24 Април, 2024
0.0249

Перење пари преку готовински трансакции

Објавено во: Колумни 03 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Познато е дека во светот на криминалот и сивата економија доминираат плаќањата со готови пари. Криминалците не сакаат да влезат во некоја евиденција за извршени трансакции едноставно за да не им се открие трагата. Плаќањето со готови пари е најлесен начин да се скрие активноста поради која дошло до плаќање и да се избегнат законските обврски. Готовинските трансакции ги стимулираат порастот на шверцот, сивата економија, даночната евазија итн. Но, криминалните групи кои се занимаваат со нелегални активности (трговија со дрога, оружје, бело робје и сл.) сакаат да уживаат во плодовите од својот криминал. За да го направат тоа на начин кој е безбеден за нив, тие мора да ги внесат нечистите пари во системот на финансиски институции за да ги исперат. При внесот на готовите пари, финансисите институции не се секогаш во можност да го испитаат потеклото на тие пари. Впрочем, таа функција треба и мора да ја имаат други органи (управа за јавни приходи, финансиска полиција итн.). Проблемите со испитувањето на потеклото на готовите пари ја зголемува ранливоста на финансиските институции и опасноста од нивно инволвирање во процесот на перење пари.

  Како депоненти на готови пари во финансиските институции можат да се јават и физички и правни лица. Со оглед на тоа што овие две категории на комитенти имаат свои специфични карактеристики, тие мора да бидат посебно разгледани.

   Депонирањето готови пари во вид на штеден влог од страна на физичките лица е сосема нормална и природна активност. Физичките лица можат да примаат плата во готови пари, да остваруваат некои други приходи и ги вложуваат во банка. При вложувањето на готовите пари, банката го утврдува идентитетот на вложувачот. Доколку лицето коешто ги вложува парите не се наоѓа на некоја „црна" листа,банката ги прифаќа готовите пари во вид на депозит. Испитувањето на бонитетот и интегритетот на физичките лица (посебно на оние кои за првпат стапуваат во деловен однос со банката) е навистина тешко. Дури и кога банкарскиот службеник има информации за професијата и висината на приходи на потенцијалниот комитент, комитентот секогаш може да тврди дека средствата ги остварил од друг легален извор. Банкарскиот службеник не е секогаш во можност да се увери во веродостојноста на исказите на комитентот во поглед на потеклото на готовите пари што ги вложува.

  Малку е поедноставна ситуацијата при депонирањето готови пари од страна на правните лица. Со оглед на тоа што правните лица мора да припаѓаат на одредена гранка на дејност, за банката е многу полесно да ги проучи карактеристиките на таа дејност и да добие сознанија за висината на приходите што се остваруваат во готови пари. Во практиката се среќаваат повеќе дејности кај коишто доминира работењето со готови пари. Дел од нив можат да бидат злоупотребени од страна на субјектите кои се занимаваат со перење пари и имаат намера на тој начин да ги легализираат своите приходи. Природата на дејностите кои работат со готови пари и проблемите што се јавуваат при идентификацијата на невообичаените активности ги прават овие дејности високоризични кога е во прашање перењето пари.

За да го намалат ризикот од перење пари, банките се должни, при воспоставувањето деловен однос, доследно да ги применуваат своите програми, политики и процедури за спречување перење пари. Тие се должни да извршат процена на ризикот од перење пари по пат на извршување на готовински трансакции и да ги анализираат бонитетот и интегритетот на субјектите при отворањето на сметката и извршувањето на трансакциите. При отворањето на сметката, банката треба да ги познава деловните активности на комитентот, целта поради која се отвора сметката, претпоставениот обем на прометот на сметката, банкарските производи и услуги што ќе ги користи комитентот, како и географските локации кои би биле опфатени со тој деловен однос.

При повлекувањето на депозитите во готови пари од страна на физичките или правните лица, ризикот од перење пари на кој може да биде изложена банката е секако, помал. Повлекувањето на готови пари има поголемо значење за правниот и економскиот систем во целина, отколку за одделна банка. Сепак, со оглед на репутацискиот ризик (од кој може да произлезат и други видови на ризици), банката мора да обрати внимание на фактот кои комитенти повлекуваат готови пари, колку често го прават тоа и со каква цел.

Меѓународниот трансфер на готови пари, исто така, мора да биде предмет на посебна опсервација. Слично како и кај повлекувањето на готови пари од банките, и тука поголема улога имаат државните, а посебно царинските органи. На ниво на држава мора да биде пропишан лимитот на готови пари кои резидентите и нерезидентите можат да ги внесуваат и изнесуваат. Исто така, мора да бидат воспоставени процедури на пријавување на готовите пари на царинските органи. Банките се должни да соработуваат со царинските и другите државни органи, затоа што во крајна инстанца, готовите пари потекнуваат или ќе завршат кај тие финансиски институции.

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народната банка на Република Македонија


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок