ПЛАНИРАЛЕ НАПАДИ И ВО МАКЕДОНИЈА: Во групата осудени има и една жена
Објавено во: Балкан 05 Септември, 2019
Шест лица во Косово се осудени на 25 години затвор поради планирање терористички напади.
Основниот суд во Приштина денеска осуди шест лица на вкупно 25 години затвор поради планирање терористички напади врз припадници на мисијата на КФОР, објекти на Српската православна црква, како и дискотеки.
Во обвинението на Специјалното обвинителство стои дека обвинетите планирале да формираат организација што ќе подготвува терористички и самоубиствени напади во Косово, Албанија и Македонија.
Порталот Кошев пренесе дека Бујар Бехрами е осуден на десет години затвор, Грамос Шабани на седум и Ресим Кастрати на четири години. На Леутрими Муслиу му е одредена затворска казна од 27 месеци, на Алберт Адемај 18 месеци, а Едона Хаљити е осудена на една година затвор.
Судот како дополнителна казна нареди и конфискација на 9.000 евра и огнено оружје.