19 Април, 2024
0.0308

Интервју со Пине Чезура, Генерален менаџер на П&П Индустри

Пине: Направив совршен проект за Дрисла, којшто не е имплементиран и сега Дрисла е катастрофа за животната средина

Објавено во: Македонија, Интервјуа 14 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Ништо не е сторено, освен неколку колатерални работи. Машините што ги купија од компанијата што јас ја претставувам, се во Дрисла од 2014 година, покриени, никогаш не користени, а не се ни платени се уште, вели во разговор за Фактор, Пине Чезура, Генерален менаџер на П&П Индустри. Инаку тој беше консултант на компанијата ЕКОТЕК која во 2010 година победи на тендерот за изградба на инсенератор за медицински отпад во Дрисла, проект кој досега не е реализиран.

Што се случи впрочем?

- Јас пристигнав во Македонија во 2010 година со цел да учествувам на тендерот за изградба на инсенератор за медицински отпад во Дрисла. Тоа беше меѓународен тендер во кој компанијата ЕКОТЕК (ECOTECH), во која јас бев консултант, победи заради мојот проект. Целта на тендерот беше да се изгради инсенератор во Дрисла. ЕКОТЕК го доби првиот дел од исплатата предвидена на тендерот, а после тоа ништо не се случи.

Во меѓувреме, знаев за меѓународниот тендер за приватно јавно партнерство за депонијата во Дрисла (не за инсенератор, туку за депонија). Го подготвив проектот и го претставив на УНИЕКО (UNIECO) и на ФЦЛ АМБИЕНТЕ (FCL AMBIENTE), компанија во сопственост на браќата Феразоли, која формираше конзорциум. Никогаш не бев дел од овој конзорциум. Од неколку компании што аплицирале, 3 беа избрани за учество: првата беше австриската компанија АСА (ASA), втората беше германската компанија SHULZ (SHULZ ) и третата беше FLC Ambiente, којашто победи на тендерот со проектот што јас го направив.

Но, подоцна, ништо од проектот не беше реализирано. Мислам дека не е направено ништо значајно.

Какви беа инвестициските планови со Дрисла?

- Во проектот на Дрисла инвестициите, според тендерот беа 73 милиони евра за 35 години, што требаше да опфати третман на водата, третман на исцедок, изградба на плоча за селекција и рециклирање на отпад, производство на RDF (гориво од отпад), постројка за градежен и уништувачки отпад, фабрика за компостирање на зелен отпад, како што се бара од ЕУ заедницата. Ништо, навистина ништо од ова не е изградено до денес. Прашањето е тоа дека Дрисла произведува околу 600 000 тони комунален отпад годишно, а тарифатае 12 евра по тон, тоа значи дека само од комунален отпад што се носи со камиони во депонијата, што доаѓа од граѓаните, Дрисла има промет од 7,2 милиони евра и профитот би можел да биде повеќе од 1,5 милиони евра на годишно ниво, што е доволно пари за реализација на проектот.

Дали знаете што точно се случило со овој проект?

Мислам дека проектот е стопиран затоа што немаше инвестиции од ФЦЛ Амбиенте. Проектот е оној што победи на тендерот и тие се должни да ги следат правилата на тендерот. Она што го знам е дека ништо не е сторено, освен неколку колатерални работи. Машините што ги купија од компанијата што јас ја претставувам, се во Дрисла од 2014 година, покриени, никогаш не користени, а не се ни платени се уште.

Според вашиот проект, каков е методот на управување со отпадот во Дрисла?

- Во суштина, сè што правам како проект за третман на отпад е, пред сè, според европски правила и многу внимание обрнувам на емисиите, како за водата така и за воздухот. Моето мислење е дека најдобро решение е да се обидеме да рециклираме сè што можеме да собереме од отпадот и да произведеме, според законот, алтернативно гориво што може да се користи наместо мазут и дрво. Во овој проект имаше механички третман на отпадот, максимално раздвојување и максимално рециклирање. Тоа значи дека од 100% влезен отпад, а само 20% да бидат обработени во депонијата, во целосно контролирана ситуација.

За каков отпад е наменет вашиот проект?

- На почетокот зборувавме за комунален отпад, но дозволата за Дрисла беше и за индустриски отпад и за опасен отпад. Јас ги направив сите проекти и Дрисла ги доби сите овластувања од Министерството за животна средина. Но, колку што знам, ништо не е сторено.

Дали е можно вашиот проект да се спроведе сега, после сите овие години?

- Апсолутно да. Овој проект е сè уште многу актуелен, пред сè затоа што не користи никаков систем за горење, а тоа значи дека нема емисија во воздухот, што е многу важно овде во Скопје, и второ затоа што особено внимание се посветува да нема потенцијално загадување на водата. Денес не знам што се случи навистина, знам дека ништо не е изградено, се надевам дека мојот проект ќе биде имплементиран затоа што е многу добар проект, технички напреден и модерен.

Претходно споменавте дека машината е купена, но сè уште не ја инсталирале?

- Ова е една машина за третман на индустриски отпад што е во Дрисла. Англиската компанија која ја претставувам продаде на Ferazzoli FCL Ambiente ITALIA srl една од овие машини за многу мал надоместок затоа што тие веруваа во овој проект. Знам и имам документ дека FCL AMBIENTE Italia srl ​​му ја продаде на Дрисла оваа машина за вредност 5 пати поголема од цената што треба да ја платат. И, сепак, не е платена и по 6 години!!!

Која беше вашата улога во Дрисла?

- Никогаш не сум бил дел од Одборот на компанијата, ниту пак бев акционер на компанијата, работев како консултант и како специјалист за овој проект, ништо повеќе. Тоа е многу лесно да се провери во книгите во компанијата. Јас не бев и не сум вклучен во ситуацијата со Дрисла. Подготвувам и реализирам само технички и економски проекти. Досега не добив ниту едно ЕУР обештетување за мојата работа, само ветувања за плаќање. За сето ова време се обидов да најдам решение со FCL AMBIENTE, но до сега добив само зборови. Затоа, јас сум должен да одам пред Судот да ја заштитам мојата работа.

Што е со гласините дека Дрисла увезува отпад?

- Немам информации за овој случај, но според мојата стручност и според моето знаење за управување со отпад, верувам дека тоа не е можно. Законот е многу комплициран не само на македонската страна, туку и од земјата од која се извезува отпадот. Тешко е да се случи нешто што не се контролира.

Воздухот во Скопје и околината е многу токсичен и поголемиот дел од граѓаните сметаат дека ова доаѓа од Дрисла и дека Дрисла го загадува воздухот, можно ли е тоа?

- Ова е многу важно прашање. Секој треба да знае дека Дрисла не го загадува воздухот со комунален отпад. Тековното загадување на воздухот во скопскиот воздух доаѓа од куќите и малите субјекти кои користат грејни печки во дрво и други материјали. Не верувам дека комуналниот отпад од Дрисла го создава овој лош квалитет на воздухот. Ако комуналниот отпад го загадуваше воздухот, тоа би требало да се случува и летно време. Напротив, загадувањето се зголемува со зимската сезона и почетокот на сезоната на греење.

Од друга страна, повеќе сум загрижен од инсенераторот за медицински отпад. Лично, се плашам да одам близу до Дрисла кога се гори медицински отпад. Процесот на управување со медицинскиот отпад е буквално како „пицерија“. Исто така, оџакот е многу низок и она што излегува од оџакот веднаш се спушта на околината. Ништо слично на мојот проект за инсенератор на медицински отпад со современ систем на заштита на работниците и воздухот.

Ако ме прашате што мислам за ризикот од Дрисла, првиот ризик е апсолутно медицинскиот отпад и загадувањето на водата.


Можеби ќе ве интересира

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне