20 Април, 2024
0.0280

По Казахстан, немири и в Узбекистан – Централна Азија слатко парче

Објавено во: Колумни 04 Јули, 2022

Добивај вести на Viber

Во првата половина на јануари годинава Казахстан беше зафатен од протести кои прераснаа во немири во кои имаше и жртви. Кулминација беше повикот на казхстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев до ОДКБ(Организацијата за колективна безбедност) за помош поради инфилтрирањето на странски терористички групи на територијата на Казахстан, кои учествуваале во немирите. Русија и другите членки на ОДКБ веднаш пратија свои сили таму, а по брзо време, откако ја завршија работата тие беа повлечени.

Тогаш настаните во Украина само се навестуваа. Но Запад, САД и ЕУ, иако на почетокот молчеа, кога Казахстан побара воена поддршка од сојузниците тие веднаш реагираа. Де се сомневаа во законитоста на праќањето сојузнички, мировни сили во Казахстан, де бараа почитување на човековите права и нудеа соработка со власта и населението во решавањето на проблемите. Парафразираниот одговор на казахстанскиот претседател Касим Жомарт  Токаев беше: „Ни викаат да водиме преговори. Со убијци и терористи нема да водиме преговори“.

Во Нукус, главен град на Каракалпакстан, автономна република во Узбекистан, на 1 јули илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против промените во уставот на земјата. Тие протестираа против промените со кои ќе му се овозможи на сегашниот претседател Шавкат Мирзијоев да му се „избрише“ досегашниот претседателски мандат, по примерот со рускиот претседател Владимир Путин. И да му е овозможат нови мандати. Освен тоа со најавените промени  се ликвидира широката автономија на најголемиот регион во државата Каракалпакстан, автономна република која зафаќа околу 40-тина проценти од површината на Узбекистан. Во неа има околу два милиони жители, покрај една третина Каракалпакчани, има и една третина Узбеци и малку помалку Казахстанци. А целиот Узбекистан има околу 35 милиони население.

Со сегашниот Устав Каракалпакстан е суверена република во составот на Република Узбекистан. Таа има право со референдумско изјаснување на населението да излезе од составот на Узбекистан. Во предлогот на Уставот, според демонстрантите, се предлага суверенитетот и правото на отцепување да се избришат. Демонстрантите, не се за отцепување, но не ги даваат овие права. За утре водачите на демонстрантите договорија со властите голем мирен протест, но само по малку време еден од нив е уапсен заедно со семејството. Тоа уште повеќе ги натерало демонстрантите да излезат на улици да бараат негова слобода. Инаку Каракалпакстан во 1993 година има потпишано договор за влез во Узбекистан, кој трае 20 години. Но 20-те години поминаа, а Узбекистан воопшто не спомнува продолжување или применување на договорот. Сите молчат како тој да не постои. А догодина ќе бидат поминати 10 години од неговото истекување.

Претседателот Шавкат Мирзијоев е на чело на државата од 2016 година. Сега му тече вториот мандат, кој треба да заврши во 2026 година. Но доколку се усвојат промените и му се „поништуваат сегашните мандати, тогаш тој би можел да претседателствува уште 14 години, бидејќи сега се предлага и продолжување на мандатот од пет на седум години. Во 2021 година кога Мирзоев го доби првиот мандат освои над 80 проценти од гласовите на избирачите. Најмногу поради тоа што на народот му беше преку глава од авторитарното владеење на неговиот претходник, Ислам Каримов.

Мирзијоев не ги остави работите до крај да ги решава полицијата. Тој веднаш на 2 јули се упати во Нукус. Пред Каракалпакстанските пратеници и општественици изјави дека нема да се чепка во членовите кои го одредуваат политичкиот и правниот статус на Каракалпакстан. Дека промените ќе одат на рферендум. Но ни збор за мандатот. На 3 јули тој повторно допатува во Нукус. Во реони во градот зборуваше со локално население. Некои од локалните жители, според медиумите, признаа дека „некои млади луѓе залутале и направиле незаконски дејствија, паднале под влијание на надворешни зли сили и станале емотивни. Соговорниците истакнаа дека узбекистанскиот и каракалпачкиот народ се двојазични народи и дека е неопходно да се вреднува единството и мирот во земјата“.

Истиот ден Шавкат Мирзијоев повторно одржа состанок со пратеници, ветерани и активисти во Врховниот совет на Каракалпакстан, каде што го повика народот да се обедини и обедини. Па се пофали за успеси околу спасот на Аралското море.„Во сувиот дел на морето се создадени зелени површини на површина од 1.733.000 хектари. Се развива петгодишна национална програма за обнова на флората и фауната на архипелагот. Развојот на регионот на Аралското Море стана приоритет на државната политика, ние секогаш го привлекувавме вниманието на светската заедница кон проблемот на регионот од сите меѓународни арени“, рече Мирзијоев. Тој е искусен политичар и знае што сака да чуе народот и тоа му го кажува. Па малку додворување на домаќините:„Со целосна доверба велам дека позитивните трансформации што се спроведуваат во Каракалпакстан сигурно ќе продолжат со постојано темпо. Бидејќи судбината на Каракалпакстан е судбина на Узбекистан, среќата и благосостојбата на народот Каракалпакчански е среќа и благосостојба на целиот узбекистански народ“.

Но, веднаш потоа додава дека верува во мудроста на Каракалпакчаните кои доживеале перипетии во животот, па ги повика:„ да се однесуваат мудро, да не подлегнуваат на разни, вклучително и злонамерни дејствија однадвор и да не станат нивни жртви“. Зашто „Секое дејствие што поттикнува сепаратизам, граѓански немири и насилен отпор кон властите ќе бидат строго потиснати со сегашната легислатива, а сторителите ќе претрпат неизбежна казна, се закани Мирзијоев. И капак, воведена е вонредна состојба на територијата на Каракалпакстан од 3 јули до 2 август. Со полициски час од 21 часот навечер до 7 наутро. Така што нема ништо од договорениот митинг за утре.

Во Каракалпакстан има опозиција кој може да му наштети на Мирзијоев. Уште во 2014 година на интернет се појави опозициско движење „Алга, Каракалпакстан“ со повик за демократски промени на регионот како независна република или припојување кон Русија или Казхстан. Тие движења тогаш го покренуваа прашањето за одржување референдум кој ќе одлучува за судбината на регионот. Но до ден денес нема ништо од тоа и покрај истечениот договор со кој Каракалпакстан е дел од Узбекистан.  Во Ташкент тој се“ повеќе се перципира како обична формалност.

Каракалпакстан, веќе рековме е околу 40 проценти од територијата на Узбекистан, со малубројно население, тој е стратешки регион во однос на транспортните комуникации, гасоводите, има резерви на нафта, гас и други природни ресурси. „Оваа република има ресурси да обезбеди независно постоење, дури и со тешкотиите што објективно постојат. Но, локалниот буџет добива малку од нивното присуство, профитот оди во Ташкент“, забележува Виталиј Пономарјев, активистот за човекови права и директор на централноазиските програми во центарот за човекови права „Меморијал“(сега избришан од регистарот и укинат) од Москва. Според Пономарјев: „Дискусијата за референдум во Каракалпакстан оживеа по признавањето на независноста на Косово во 2008 година. Тогаш првиот апел се појави на Интернет и имаше забележителен ефект во земјата. Но, до летото 2014 година, узбекистанските власти избегнуваа јавно да признаат дека движењето за независност воопшто постои“. А врз активистите биле вршени притисоци, обвиненијата биле фабрикувани со кривични дела.

Еден од лидерите на „ Алга, Каракалпакстан“, од тоа време, Аман Сагидулаев, кој во меѓувреме бараше политички азил во Киргистан, во интервју за „Дојче веле“ пред десетина години изјави дека тие се за независност и демократски промени. И додава:„А тајните служби на Узбекистан не прогонуваат дури и во странство, иако ние не сме сепаратисти..“ „Ние сме противници на насилството, а не исламисти и не националисти. Не соработуваме со официјалните власти на Русија, Казахстан или западните земји. Нашите напори ќе ги насочиме кон тоа, на овој проблем да му се обрати внимание во ОН, чиј член имаме право да бидеме, и ОБСЕ. Под нивен надзор може да се спроведе референдум, дури и под Ислам Каримов“, изјави тогаш Садулаев.

Оттогаш изминаа десетина години. Еве сега повторно протести и немири. Никој не спомнува сепаратизам. Но се споменуваат „злонамерни дејствија однадвор“. Кое и каде е тоа однадвор, знае само Мирзијоев. А може да е и за внатрешна употреба. Западот, САД и ЕУ, засега не се јавиле. Ниту Русија. Казахстанското МНР даде изјава во која се нагласува дека Узбекистан е братска држава, надежен сојузник, и стратешки партнер на Казахстан. И ги поздравува и поддржува решенијата на највисокото раководство на Узбекистан за стабилизација на Република Каракалпакстан.

Отскокна со својата изјава белорускиот претседател, Александар Лукашенко.Тој нагласи дека после настаните во Казахстан на почетокот на годинава, предупредувал на опасност од дестабилизација на Узбекистан. Според него следната битка во борбата за повторна поделба на светот ќе биде во Централна Азија, а симптомите за тоа веќе се појавија. „„Американците сакаат да доминираат, тие сакаат униполарен свет, а кој ќе крене глава е бомбардиран. Причината е појавата на нови односи во светот, мултиполарноста. Денес се води борба не само за нашиот постсоветски простор, неговиот европски дел, денес се разви борба за Централна Азија, каде што се нашите (поранешни советски) републики“, рече Лукашенко. Според него, не е безбеден ниту Казахстан. „Централна Азија, како и ние, се најде меѓу два пожари: од една страна Европејците и Американците, од друга страна Кина, која во голема мера и помага на Централна Азија да преживее. Оваа борба ќе биде во Централна Азија во блиска иднина, симптомите на тоа веќе се појавија“, изјави белорускиот претседател.

И така. Кина од една САД и Европа од друга. Сите притискаат за слаткото парче – Централна Азија. Но не е јасно како ќе се однесува Русија. Или таа веќе е избришале од тимот на големите играчи. А може да се каже дека таа има најголем интерес во тој дел од светот. Да не е избришале предвреме?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок