Русија, ние како братски народ, како Русија сме подготвени на било кој начин и на секој начин да ѝ помогнеме на Македонија. Повторувам, во било каква помош“, рече Савин во едно интервју за македонски медиум.

Доаѓањето на руските интелектуаци во Скопје може да се смета како нов обид да се направи нешто што во македонското општество би предизвикало повеќе да се зборува за некакво руско влијание во државава. Со поддршка на некои авантуристи и маргиналци да се работи на спречување или отежнување на евроатлантските интеграции. За тоа да се оствари во моментов нема клима во државава. Но, ако дојде до политичка криза која би се продлбочувала, а за што веќе има некакви почетни знаци, тогаш овие маргиналци и авантуристи би можеле да добијат на квалитет. А ако имаат и квантитет, тогаш нема да биде изненадување ако работите во Македонија одново се замрсат. Се ќе зависи од актуелната власт, колку таа ќе дозволи да оживеат некои амбиции Македонија да се сврти кон истокот. Небаре таму е спасот.

Македонија од своето основање ниту еднаш не ја гледала својата иднина на Исток. По осамостојувањето уште помалку. Па затоа и не може да се верува во испишување на такво сценарио за државава. Стратегијата со ново сценарио е губитничка за Русија. Губитничка во секој поглед. Зашто на крајот Македонија ќе лезе во НАТО, а потоа и во ЕУ. Маргиналците од типот на Бачев и други ќои ќе се јават ќе бидат само камче во чевелот на патот кон Запад.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?