25 Април, 2024
0.0269

По патот на розите: Казанлак и уште неколку места во Бугарија кои вредат за секој потрошен лев

Објавено во: Стил 07 Август, 2021

Добивај вести на Viber

Цврсто прегрната од опојниот мирис на далеку познатата роза дамаскана, хедонистичкиот поглед кон Црното море и вкусот на традиционалната храна - Бугарија е совршена туристичка дестинација која изобилува со разнолика понуда за сечиј џеб.

Благодарение на примамливата покана на бугарското Министерство за туризам, ве водиме со нас да се запознаеме со дел од културното наследство и морскиот туризам на нашиот источен сосед, кој има многу што да понуди.

И, веднаш ве советуваме, не е возможно да одите во Бугарија, а да не ја посетите Розовата долина, сместена јужно од централниот дел на Стара Планина, во градот Казанлак, Централна Бугарија, каде ве очекува совршена прошетка од соништата.

 Долината на розите изобилува со розата дамаскана – најголемото богатство во овој регион и еден од националните симболи на Бугарија која е далку позната по импресивно растечките култури на овој цвет.

Но, да почнеме со ред.
За да го доживеете духот на Бугарија во целост, првата стоп станица секако нека ви биде чудесната престолнина Софија, која дефинитивно ќе ве примами да останете ден, два за да се запознаете со сите нејзини богатства. Од вличенствената црква Александар Невски, еден од симболите на Бугарија, Црквата Св. Софија, една од најстарите цркви во Софија, па исклучително убавата Руска црква, сите сместени во центарот на градот, преку мноштвото од театри, галерии и музеи, сè до ексклузивните хотели, и традиционалните, но и оние ултра модерни ресторани – главниот град на Бугарија ќе ви ги украде срцето и мислите за миг. 

Втора и задолжителна дестинација во Бугарија е несомнено Светиот Рилски манастир – светски популарно туристичко место вклучено на Списокот на светско културно наследство на УНЕСКО. Импозантната градба на манастирот ќе ве остави без зборови, а од таму ќе си заминете со чувство на мир и спокој.

Топла препорака е понатаму да продолжите во вториот најголем град во Бугарија, после Софија, Пловдив, чиешто главно обележје е Стариот град.

Тамошните тесни улички, уникатни историски градби и археолошки споменици и музеи ќе ве намамат да посакате да го истражите секој агол од овој импресивен град. А тука се и еден од најзачуваните антички театри во светот, Филипополос, како и римскиот стадион Филипополис и вториот по големина етнографски музеј во Бугарија.

Продолжувајќи од таму, патот на розите ќе ве одведе на можеби, како што веќе спомнавме, најатрактивната туристичка дестинација во Бугарија, во бајковитата Долина на розите сместена во Казанлак.  

Во срцето на Долината на розите, најпрво изникнува фабриката „Дамасцена“ за производство на масло од роза, отворена во 1991 година, за во 2007 година да прерасне во Комплекс „Дамасцена“ во чиј состав е и Етнографскиот музеј, како и розариум, ресторан и изложбен дел со продукти добиени од розата дамаскана.

Розовото масло од розата дамаскана, уште го нарекуваат и „течно злато“ на Бугарија, и е еден од најценетите продукти, а заедно со розовата вода се користат во фармацевската индустрија за козметика и лекови, како и во прехранбената индустрија.

Интересно е тоа што за еден килограм етерично масло од роза потребни се 3000 до 3500 килограми листови од роза, односно за една капка масло се потребни 30 рози.

Високите температури и жешкото лето пак, нека ви бидат синоним за едни од најпознатите летувалишта во Бугарија.
Сончев Брег – центарот на летните случувања со туристи од цел свет, ќе ви понуди разновидни можности за сместување, забава, шопинг и одмор.
Недалеку од Сончев Брег, застанете во Несебар – Стариот град кој се протега на мал полуостров, Несебар е прогласен за музејски, туристички комплекс со одморалишта, со меѓународно значење поради исклучителната историска и културна вредност.

Доколку сè уште не сте одлучиле каде ќе летувате сезонава, Варна со нејзините соседи, најпопуларните Црноморски летувалишта во Бугарија - Златните песоци и Св.Константин и Елена се дефинитивно вистински избор.

За крај, не заобиколувајте го градот чија историја датира од пред повеќе од пет илијади години – Велико Трново. Овде ќе имате можност да уживате во прекрасниот панорамски поглед кон градот доколку се искачите на едно од најпосетуваните туристички места во Бугарија, тврдината Царевац. Карактеристична по одбранбените ѕидови и влезови, сведочи за периодот кога Трново било прогласено за престолнина на Второто Бугарско Царство. 

Во Велико Трново карактаристични се и занаетчиските дуќани, каде ќе можете да уживате набљудувајќи, на пример, како се изработуваат грнчарски производи.


Љ.Иванова


Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган